
Најпознатите бегства од Гулаг

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Логорска спартакијада“
Познатиот руски публицист Иван Соловевич се најде во системот логори ГУЛАГ по едно од најтешките обвиненија – обид за бегство од земјата. Заедно со сопругата Ирина и со двајцата синови Јуриј и Борис планираше да ја мине границата со Финска преправен во турист-ловец.
А, сето тоа беше неопходно за да дојде до Карелиските непроодни шуми, зашто така имаше повеќе шанси да ја мине границата незабележано. Меѓутоа, првиот обид за бегство беше неуспешен. Иван сериозно настина и не можеше да го продолжи патот. Семејството мораше да се врати дома. И вториот обид пропадна, Јуриј доби напад на слепото црево.

Третиот обид беше испланиран мошне повнимателно. Семејството Солоневич и нивните пријатели Е.Л. Пржијалговскаја и С.Н. Никитин имаа намера да ја минат границата со Финска во септември 1933 година. Наводно со нив планирал да избега и љубовникот на Пржијалговскаја Николај Бабенко кој бил доушник на власта. Токму тој ги пријавил сите коишто беа вклучени во бегството, поради што и беа уапсени. Целото семејство Солоневич беше испратено во работен логор во Беломорско-балтичкиот комбинат во Карелија на осум години.
Во текот на престојот во работните логори Иван промени многу професии, за на крајот да стане спортски инструктор. Токму благодарение на овој факт новото бегство стана можно.
Во една пригода Солоневич му предложи на раководството на логорот одржување логорска спартакијада што тој би можел да ја организира. На надлежните им се допадна предлогот, па Солоневич доби нови овластувања, како и дозвола слободно да се движи меѓу неколку логори. Под плаштот на големата активност подготвуваше бегство и внимателно ги проучуваше достапните маршрути.

Благодарение на службените патувања Иван и синовите можеа извесно време да исчезнат од видокругот на чекистите, па така и започна нивното бегство. На дваесет и осми јули 1934 година Иван и Јуриј во временски период од три часа го напуштија логорот и се најдоа на договореното место. Борис избега три дена претходно и веќе беше на патот кон слободата. Таткото и синот започнаа да се пробуваат кон селото Којкиир од кое можеше да се дојде до границата со Финска. Тоа им беше последната шанса, во СССР во тоа време веќе беше воведена смртна казна за бегство.
Патувањето требаше да трае осум дена, но суровите шуми во Карелија ги натера бегалците да бидат внимателни. На границата стасаа дури за 16 дена, а кога ја преминаа од локалните граничари дознаа дека Борис преминал два дена претходно. Успеаја да преминат во Финска, но судбината на сопругата на Солоневич останува непозната.
Бегство од Соловецките острови
СЛОН – Соловецкиот логор за посебни намени беше еден од најнепристапните логори на ГУЛАГ. Се наоѓаше на Соловецкиот архипелаг во Белото Море. Водата околу островот секогаш беше мошне студена и бурна, дури и во јули не надминуваше седум степени според Целзиус. Се чинеше дека бегството од ова изолирано место е едноставно невозможно, но еден човек успеа да го изведе тоа.

Созерко Маљсагов се најде во СЛОН во јануари 1924 година. Претходно, за време на Октомвриската револуција, се бореше на страната на белогардејците, па по победата на „црвените“ по него, како и по сите други „бели“, беше распишана потерница. Иако избега во Турција Созерко поверува во декретот на власта на РСФСР за помилување на сите белогардејци и се врати во татковината, каде што беше уапсен.
По само една година служење казна успеа да избега преку финската граница заедно со другарите. На петнаесетти мај тие беа испратени на работа во пиланата. На договорениот знак успеаја да му го одземат оружјето на стражарот и да избегаат. Тргнаа кон север, во напната атмосфера, со оглед на тоа што потерата им беше зад петите. Созерко и другите бегалци мораа да одговараат со оган за да избегаат од потерата.

„Првите денови одевме без запирање – деноноќно. Меѓутоа, набргу почнавме да чувствуваме замор. Немаше пат, нашата маршрута одеше преку влажно земјиште прекриено со густ низок слој растенија и бескрајни мочуришта“. Вака Созерко го опишуваше патот кон финската граница.
Кон крајот на јуни тој со другарите ја мина границата со Финска од каде што веќе можеше да емигрира во други земји во Европа. Подоцна Созерко ја напиша автобиографската книга „Адски остров“ во која подробно ги опиша стравотиите на СЛОН, бегството и својот понатамошен живот.
„Далеку зад поларниот круг“
Зоологот Владимир Черњавин уапсен е во 1930 година под индиректен сомнеж дека свесно го оштетил производството на рибни конзерви и испратен е во логор на Соловецките острви. Неговата сопруга исто така е уапсена за да извршат психолошки притисок врз сопругот при извлекувањето признание.

Подоцна успеа да се префрли на копнениот дел, во логорот во градот Кем. Таму доби работа по струка во логорското рибарство. Да не дознаеше дека неговата сопруга е ослободена од затворот, Черњавин до крајот ќе си ја отслужеше казната. Вака реши да организира бегство на целото свое семејство, но не само од ГУЛАГ, туку и од СССР.
Черњавин поради работата често се движеше меѓу логорите без обезбедување, избирајќи места за рибарење. Истовремено смислуваше маршрути и патишта за повлекување. Северните неистражени шуми ги виде како одлично место за бегство, зашто чекистите таму не можеа да се ориентираат.

Во август 1932 година, кога на посета му дојдоа сопругата и синот, Черњавин заедно со нив избега од градот Кандалакши.
„Избегав од робија, ризикувајќи ги животите на сопругата и на синот. Без оружје, без топла облека, во ужасни обувки, речиси без храна. Го минавме морскиот залив во издупчен чамец што самиот со свои раце го крпев. Минавме стотици врсти. Без компас и мапа, далеку зад поларниот круг, во диви планини, шуми и страшни мочуришта“. Вака подоцна тој го опиша патот до финската граница во книгата „Белешки на штетникот“.
За да стасаат до границата им беа потребни 22 дена. Од Финска заминаа во Велика Британија, каде што се населија.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа