GW2RU
GW2RU

Тлото исчезнува под нозете! Како метрото за малку не доведе до уривање на Ленинград

Бригада на „Ленметрострој“, 1980.
Олег Пороховников / TASS
Санкт Петербург (претходно Ленинград) почива на острови. Изградбата на метро во такви услови е мошне сложена работа. Во една пригода инженерите не се изборија со тежината на оваа задача и градот за малку ќе пропаднеше во земја. Дознајте што точно се случи и како беше избегната трагедија.

8 април 1974 година за малку не заврши со трагедија. Градителите на ленинградското метро дупчеа уште една дупка за испитување, но од неа ненадејно потече вода. Набргу водата го проби ѕидот и продре во веќе активен тунел во кој се движеше воз со патници. Тунелот брзо се полнеше со вода и со песок. Тоа се случи во 16.30. За среќа, со големи напори избегната е трагедија.

Сергеј Смољски / TASS

Излегува, меѓутоа, дека тоа беше само почеток на огромни проблеми.

Коктел од вода, песок и мраз

Априлскиот инцидент се случи помеѓу станиците „Леснаја“ и „Плошчад мужества“. Наскоро стана јасно дека до несреќата во „разливот“ (како што денес санктпетербуржани го нарекуваат овој тунел) дошло од брзање. Имено, планирано е отворањето на новите станици на метрото да се одржи по повод 25 конгрес на Комунистичката Партија на Советскиот Сојуз во 1976 година. Меѓутоа, инженерите знаеја дека тоа нема да биде лесно. Имено, токму во делот на станицата „Плошчад мужества“ се наоѓаа голем број таканаречени „пливуни“, пукнатини во Земјината кора исполнети со вода и со песок.

Првиот воз на церемонијата на отворањето на станицата „Площадь Мужества“ (Плоштад на храброста)
Николај Науменков / TASS

За на такво место да се ископа тунел, беше потребно или да се заобиколат пливуните, или да се поткопа под нив, или, пак да се замрзне и да се копа диркетно низ нив. Инженерите го избрале последниот метод. Одлучиле да се гради директно низ старото корито на реката Нева, таканаречениот Ковенски разлив.

Очигледно градителите знаеле колку е опасен овој метод. За заштита на другите станици на метрото во случај на несреќа биле предвидени бетонски конструкции со дебелина од 3 метри кои требало да ги затнат местата од коишто евентуално би можела да продре вода. Но, во критичниот момент тие не помогнаа. Само за неколку часа коктел од вода, песок и мраз исполнија 45 илјади кубни метри од тунелот.

Меѓутоа, најстрашно беше тоа што по толку големо одлевање на подземните води во околното тло се формираа шуплини. Земјата без потпора едноставно започна да слегува, повлекувајќи со себе сѐ што се наоѓаше на површина, односно улиците на Ленинград.

Линии на метрото во Ленинград 1973 година
Владимир Целик / Sputnik

Поради спуштањето на тлото среде улиците се формираше длабина со димензии 400 на 200 метри и длабочина од 3 метри. Многу улици и места на разлив беа оштетени: на Политехничката улица испука асфалтот и беа скршени трамвајските шини, се урна административната зграда на фабриката „Красни октјабр“, а неколку соседни згради опасно се искривија. Огромните градби во самиот центар на градот се најдоа во опасност да потонат под земја.

За овој настан во 1986 година беше снимен филмот со наслов „Пробој“.

Плакат за филмот „Пробој“
реж. Дмитриј Светозаров, 1986/Ленфильм

Што понатаму?

По несреќата претпријатието Метрострој започна да размислува за тоа како сето ова да се доведе во ред. Шуплините на тлото беа решени на едноставен начин: во нив беше уфрлена вода од водовод.

Сепак, инженерите не се откажаа од изградба на ова место. Постоеја две варијанти: да се изгради нов тунел на истата маршрута, но над или под подземната вода со цел да се избегне ризик од поплавување; или, пак, тоа место да се заобиколи, со тоа што во тој случај мораше да се изгради уште една дополнителна станица.

Сергей Смольский/TASS
Сергеј Смольски / TASS

На крајот стручњаците се решија за првата варијанта. Новиот тунел започна да се пробива директно над стариот перон. За повторно да не дојде до несреќа, тлото на ова место овој пат не беше замрзнато со помош на стандардна криогена опрема како претходно, туку со помош на течен азот. Ова, инаку, во тоа време беше прилично редок стратешки материјал. Затоа мораа да го носат од сите страни на Советскиот Сојуз, а вкупно се употребија над 8 илјади тони течен гас. Откако тлото беше замрзнато, околу тунелот е изграден штит којшто дополнително ги штити ѕидовите од продор на вода.

Станиците беа повторно отворени во 1975 година. Во текот на првите неколку години стручњаците внимателно ја следеа состојбата во тунелот со цел веднаш да забележат какви било отстапувања. Затоа на возовите и на ѕидовите од тунелот беа поставени сензори, а возовите минуваа по овие делници со намалена брзина. Но, до 1984 година градителите се уверија дека повеќе не постои опасност и сите ограничувања за користење на тунелот беа укинати.

Влез на станицата „Плошчад мужества“ (Плоштад на храброста)
Юриј Белински / TASS

Второ излевање

Санктпетербуржани повторно се потсетија на одлевањето од 1974 година на почетокот на деведесеттите кога во озлогласениот тунел повторно е пронајдена вода со песок. Излезе дека хидроизолацијата попуштила.

Патниците во вагоните забележаа дека возовите се движат низ матна вода којашто толку многу ја имаше што подземните пумпи не успеаја да ја отстранат. За да се реши овој проблем, Метрострој најпрво ја затвораше станицата преку викенд, а потоа во работни денови во вечерните часови. Меѓутоа, водата продолжи да продира.

Освен тоа, инженерите направија грешка кога над стариот тунел изѕидаа нов, па долниот тунел трпеше дополнителен притисок кога низ горниот поминуваа возови, така што новиот тунел почна да пропаѓа во стариот, а заедно со него пропаѓаше сета изолација и заштитните штитови.

Во 1995 година тунелот беше повторно затворен, а станбените населби на северот од градот останаа отсечени од центарот.

Тунели на ленинградското метро, 2004 година.
Сергеј Смольски / TASS

Третиот по ред тунел е изграден на 200 метри од стариот и 20 метри над него. Низ него возовите почнаа да сообраќаат во 2004 година. Засега во него сѐ функционира како што треба.