Од каде потекнуваат прекарите на руските владетели?
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Олег Мудриот
Една од верзиите за тоа како кнезот Олег, наследник на Рјурик, го добил прекарот, е опишана во „Повеста за минатите години“, еден од првите историски летописи за настаните во Русија од тоа време.
Во 907 година Олег одлучил да војува и да го заземе Константинопол, престолнината на Византија, Но, заливот низ кој бродовите на руската војска можеле да влезат во градот бил затворен. Олег наредил чамците да се извлечат на брегот и да се стават на тркала – ваквиот начин на премин на копното се користел често. Но, се кренал ветар, едрата го фатиле и бродовите почнале да се движат кон Цариград како опсадни кули; Византијците сериозно се исплашиле и ги отвориле градските порти. Можеби на луѓето од југ ваквата глетка им изгледала како чудо.
Меѓутоа, Византијците и понатаму се надевале дека со својата итрина ќе го изиграат кнезот. Изнеле отровна храна и вино, но Олег ги одбил. Како резултат на тоа, кнезот го принудил Цариград да плаќа данок на многу големи градови на Русија и поради овој подвиг го добил прекарот „Мудар“.
На современ руски, неговиот прекар „Вещий“ значи „видовит“; меѓутоа на староруски значело „мудар“, така што всушност кнезот нема никаква врска со предвидување на иднината.
Јарослав Мудриот
И овој владетел на Киевска Русија поради своето владеење го добил прекарот „Мудриот“. Меѓутоа, тој не го добил додека бил жив, туку неколку векови подоцна: прекарот се закрепил за него во руската историографија во 1860-тите.
На пример, за време на неговото владеење започнала да се шири културата и да се цени образованието: бројот на жители повеќекратно се зголемил. Тој, исто така, го создал првиот зборник закони со кој е ставен темелот на руското право до 15-16 век.
Бил и голем дипломат и успеал да изгради пријателски односи со Шведска, Византија, Светото Римско Царство и со други европски земји.
Всеволод Големо гнездо
Овој син на Јуриј Долгоруки владеел со Русија на почетокот на 12 век. Продолжил да ја популаризира христијанската вера преку изградба на цркви и катедрали; во голема мера ја развил и камената архитектура. Но, прекарот не го добил по тоа, туку по сопствениот начин на преземање на власта во земјата – во определени региони често на чело ставал некој свој роднина (и близок и далечен), а ги имал доста. Всеволод имал 12 деца, од кои осуммина биле синови.
Иван Грозни
Една од причините зошто првиот цар на Русија го добил прекарот „Грозни“ биле неговите карактерни особини – бруталноста и реваншизмот (овој збор на руски значи „суров“, а не „грозен“). Јавните погубувања, масовните репресии, тортурите во затворите – сето тоа го следело неговото владеење. Основањето на опричината во тоа одиграло посебно значајна улога: царот територијата на Русија ја поделил на „земшчина“ каде се задржала бојарската власт, и „опричина“ со која Иван владеел со помош на својата лична гарда – опричинците. Тие биле познати по својата неверојатна бруталност.
Меѓутоа, Иван во текот на животот никој не го нарекувал „Грозни“. Во 16 век тој едноставно бил Иван Васиљевич; прекарот „Грозни“, односно суров, го добил подоцна.
Алексеј Михајлович Најтивкиот
Царот Алексеј Михајлович останал во народното сеќавање со прекарот „Најтивок“. Многумина историчари се прашуваат зошто е тоа така, зашто времињата во кој владеел тој биле далеку од „тивки“.
На престолот дошол по „смутната доба“, период од руската историја обележан со инвазија на лажни наследници на тронот, со странска интервенција, како и со тешка криза на државноста. Неговите одговорности вклучувале отстранување на последиците од „смутната доба“ – за да се справи со ова Алексеј Михајлович основал нов свод закони, ги заменил законите што во 10 век ги создал Јарослав Мудриот.
И покрај неговите напори да се избори со кризата, некои од неговите одлуки довеле до сосема спротивни резултати. За време на неговото владеење се случиле две големи буни. „Буната на солта“ и „Бакарната буна“, како и едно востание кое е предизвикано од прекумерниот феудален притисок врз луѓето, особено поради бесконечните потери по избеганите селани. Но, народот сепак го сакал царот зашто голем дел од својот живот им посветил на молитвите, на постот и на посета на светите места поради што го добил прекарот „Најтивкиот“, што во христијанска смисла значи скромен.
Петар I Велики
Овој цар го добил својот прекар во текот на животот. Иако многумина современици го критикувале, дури и ним им било тешко да одречат колку реформите на Петар Велики силно влијаеле врз понатамошниот развој на земјата.
На многумина им е позната фразата дека Петар Велики го „отворил прозорецот кон Европа“ која во целост го опишува она што го има направено. Настојувал првенствено да го отфрли застарениот, како што верувал, начин на живот и кај својот народ да ја всади секуларната европеизирана култура. Во негово време се отворени првите световни образовни установи, основани се првите печатени весници; многу странски книги за првпат се преведени на руски јазик. Во негово време Русија станала воена суперсила.
Екатерина II Велика
Екатерина исто така го добила прекарот додека била жива. Епохата на нејзиното владеење многумина историчари ја знаат како „златна доба на руското благородништво“. Ги ослободила благородниците од воената обврска и од плаќањето данок и им дозволила да се занимаваат со земјоделски активности. Селанството, од друга страна, немала таква среќа за време на нејзиното владеење: не смееле нити да се жалат на своите стопани.
Но, не ја нарекле „велика“ селаните. Згора на тоа, навистина има долга листа заслуги: од популаризација на образованието и основањето на збирката на Ермитаж до борбата против мали сипаници.
Екатерина за првпат е наречена „Велика“ во 1767 година – тоа го направила Законодавната комисија којашто самата таа ја составила. Задача на Комисијата била да ги систематизира законите во земјата, но наместо тоа посветила неколку свои први седници на кои требало на царицата да ѝ се додели титула како благодарност за нејзината иницијатива за создавањето на организацијата.
Имало неколку опции. На Екатерина најмногу ѝ се допаднала титулата „Велика“. Сметала дека значењето на нејзините дела треба да го оценат следните генерации. Царицата се сложила да ја прифати титулата „Мајка на татковината“, но нејзините поданици и дворјаните и понатаму ја нарекувале „Велика“.
Александар I Благословен
Постоеле многу работи поради кои Александар Први можел да стане „благословен“. На пример, за неговите реформи кои во голема мера ја подобриле положбата на селанството. Но, токму победата над Наполеон во 1812 година го зацврстила неговиот авторитет. Тогаш Руската Империја добила статус на семоќна суперсила на глобалната арена, како и статус на земја која успеала да го врати мирот во Европа. Две години по завршувањето на војната, Сенатот на Александар Први му ја доделил титулата „Благословен, великодушен обновител на земјите“.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа