
Американските претседатели коишто работеа во Русија!

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Џон Квинси Адамс, 6 претседател на САД, работел во Русија од 1809 до 1814 година
Адамс Помладиот за првпат ја посетил Русија кога имал 14 години. Тоа било во 1781 година, кога во својство на секретар го придружувал Френсис Дејн, првиот американски амбасадор во Санкт Петербург, кој тогаш не успеал да ѝ го предаде акредитивното писмо на царицата Екатерина Велика.

Вторпат Џон Квинс дошол во Русија во 1809 година како официјален дипломатски претставник на САД во Русија. Станал прв „ополномоштен пратеник“ во Санкт Петербург. Во преписката со својата мајка тој се жалел на високите трошоци за живот во руската престолнина.
„Запознаени сте со тешкотиите и со трошоците на секојдневниот живот на американските министри во другите делови на Европа. Тие насекаде се високи, но тука се повисоки од каде и да е. И понатаму сме сместени во ан кој е многу скап. Посетите на дворот се чести и задолжителни, обично два пати дневно – наутро на прием и навечер на бал и на вечера. Ништо од гардеробата што ја понесов не одговараше за појавувањето во вакво општество. Женските фустани се многу поскапи од костимите за мажи, а мора да се имаат и повеќе, за разни пригоди. Бројот на слуги што треба да се издржуваат е најмалку трипати поголем од она што е потребно на други места, а климата е таква што трошоците за облека за секој од нив е нешто што не е познато во јужните краишта“, напишал тој во февруари 1810 година.
Адамс работел во Русија до 1814 година. Неговиот мандат се поклопил со периодот на Наполеоновите војни, и задачата на овој американски дипломат била да издејствува максимални трговски погодности за својата земја. Тешкотии постоеле поради фактот што Америка се наоѓала во конфронтација со Англија, тогашна сојузничка на Русија. Но, Адамс брзо изградил добар личен однос со царот Александар Први. Тие дури и шетале заедно на брегот на Нева.
Џон и неговата сопруга Луиза во 1811 година ја добиле ќерката Луиза Кетрин. За жал, девојчето починало по една година и станала првата државјанка на САД погребана во Русија.
На молба на Ноа Вебстер, авторот на речникот, Адамс му испраќал книги за руската граматика и за речничкиот состав на рускиот јазик. Ова бил почеток на проучувањето на рускиот јазик и култура во САД.
Џејмс Бјукенан, 15 претседател на САД, работел во Русија од 1832 до 1834 година

Благодарение на Бјукенан во 1832 година потпишан е Руско-американскиот договор за трговија и пловидба. Документот предвидувал заеднички меѓусебни трговски права и овозможувал услови со највисоки повластици во трговијата.
Иако периодот на неговата служба бил кус, Бјукенан успеал да склопи врски во Петербург и да ја стекне наклоноста на царот Николај Први.
„Царот е идеал за владетел во Русија, и според мене тој е најспособен и најчестит човек од сите оние што го опкружуваат. Си ласкам самиот на себе со надеж дека позитивната промена во однос на Соединетите Американски Држави се случи од моето доаѓање тука. Иако на почетокот целосно ме занемаруваа“, ѝ напишал тој на сестра си. „Што и да мислиме ние за неговата политика, тука сите се сложуваат дека во приватните односи неговиот карактер е пример за целата империја. Како сопруг, татко, брат и пријател тој е пример за сите свои поданици“.
Кога дипломатот го напуштил Санкт Петербург, Николај Први го замолил да му пренесе на претседателот Џексон новиот амбасадор да биде „ист како Бјукенан“.
Херберт Кларк Хувер, 31 претседател на САД, работел во Русија како бизнисмен од 1909 до 1913 година, помагал во борбата против масовна глад 1921-1923

Хувер, рударски инженер по образование, работел во Русија од 1909 година. Во Киштим на Урал купил претпријатија од наследникот на јужноуралскиот трговец Расторгуев и го отворил Киштимското акционерско друштво на рударски претпријатија. Се занимавал со финансиска реорганизација и модернизација на производството.
„Овој успех во Киштим имаше важна импликација. Дотогаш со руската индустрија често доминираа германските и британските изведувачи. Русите отсекогаш биле сомничави кон нив зашто се плашеа од политичките последици и беа огорчени поради супериорноста на навните официјални лица. А, тоа чувство го немаа кон Американците. Руските инженери беа најспособни стручњаци во областа на техниката, но не беа вешти во административните работи. Со Американците се сложуваа зашто меѓу нив постоеше инстинктивно пријателство“, пишува Хувер во своите мемоари.
Откако стекнал авторитет во Киштим, Хувер бил повикан да раководи со индустријализацијата на наоѓалиштата во Алтајските планини. Според него, ова било најголемото и најбогато рудно наоѓалиште во светот. Американските инженери работеле во него до револуцијата во 1917 година.
Хувер ја напуштил Русија во 1913 година. „Да не беше Првата светска војна, ќе имав највисок инженерски хонорар што некогаш постоел“, се сеќава тој на својата работа во Русија, каде исто така бил на чело на неколку рударски нафтени компании.
Во 1917 година САД ги прекинаа дипломатските односи со болшевичката влада. Сепак, кога во 1921 година во Советска Русија започна масовниот глад, Хувер, веќе како министер за трговија на САД и како шеф на Американската администрација, испраќаше хуманитарна помош на земјата, и покрај исклучително негативниот став кон болшевизмот.
Во рамките на оваа хуманитарна мисија бесплатна помош добија 20 милиони жители на Советска Русија. Се испорачуваа храна и обувки, земјоделска механизација и семе, се отвораа болници и амбуланти.
За време на претседателскиот мандат на Хувер САД активно ги развиваа трговските односи со СССР. Со американска помош во 1932 година почна да работи фабриката за автомобили во Нижни Новгород, а исто така и металуршкиот комбинат во Новокузнецк.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа