Советски капетан и строго доверливите „Катјуши“
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Тоа е вистински пекол! Оган и вжештен метал паѓаат врз нас од небото. Од тој смртоносен дожд никаде нема спас...“ - вака германскиот митралезец Ханс Киншерман ја опиша канонадата на гардискиот повеќецевен ракетен фрлач БМ-13, надалеку познатата „Катјуша“.
Овој реактивен систем за плотунски оган ефикасно ја уништуваше непријателската жива сила и лесно оклопните возила на отворено. Војниците на Вермахт беа бомбардирани од густ дожд од проектили кој беше речиси невозможно да се избегне.
Летото 1941 година на фронтот пристигна првата посебна експериментална батерија на ракетна артилерија под команда на капетанот Иван Фљоров, која се состоеше од седум БМ-13 на камионска шасија ЗИС-6. Таа учествуваше во битките во источна Белорусија и кај Смоленск.
„Катјушите“ беа чувани како зеницата на окото. Според наредбата на Штабот на Врховната команда бр. 002490 од 1 октомври 1941 година, тие претставуваа „строго доверлива техника на Црвената армија“. „Овие орудија и нивната муниција во никој случај не смеат да паднат во рацете на непријателот“, беше наведено во документот.
Батеријата се најде во обрач на почетокот на октомври 1941 година во близина на селото Богатир во Смоленската област. Војниците долго време му даваа жесток отпор на непријателот, по што, по наредба на Фљоров, ги минираа орудијата и тргнаа во пробој. Од сто седумдесет луѓе, само четириесет и шест успеаја да се пробијат на слободната територија.
Тешко ранетиот командант остана на бојното поле и пред смртта го крена во воздух главното возило. Постхумно е награден со Орден на Татковинската војна во 1963 година, а во 1995 година е одликуван со звањето Херој на Руската Федерација.
Во Музејот на Победата на Поклонаја Гора во Москва се чува необичен експонат - парче стебло во кое се заглавила надолжната греда од конструкцијата на трупот на една „Катјуша“, уништена во таа битка. Посетителите можат да го видат на изложбата „Подвигот на Армијата“.