
Како изгледало одењето во тоалет во Русија до Октомвриската револуција

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Секој домар е должен на човекот да му го покаже потребното место, што, сепак, треба да се избегнува зашто ваквите места се главно валкани. Најзгодно е да се намине во првата гостилница, само не од трета класа, претходно да му се даде на вратарот или на хотелскиот момок бакшиш од 5 или од 10 копејки. Заеднички клозет, прилично чист, може да се најде на улицата Илинка наспроти Берзата, зад Новотроицката гостилница во тесниот Певчески сокак, во преминот каде што се симнува во подрумската просторија“, има напишано Владимир Гиљаровски во водичот низ Москва од 1881 година.
Како што може да се заклучи, да се најде јавен тоалет во Москва во тоа време не било лесно. Јавните клозети во градовите се појавиле дури во дваесеттите години од 20 век.
„Золотар“ или дренажен бунар?

Најпрво уредени тоалети во Русија добиле секако царевите. Клозети постоеле во дворот на Иван Грозни во Коломна, во дворовите на Алексеј Михајлович во Измајлово и во Коломенское. Во дворецот Монплезир во Петергоф во 1710 година за Петар Велики е направен првиот клозет со одвод.
Кон крајот на 18 век опремени тоалети се појавиле во куќите на високото благородништво. Детално ги има опишано Дајкокуја Кодају, јапонски трговец кој бил принуден во Русија да мине десет години (некаде во последната деценија на 18 век) и кој на руското секојдневие гледал со љубопитните очи на дојденец.
„Дури и во трокатните и во четирикатните куќи нужници има на секој кат“, го опишува Дјакокуја животот во Петербург, каде што престојувал повеќе пати. „Тие се сместуваат во аголот на куќата, а однадвор се изолираат со двоеслоен или со трослоен ѕид за да не се шири смрдеа. Горе се поставува цевка сличен на оџак низ кој смрдеата излегува надвор“. Дајкокуја пишува дека висината на дрвените седишта во овие клозети била околу половина метар, а тоа го објаснува вака: „Во Русија се носат тесни панталони, па клечењето, како што се прави кај нас, е непрактично“.
Тој исто така истакнува дека во некои куќи постојат нужници со повеќе отвори истовремено, додека кај богаташите во нив има и печка за да не биде ладно. Јапонецот ја наведува и цената на празнењето на септичките јами – 25 рубли годишно. Тоа според мерилата од тоа време била голема сума пари што можеле да ја платат само богатите.

Чистењето на септичките јами го извршувала екипа „золотари“ кои се појавиле во времето на Екатерина Велика. Тие обиколувале определени делови од градот и ја носеле смрдливата содржина во буриња. За овие услуги тие добивале средства, коишто поголемиот број граѓани се обидувале да ги заштедат, фрлајќи ги фекалиите на улица, во каналите зад оградата, каде што ќе им било згодно.
Историчарот Вера Бокова пишува дека извесно време постоеле „дренажни бинари“. Нив ги опишува московскиот љубител на театарската уметност Јуриј Бахрушин: „Јами во земјата кои имаат способност во тлото да примат сѐ што ќе стаса до нив. Благодарение на нив сопствениците на парцелите се ослободени од трошоците за носење смет од нивниот имот. Сета таа одвратна валканица се слеваше во бунарот и исчезнуваше. А, сопственикот не се грижеше што оваа нечистотија доаѓа во подземните текови од кои бројни бунари се полнеа со вода за пиење“.
Во зградите со повеќе станови тоалетите се наоѓаа на заедничките скалила. Затоа во ходниците се ширела смрдеа, особено налето. Во дворовите на ваквите згради над септичките јами се наоѓаше полско веце, за оние што живееја на приземје или во подрумот, како и за домарите и за вратарите.
Во втората половина на 19 век во поголемиот број скапи хотели и во куќите на богаташите веќе имаше вообичаени тоалети со одвод и со сифон кој спречуваше смрдеата да се враќа од одводот во просторијата.
Но, тоа беше можно само кај богатите луѓе коишто живееја во луксуз. А, што можеше да направи пристоен човек ако на улица му се оди во веце?
Улични тоалети во царска Русија

„Можете да ја минете цела Европа и нема да видите сцени како во Петербург и тоа пред очите на сите. Не паметам дека пред неколку години се случуваше вакво нешто во градот. Еден господин запира среде улица и пред очите на сите што минуваат во кочија извршува нужда. Во Лондон ваков господин би завршил во полициска станица, како некој што направил непристојност, но како може на таков начин да се третира жител на градот во кој не постои неопходна работа за градски живот – 'уринал'? (вака од англискиот urinal во тоа време се нарекувале писоари – заб. авт.). Притоа со сигурност знаеме дека ако минувач е почувствителен во врска со пристојноста намине на една-две минути покрај портата на некоја куќа, домарот веднаш ќе го истера на улица“, има запишано Иван Гончаров во 1864 година. Големиот писател бил жител на Петербург како и секој друг, па и самиот, како што признава во писмото бил принуден понекогаш „јавно, на улица, да подлегне на човековата слабост“.

Првиот јавен тоалет, пишува историчарот Игор Богданов, се појавил во Петербург во 1871 година кај Михајловскиот манеж. „Во него се наоѓаа два писоара, два клозети и мала собичка за чуварот; тоалетот имаше обилно снабдување со вода, се грееше на железна печка“. Во јавните тоалети греењето беше задолжително, инаку назима водата ќе замрзнела.
Набргу според проект на градскиот архитект Иван Метц изградени се уште пет улични „куќички“. Во нив биле одвоени одделенијата за жени и за мажи и собата за чуварот. Биле оградени и опкружени со дрвја, а сепак многумина, како што пишува архитектот Метц „попрво запираа пред влезот, одошто влегуваа внатре!.. Што да се прави – и за тоа е потребно време, потребни се години за човек да се навикне“. Овие тоалети биле бесплатни, ги одржувала градската управа.
Во Москва ситуацијата била уште полоша. Првите комплетно уредени јавни тоалети почнале да се појавуваат дури кон крајот на 19 век. Претходно постоеле само кабини, главно на големите пазари, каде што се извршувањето нужда на улица пред народ било сосема неприфатливо. А, како стоеле работите на другите улици? Како што се сеќава московјанинот Николај Давидов, „местата на кои се наоѓаат кочијашките станици, крчмите, гостилниците, обичните кафеани и слично, како и речиси сите улични агли, макар и да се затворени, и разни пусти улички (а, ги имало многу!), па и покриени порти на куќите... биле жариште на смрдлив воздух“.

Некаде по 1880 година на плоштадите се појавиле јавни писоари: обични решетки над септичките јами, направени на земја и оградени со параван (слично на кабините за преслекување на плажите). Дури на почетокот на 20 век се појавиле капитални камени јавни тоалети, меѓу нив и три подземни: на Театарлниот, на Сухаревскиот и на Пушкинскиот плоштад.

Меѓутоа, главниот проблем на јавните тоалети во царско време било отстранувањето на фекалиите. Дури ни во Москва и Петербург, најнаселените градови на империјата, до крајот на 19 век не постоела канализација.
Каде оделе отпадните води во Москва и во Петербург?
Во Москва изградбата на канализацијата започнала дури во 1893 година, кога се појавиле Љублинските полиња за прочистување вода, во кои нечистотијата се филтрирала низ тлото. Сепак, уште долго старата престолнина била опкружена со „прстени нечистотија“ коишто историчарот Соловјов ги споредил со прстените на Сатурн. Имено, московските „золотари“ отпадот го носеле и го истурале во предградието. Приѓајќи на Москва, патниците во возовите ги затворале прозорците – толку силна смрдеа се ширела околу градот. Золотарите оделе по улиците на градот и ги чистеле септичките јами до триесеттите години на 20 век.
Во Петербург работите, за жал, биле „поедноставни“. Имено, градот го пресекуваат бројни реки и канали, во кои е лесно да се истури нечистотијата. Како што пишува историчарот Игор Богданов, „во 18-19 век домашните нечистотии, како и отпадните води од индустриските претпријатија се исфрлале без прочистување во реките и во каналите и оделе во Финскиот залив. Загадените градски води и валкањето на уличните канали ги принудиле властите во 1845 година да забранат септичките јами од дворовите да се поврзуваат со уличните цевки“.

Некои сопственици на куќи, пишува Богданов, за да се спасат од отпадните води го користеле одводниот систем за дождовница, кој постоел во Петербург од 18 век, а тој се движи по улиците. Така раскрсниците на Петербург во текот на целиот 19 век понекогаш станувале места на кои се собирале човечки и коњски фекалии. Властите забраниле овој отпад да се исфрла во одводите за дождовница во шеесеттите години од 19 век, а од 1884 година, веќе во очај, наредила барем на цевките да се постават решетки за филтрирање на цврстиот отпад. Меѓутоа, жителите на градот ништо од тоа не почитувале.
На крајот, и покрај сите напори и неколкуте проекти, општиот систем на градската канализација во Петербург во царско време не е воведен. Една од последиците била страшната епидемија на колера во Петроград во 1918 година. Воспоставувањето на канализација во градот започнало дури за време на советската власт.

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа