
Што се случи со командантот на баталјонот? Вистинската приказна за познатата фотографија

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Фотографијата на воениот дописник Макс Алперт „Командантот на баталјонот“ со командир кој ги предводи војниците во битка е еден од симболите на Втората светска војна, исто како и „Знамето на Победата над Рајхстагот“ или „Мајката-татковина повикува“ на Халдеј. Фотографијата на Алперт беше на насловните страници на неколку американски списанија, а се појави и во 1985 година на поштенска марка на Република Конго.
Алперт ја направи на 12 јули 1942 година на Јужниот фронт, за време на битката кај Ворошиловград (денешен Луганск). Тој сметаше дека на неа е прикажан командант на баталјон, па така ѝ ја именуваше. Вистинската приказна за човекот од снимката беше откриена дури во 1970-тите.
Последна фотографија во животот
Во своите мемоари во 1962 година Макс Алперт опиша како е направена оваа снимка. Во штабот бил испратен во баталјонот кој првпат пристигнал во првите борбени редови за да одбие контранапад. Фотографот дошол до рововите и го побарал командирот.
„Тоа беше едноставен, комуникативен човек, кој пред војната работел во канцелариите на некоја фабрика“, напиша Алперт.
Но, фотографот не сакал да се меша во подготовката на војниците за претстојниот тежок ден и не поставувал премногу прашања: „Војниците, разговарајќи полугласно, концентрирано се подготвуваа за претстојната битка, го чистеа и проверуваа оружјето, муницијата, пишуваа писма до нивните семејства... Од командантот на баталјонот добив дозвола во тие решавачки моменти непрекинато да бидам покрај него“.
Токму пред нападот командантот на баталјонот се поткренал од ровот, ја кренал раката држејќи пиштол ТТ високо над главата и дал наредба за напад. „Луѓето со гласен извик „Ура!“ тргнаа напред... тој момент успеав да го фатам... неколку минути подоцна војниците со шепот си пренесуваа еден на друг: „Командантот е убиен! Не стигнав да го дознаам неговото презиме, бидејќи итно ме повикаа во штабот на полкот“, напиша Алперт.

Триесет години подоцна
Фотографијата од последните минути од животот на таканаречениот командант на баталјонот беше една од неколкуте стотици снимки направени тој ден. Притоа таа не беше објавена во весниците за време на војната. Долго време лежеше во личната архива на фотографот, сé додека сепак не се најде во весникот „Правда“ во 1974 година по повод одбележувањето на годишнината од Победата.
После тоа Алперт доби стотици писма од целата земја. Нивните автори тврдеа дека на фотографијата е нивен роднина. Најмалку еден ветеран се препозна себеси на таа снимка. Во едно писмо од Запорожје се тврдеше дека на снимката е 36-годишниот помлад политички раководител Алексеј Гордеевич Еременко, кој исчезна на 14 јануари 1942 година. Новинарот воопшто немаше да обрне внимание на тоа писмо (особено со оглед на несовпаѓањето на датумите: тој ја направи таа снимка шест месеци подоцна) да не беше една посебна околност: со писмото беа приложени фотографии на кои тој го препозна својот „командант на баталјонот“.
Алперт покрена истрага која траеше две години. Новинарот бараше уште фотографии и ги проверуваше податоците за „исчезнатиот“ политички раководител Еременко. Се покажа дека во истиот баталјон, рамо до рамо со неговиот „командант на баталјонот“, имало и човек со исто презиме како него – кадет Еременко, кој ги носел истите иницијали. Овој кадет Еременко всушност исчезнал зимата 1942 година. А потоа веста за неговото исчезнување по грешка била јавена на роднините на „командантот на баталјонот“.
Кој беше познатиот командант на баталјонот

36-годишниот политички лидер Алексеј Еременко е роден во семејство со многу деца. На 14 години се вработил во железницата за да му помогне на семејството. Набрзо се префрлил да работи во фабрика, а потоа градел партиска кариера како претседател на колхозот „Авангард“. Под негова надлежност биле фарми за одгледување крави, свињи и коњи.
Кога започнала војната, поради неговата работа Еременко имал потврда дека не мора да оди на фронт. Но, тој не сакал да седи во позадина и се вклучил во борбата како доброволец. Летото 1942 година служел како помлад политички раководител, а не како командант на баталјон, позиција што одговара на чинот поручник. Но, на последниот ден од својот живот, тој го заменувал ранетиот командир на четата, преземајќи ја на себе обврската да ги поведе војниците во напад. Затоа фотографот по грешка помислил дека тој е командантот на баталјонот.
Алексеј Еременко бил погребан во заедничка гробница кај селото Хорошее во Луганската област. Подоцна, според мотивите на познатата фотографија му е подигнат споменик. Неговата силуета е изгравирана на руските монети од 1995 година и беше прикажана на поштенска марка и часовниците „Победа“ од 1985 година.