GW2RU
GW2RU

Дали знаете кој прв ставил пари на штедна книшка во Русија и ја добил книшката со број еден?

Наталья Селиверстова / Sputnik
Пред централата на најголемата банка во Русија се наоѓа споменик на сопственикот на првата штедна книшка во оваа земја.

Пред централата на „Сбербанк“ во Москва, најголемата банка во Русија, се наоѓа споменикот на Николај Кристофари, сопственикот на првата штедна книшка во земјата. Тој вложил во тоа време максимален износ од десет рубли во сребро и добил камата од четири проценти на годишно ниво.

Во Русија во XIX век сите кредитни институции, како и некои прифатилишта и болници, биле управувани од Старателскиот совет на царицата Марија Фјодоровна, сопруга на царот Павле. Во 1842 година во оваа структура се појавила првата штедилница во Русија. Била отворена да ги опслужува прифатилиштата за сирачиња и вонбрачно родени деца.

Главната замисла на штедилниците била да им се даде на луѓето можност да штедат пари и да заработуваат од тоа. За разлика од другите земји, во Русија штедилници отворала државата.

Николај Кристофари, чиновник на Кредитниот завод, еден од органите кои го контролирале Старателскиот совет на царицата Марија Фјодоровна, бил првиот човек што на први (тринаесетти) март уплатил пари на благајната. Истиот ден, уште 75 лица добиле штедни книшки, а во банката биле инвестирани 426,5 рубли.

Во 2007 година во Москва, значи по 165 години, беше откриен споменик на сопственикот на првата штедна книшка во историјата на Русија. А непосредно пред тоа, во ноември 2006 година, Банката на Русија издаде пригодна сребрена кованица во вредност од три рубли со портретот на Кристофари.

Николај Кристофари
Јавен домен

Во спомен на првиот штедач именувани се суперкомпјутерите на „Сбербанк“ Christofari и Christofari Neo кои обучуваат невронски мрежи и работат со алгоритми на вештачка интелигенција.

Хартиените штедни книшки престанаа да се издаваат во Русија во 2010 година. Сега сè е онлајн.