Како Русија се бореше против Велика Британија и Франција на Крим

Национален воен музеј на Шкотска „Тенката црвена линија“, сликар Роберт Гиб
Национален воен музеј на Шкотска
За време на Кримската војна се водеа битки на Кавказот, Балтикот, Балканот и на Далечниот Исток, но битката за Севастопол беше одлучувачка.

Кон средината на XIX век, Русија се најде во војна со цела коалиција од држави: Османлиското царство, Велика Британија, Франција и Кралството Сардинија. Конфликтот настана поради желбата на царот Николај I да ги зајакне своите позиции на Балканот и да воспостави протекторат над целото православно население на Османлиското царство.

Музеј Ермитаж „Портрет на Николај I”, Егор Ботман.
Музеј Ермитаж

Велика Британија и Франција имаа намера да го спречат ширењето на руското влијание во регионот. Кралството Сардинија не беше особено заинтересирано за Балканот и Мала Азија, но се стремеше да стане центар на обединетите италијански држави и веруваше дека ќе ги постигне своите планови преку учество во коалиција со водечките западни сили

Sailko (CC BY) Истоварувањето на сојузничките трупи на Крим,14 септември1854. (Исидор Пилс)
Sailko (CC BY)

Почетокот на Кримската (или Источната) војна беше доста успешен за Русија. Во 1853 година турската војска претрпе тешки порази кај Ахалцихе и Башкадиклар, а турската флота беше уништена во поморската битка кај Синоп. Од друга страна, овие настани го забрзаа влегувањето на Британците и Французите во војната.

Централен военопоморски музеј Битката кај Синоп, Иван Ајвазовски.
Централен военопоморски музеј

Летото 1954 година кај бреговите на Крим се појави обединета англо-француска флота, која по бројот на воени бродови беше три пати поголема од руската. Во септември сојузничкиот експедициски корпус ги зазеде градовите Евпаторија и Балаклава, ги порази трупите на кнезот Александар Меншиков во битката на реката Алма и, заедно со Турците, го опколи Севастопол, главната база на руската Црноморска флота.

Колекција на Версајската палата Битката кај Алма, 20 септември 1854. (Ежен Лами)
Колекција на Версајската палата

Меѓутоа, не беше толку лесно да се освои градот. Влезот во заливот од морето беше блокиран од специјално потопени бродови, а благодарение на залагањето на воениот инженер Франц Едуард фон Тотлебен, околу Севастопол во најкус можен рок беа изградени бројни тврдини и бастиони, километарски ѕидови направени од вреќи со земја и бил создаден разгранет систем на ровови.

Военоисториски музеј на артилеријата, инженеријата и врската. Опсадата на Севастопол 1855. Григориј Фјодорович Шукаев
Военоисториски музеј на артилеријата, инженеријата и врската.

Ќе пропадневме ако го немавме Тотлебен“, зборуваше адмирал Павел Нахимов, еден од командантите на одбраната.

Северно од градот Балаклава на 25 октомври 1854 година дојде до битка која не ѝ донесе победа на ниту една страна. Во неа беше извршен таканаречениот „напад на Лесната бригада“, кој набрзо стана познат. Поради недоразбирање во пренесувањето на наредбите, елитната британска лесна коњаница тргна во самоубиствен напад врз силните руски артилериски позиции, поради што загинаа 118 војници, 127 беа ранети и 60 заробени. Помалку од 200 коњаници останаа во седлото.

Defence Academy of the United Kingdom, Shrivenham „Нападот на лесната коњаница“, 1877, Томас Џоунс Баркер.
Defence Academy of the United Kingdom, Shrivenham

Од таа битка потекнува и познатиот израз „Тенка црвена линија“. Имено, за да го покрие широкиот фронт од евентуален напад на руската коњаница, генерал-мајор Колин Кембел, командант на 93-от пешадиски полк (Планинците на Садерленд) им нареди на своите војници да се постројат во линија по двајца, а не по четворица како што беше наведено во прописите.

Национален воен музеј на Шкотска „Тенката црвена линија“, Роберт Гиб.
Национален воен музеј на Шкотска

„Нема да има наредба за повлекување, момци. Мора да умрете каде што стоите“, рече тогаш генералот. На самиот почеток, руската коњаница го запре нападот врз позициите на планинциите, но овој израз стана симбол на храброста и самопожртвувањето во англо-американската култура.

Иако борбите се водеа на Кавказот, Балтикот, Балканот и на Далечниот Исток, Крим беше одлучувачкото боиште на воените операции. Руската војска во неколку наврати се обиде да го ослободи Севастопол, но обидите не вродија со плод поради недостатокот на модерна транспортна инфраструктура на југот од земјата, а исто така и поради огромните проблеми со логистиката, предностите на англо-француската флота и неодлучноста на руската воена команда.

Версајски дворец Битката на Малахов Курган. Во преден план ранетиот генерал Пјер Боске, Кримска војна (1853-1856).
Версајски дворец

Додека гарнизонот во Севастопол се намалуваше од ден на ден, пролетта 1855 година сојузничките сили беа засилени со неколку десетици илјади војници од Кралството Сардинија, кое влезе во војната. Сепак, градот херојски ги издржа бомбардирањата и нападите. Одбраната на главната база на Црноморската флота траеше 349 дена, а кога стратешката позиција Малахов Курган беше заземена, стана јасно дека градот повеќе не може да се брани и на 11 септември 1855 година руската армија се повлече од Севастопол.

И покрај фактот што руската војска на Кавказ успеа да ја заземе важната турска тврдина Карс, падот на Севастопол го предодреди исходот на целата воена кампања. До крајот на 1855 година борбените акции постепено беа прекинати на сите фронтови, а страните стапија во преговори.

Музеј на историјата на Франција Учесниците на Париската конференција, Едуард Дубуфе
Музеј на историјата на Франција

Според Парискиот мировен договор од 30 март 1856 година, Русија беше принудена да се откаже од протекторатот над Влашка, Кнежеството Молдавија и Србија, да им ја врати на Турците Карс и низа други освоени тврдини. Исто така, беше лишена од правото да поседува флота во демилитаризираното Црно море (забраната беше укината во 1871 година). За возврат, Русија повторно воспостави контрола над сите територии кои беа заземени од сојузниците.

Кримската војна не беше геополитичка катастрофа за Русија, но му нанесе сериозен удар на финансискиот систем на империјата. Се покажа дека на Русија ѝ се неопходни големи реформи во воената, социјалната и економската сфера, кои набрзо ѝ ги започна царот Александар II кога по смртта на неговиот татко стапи на престолот на 2 март 1855 година.

Public domain Александар II во својот кабинет во Зимскиот дворец. Фотограф С. Л. Левицки.
Public domain

<