Московскиот Високопетровски манастир: од средновековните епископи до Петар Велики

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд
Историчарот на архитектура и фотограф Вилијам Брумфилд повторно посетува еден од најстарите манастири на руската престолнина и ја опишува неговата архитектура и промените што настанале во текот на вековите.
Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски пронашол нов, сложен процес за добивање живописни, детални фотографии во боја. Неговото видување на фотографијата како облик на образование и просветлување го прикажал на јасен начин со своите фотографии на архитектонски споменици на историските локалитети ширум внатрешноста на Русија.

Главниот дел на колекцијата на Прокудин-Горски подоцна станал дел од збирката на Конгресната библиотека на САД, но фотографот исто така започнал и нов вид бизнис – производство разгледници во боја, како и илустрации во книги. Во 1914 година, ова неговото претпријатие е повторно активирано под името „Биохром“.

Сергеј Прокудин-Горски Новоспаски манастир, Санкт Петербург, лето 1912 година.
Сергеј Прокудин-Горски

Меѓу публикациите со негови фотографии во боја има и голем том објавен во 1913 година во знак на сеќавање на тристагодишнината на династијата Романови. Илустрациите вклучувале негов панорамски поглед од блискиот покрив на една од најстарите монашки институции во Русија, средновековниот Новоспаски манастир кој се наоѓа на брдо над реката Москва во близина на Кремљ.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Иако Новоспаскиот е единствениот московски манастир за кој се знае дека Прокудин-Горски го фотографирал, постојат неколку слични монашки институции и зданија кои се наоѓаат недалеку оттаму. Меѓу нив е и Високопетровскиот манастир којшто, како и Новоспаскиот, бил тесно поврзан со руската династиска историја, а особено со Петар Велики.

Вилијам Брумфилд Високопетровски манастир, декември 1979 година.
Вилијам Брумфилд

Со блескава, богата украсена камбанарија којашто го обележува врвот на улицата Петровка, тој зазема значајно место во самото срце на Москва. Имав среќа повеќе пати да го фотографирам во период од речиси две децении, од 1979 до 2015 година.

Скромно потекло

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Постојат различни верзии за тоа каде и како е основан Високопетровскиот манастир, но поголемиот број извештаи за неговото настанување се поврзуваат со великиот кнез Иван Први (Калита, 1280-1340) и поглаварот на руската православна црква Петар, митрополит киевски и на цела Русија (1260-1326). Руските кнежевства во тоа време биле под контрола на монголската Златна Орда, која често боцкала разно-разни кнезови, поттикнувајќи ги на борба едни против други. Но немилосрдната борба за власт во областа, митрополитот Петар веќе во 1315 година стапил во сојуз со кнезот Иван.

Вилијам Брумфилд Високопетровски манастир, август 1997 година.
Вилијам Брумфилд

Кога во 1325 година Петар ја преместил резиденцијата на Митрополијата од градот Владимир во Москва, дал голем духовен авторитет на црквата на тогаш малото, но амбициозно московско кнежевство. Ова за возврат одиграло клучна улога во понатамошната консолидација на политичката моќ на Москва под Иван Калита.

Во определен историски момент – можеби веќе во 1315 или 1316 година, но најверојатно на почетокот на триесеттите години од 14 век – една дрвена црква е изградена на малото брдо над реката Неглинка и им е посветена на светите Петар и Павле. „Средновековната книга на владетелските пофалби“ изградбата на оваа црква ја припишуваат на визијата на Иван Калита. Во секој случај, таа била посветена на сеќавањето на митрополитот Петар кој починал во 1326 година и е канонизиран во 1339 година.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Манастирот на светите Петар и Павле води потекло од оваа скромна дрвена црква. Други записи сугерираат дека црквата и манастирот – изградени од дрво – ги реконструирал великиот кнез Дмитриј Донској по разорниот напад на Татарите на Москва во 1382 година. Пожарот од 1493 година кој ја уништил половина Москва, повторно го срамнил со земја овој манастир.

Темели од тула

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

На почетокот на 16 век Петро-павловскиот манастир го привлекол вниманието на великиот кнез Василиј Трети кој наредил неговата централна црква да се преѕида од тула. Во август 1517 година објектот е осветен како Соборна црква на митрополитот Петар, а манастирот формално го добил името Високопетровски („високо“ поради брдото на коешто се наоѓа).

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Архитектот што бил избран за изведување на овој проект најверојатно бил тогаш истакнатиот италијански градител познат под името Алоизије Нови или Алевиз Фрујазин. Инаку, тој е и автор на големата катедрала на Архангел Михаил во московскиот Кремљ. Катедралата на митрополитот Петар е дел од групата цркви што Алевиз ги изградил во период помеѓу 1514 и 1517 година.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Необичниот архитектонски план на малата катедрала почивал на осумаголна основа чии агли на точките на компасот биле нешто подолги и поистакнати од оние на дијагоналите. Горниот слој (кат) е исто така осумаголен и веројатно имал тесни прозорци во облик на ланцети на секој од аглите. Конструкцијата кулминирала со кус аркаден фриз над кој се наоѓал венец и покрив со шлем од осум фасета покриени со темни ќерамиди, омилениот материјал за покриви на Алевиз.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Во внатрешноста, вдлабнатините на октофолиите дале дополнителен простор и ја потпирале структурата – доволно значајно за подоцна да биде овозможено значително проширување на прозорците на преминот кон 18 век. И покрај својот мал обем, црквата го предочува развојот на московските заветни цркви од 16 век и враќањето на богатоукрасените куполи на црквите од крајот на 17 век.

Векови реновирања

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Изменета кон крајот на 17 и на 18 век, катедралата на митрополитот Петар е вратена кон крајот на 20 на она за што се претпоставува дека бил првобитен изглед. Внатрешноста е насликана со нови фрески, додека катедралата повторно е осветена за богослужба во 1998 година.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Високопетровскиот манастир повторно бил разорен во 1611 година за време на полската окупација на Москва, во текот на епохата на тешките времиња, династиските кризи проследени со граѓански војни и со општествени преврати кои опустошиле поголем дел од европска Русија. Соборната црква опстанала, а реставрацијата на манастирот, започната уште во 1612 година, подразбирала зацврстување – изградба на ѕид од тула.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Во втората половина на 17 век драматичниот пораст на манастирското богатство бил тесно поврзан со семејството Наришкини, започнувајќи од Кирил Наришкин, чија ќерка Наталија била втора сопруга на царот Алексеј Михајлович. Со раѓањето на внукот Петар во 1672 година, Кирил му го подарил својот московски имот на царот, кој веднаш го додал на соседниот Високопетровски манастир, со што двојно ја зголемил неговата територија.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

По смртта на Алексеј Михајлович во 1676 година, Фјодор, неговиот син од првиот брак со Марија Мислославска, владеел кратко, но смртта на Фјодор во 1682 година создала комплицирана ситуација. Преживеаните наследници – Иван Петти, болниот најмлад син на Алексеј од првиот брак, и Петар Први, синот од вториот брак – биле премногу млади за да владеат, но секој од нив одделно го поддржуваа како наследник на тогаш конкурентските кланови Милославски и Наришкини. Со оглед на тоа што здравјето на Петар било подобро, бојарскиот собор и патријархот Јоаким, поглавар на Руската православна црква, го прогласиле Петар за цар.

Побуна и убиство

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Меѓутоа, побуната на незадоволните војници познати како стрелци во текот на април и на мај 1682 година довела до давање регентски овластувања на Софија, ќерката на царот Алексеј од неговиот прв брак. Софија и нејзината фракција успеале да го убедат патријархот да ги прогласи и Иван и Петар за цареви со еднакво право на власт. Во текот на оваа насилна епизода синовите на Кирил Наришки, Иван и Афанасиј, биле убиени во Кремљ во присуство на младиот Петар, нивниот внук, по што семејството Милославски стекнало привремена власт над Наришкини. Убиените браќа Наришкини погребани се во Високопетровскиот манастир, а Кирил бил принуден да се замонаши во северниот Кирило-белозерски манастир.

Вилијам Брумфилд Црква на Толгската икона
Вилијам Брумфилд

Во знак на сеќавања на своите браќа, Наталија Наришкина ја поддржала изградбата на новата катедрала од тула на Богољупската икона на Богородица (1684-1690) на местото на претходните дрвени цркви, од кои најраната ја изградил Дмитриј Донској во 1382 година. Иако внатрешноста е целосно опљачкана во текот на советскиот период, екстериерот успешно е реставриран. Покрај југозападниот агол на црквата се наоѓа капелата и гробницата на Наришкин.

Во текот на своето владеење, Софија давала благодати на Високопетровскиот манастир. Сѐ повеќе исплашена од порастот на моќта на својот полубрат Петар и уверена во слабоста на својот брат Иван, Софија се обидела да направи државен удар во 1689 година, повторно со поддршка на стрелците.

Вилијам Брумфилд Црквата на Свети Пахомие Велики
Вилијам Брумфилд

По неуспехот на државниот удар и триумфот на младиот Петар Први, Софија конечно била сместена во ќелија во Новодевичиот манастир. Полковите стрелци биле распуштени, а многумина од нив Петар ги мачел и ги погубил, сеќавајќи се добро на свирепите убиства на своите вујковци.

По задушувањето на востанието во 1689 година Петар во Високопетровскиот манастир нарачал да се изгради црквата на Свети Сергиј Радонешки. Завршена во 1693 година, црквата претставува вистински пример на празничен декоративен стил кој често се нарекува и „Наришкински барок“.

Одаите на Наришки и Наполеон

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Во 1696 година завршени се и работите на манастирската камбанарија, поставена над портната Покровска црква. Отворената аркада на двокатната осумаголна кула над портната црква е смел обид за конструкција со широки отвори коишто овозможуваат просторно ширење на звукот на камбаната. Како и другите манастирски градби од овој период, камбанаријата е богато украсена и долго време била главно обележје во самиот центар на Москва.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Најголемата архитектонска компонента на манастирот, завршена во деведесеттите години од минатиот век, била зградата на манастирското братство, изградена од тула, позната како „Наришкини одаи“ поради поврзаноста со Наталија Наришкина, мајката на царот Петар. Нејзината црвена фасада со украсни прозорци се препознатлив дел од улицата Петровка. Кон крајот на 19 век манастирите се проширени со изградба на повеќекатници со фасада од полихромна (повеќебојна) тула.

18 век донел помали доградби на манастирскиот комплекс, како што е црквата на Толгската икона на Богородица (1744-1750), чија барокна фасада е дел од манастирскиот ѕид на Петровската улица. Набргу потоа, од 1750 до 1755 година, подигната е и црквата на свети Пахомие Велики над јужната порта на манастирот.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Високопетровскиот манастир имал тешка судбина во текот на окупацијата на Москва од страна на Наполеон во 1812 година. Иако многу скапоцености и црковни богатства биле на време евакуирани во Јарослављ, манастирските цркви биле осквернавени, а француските власти одржувале судења на кои многумина биле осудени на смрт под сомнеж дека подметнувале пожари. Тие се погубени и погребани во близина на камбанаријата.

Советската доба и потоа

По повторното оживување, манастирот станал главен центар на верското образование и издаваштво во Москва. Со воспоставување на советската власт, манастирот накратко функционирал како засолниште за свештенослужителите протерани од другите институции, но во 1926 година и тој бил затворен. На зградите им била нанесена голема штета (што е документирано на моите фотографии), а дури во педесеттите години од минатиот век ова здание на црково-манастирскиот комплекс е препознаено за зачувување и е прогласено за споменик на културата.

Вилијам Брумфилд
Вилијам Брумфилд

Во 1992 година во црквата на свети Сергиј Радонешки продолжија богослужбите. Оттогаш овој манастир, изграден како знак на почит кон рускиот митрополит Петар, презема континуирана програма за реставрација и обнова, со што е создадена прекрасна оаза во самиот центар на Москва.

<