GW2RU
GW2RU

Време на самозванци и војни: што е тоа Смутна доба и како таа настапила во Русија

„Минин и Пожарски“. 1850, Михаил Иванович Скоти
Државен музеј на уметноста во Нижни Новгород
Во руската историја имало многу тешки раздобја, а најпознато е таканаречената Смутна доба. Таа е и најдобро проучена. Тоа е период во кој Русија истовремено ја погодиле неколку тешки кризи.

Смутната доба е релативно кус период од 1605 до 1612 година. Тогаш Русија ја потресле многубројни неволи кои ја довеле до работ на опстанокот, па оттаму и таквиот назив.

Како започнала Смутната доба во Русија?

Николај Неврев, „Опричници“, 1870-тите. Убиство на болјарот Фјодоров (1568), кого Иван Грозни, обвинувајќи го дека сака да ја преземе власта, го принудил да облече царска облека и да седне на престолот, а потоа го убил.
Киргиски државен музеј на ликовни уметности „Гапар Ајтиев“

Една од причините била династичката криза. Царот Иван Грозни вложил многу напори да создаде неограничена и апсолутистичка монархиска власт. Ја поделил територијата на Русија на земшчина и опричнина. Со опричнината владеел царот со помош на опричниците, своја лична гарда којашто спроведувала масовни репресии и се прочула по својата исклучителна суровост. Откако видел такви стравотии, народот престанал да им верува на оние што биле на власт. Тоа предизвикало длабок општествен раскол, така што режимот го бојкотирале речиси сите слоеви, од избеганите селани преку осиромашените занаетчии до војската.

Тешката ситуација дополнително ја влошувала внатрешната политичка борба која избувнала по смртта на Иван Горзни. Царот не оставил јасни закони за наследување на власта во отсуство на машки потомци. Неговиот најстар син Фјодор починал во 1598 година кога имал 40, без да остави наследници, а останатите синови починале без да го дочекаат престолот.

Во тоа време криза ја зафатила и руската економија. Освојувачките походи на Иван Грозни и Ливонската војна (25-годишниот судир помеѓу Русија, Полско-литванската државна заедница, Шведска и Данска) ги исцрпеле материјалните ресурси. Настапил Големиот глад од 1600 до 1603 година кој уништил илјадници големи и мали земјоделски стопанства ширум Русија, оставајќи близу половина милион жители без храна. Луѓето што останувале без средства за живот се впуштале во пљачки и разбојништво, што предизвикало сеопшт хаос.

Нестабилноста предизвикала цела низа други фатални настани...

Смутна доба – време на самозванци

„Лажниот Дмитриј I му се заколнува на Сигизмунду III дека ќе воведе католицизам во Русија“
Музеј на уметноста „Радишчев“

Смутната доба изродила цела плејада луѓе кои биле подготвени на сѐ за да дојдат до престолот. Во превирањата околу наследувањето на престолот дури 18 самозванци се обиделе да дојдат на власт, но никој од нив на него не се задржал долго. Најмногу успех имал првиот самозванец, познат во историјата како Лажниот Дмитриј Први (повеќе за него прочитајте тука).

Тој дошол на престолот во 1605 година и владеел помалку од една година. Лажниот Дмитриј Први се претставувал како по чудо преживеан син а Иван Грозни и со поддршка на кралот (кому му ги ветил руските земји како подарок), триумфално влегол во Москва. Болјарите го признале како законски владетел, а тие биле политичката и воена елита во земјата. Најпрво кај благородништвото се ширеле гласови дека новиот цар е самозванец, но кога мајката на вистински убиениот принц го „препознала“ во него својот син, позициите на новопечениот наследник се зацврстиле.

Тогаш Василиј Шујски, болјар од старо благородничко семејство, организирал завера во која Лажниот Дмитриј е убиен. Еден дел од болјарите, трговците и војската застанал на страната на Шујски, по што тој со одлука на Земскиот собор (собрание на претставници од разни сталежи) е прогласен за цар.

Но, борбата за власт не завршила тука.

Смутна доба – прва граѓанска војна

„Во Смутната доба“, С.В. Иванов, 1908 година
Public domain

И покрај сѐ позицијата на Шујски била мошне несигурна. Не целата елита била задоволна што тој им станал цар. Многумина верувале дека Лажниот Дмитриј Први е сѐ уште жив и дека тој е легитимен наследник, па подготвувале побуна за да го отфрлат од престолот новопечениот цар. Тоа прераснало во целосна опсада на Москва која траела четири месеци, а завршила со појавување на Лажниот Дмитриј Втори, новиот самозванец во целото Тушино во близина на Москва.

Всушност, по смртта на првиот самозванец во Русија започнала вистинска граѓанска војна со два центри на моќ – првиот бил во Москва на чело со царот Шујски, и вториот во Тушино, седиштето на самозванецот Лажниот Дмитриј Втори и неговите приврзаници. Последниот го поддржувала Полско-литванската државна аедница и им испраќала свои платеници.

Смутна доба – државен удар и нова војна

Заклетвата на Шујски на кралот Сигизмунд III у Варшава, 1611, Томазо Долабела
Историски музеј во Лавов

Шујски не можел самостојно да се справи со „тушинците“, па прифатил договор со Шведска и нејзина воена помош. Полскиот крал Сигизмунд Трети го доживеал овој договор како антиполски и го искористил како изговор за напад на Русија.

Во текот на овој судир извршен е државен удар. Болјарите го отстраниле Шујски, а претставниците на московската власт и жителите се заколнале на верност на Владислав, синот на Сигизмунд Трети, во негово отсуство, односно во Вилнус (тој потоа не дошол во Москва, не е помазен на царството, нити се искачил на престолот).

Во тој период Русија немала легитимен владетел и била практично разорена, а на нејзината територија беснеела војна. Во тие услови се родила идејата за обединување и за формирање ослободителна војска која би можела да ја сотре полската инвазија и да ја заврши Смутната доба

Како завршила Смутната доба?

„Мининовата буна“, К. Ј. Маковски
Државен музеј на уметноста во Нижни Новгород

Првата народна доброволна армија против странските освојувачи во 1611 година ја собрал рјазањскиот војвода Прокофиј Љапунов. Но, и меѓу неговите војници дошло до раскол, што Полјаците го искористиле, па го ликвидирале Љапунов и другите предводници на спомената армија.

Втората народна доброволна армија била посложена. Истата година жителите на Нижни Новгород под водство на земскиот старешина Кузма Минин собрале средства за поддршка на новата војска и испратиле повик низ целата земја да се соберат одреди и да се приклучат на нивното движење. Минин, меѓутоа, немал воено искуство, а и според статусот не можел да им командува на благородниците, па го повикал кнезот и искусен војсководец Дмитриј Пожарски да застане на чело на народната доброволна армија.

Овој обид бил успешен. Втората доброволна армија во август 1612 година ги поразила Полјаците во близина на Москва, а во октомври ја ослободила престолнината од окупаторот.

„Заседание на Земскиот собор во 1613“, минијатура од ракописот „Изборот на М.Ф. Романов за цар“ од 1673 година.
Public domain

Тоа била пресвртница во Смутната доба. Полјаците потпишале пакт за капитулација. По ослободување на престолнината Земскиот собор организирал избор на нов легитимен цар. Бурните дебати се завршени со изборот на Михаил Фјодорович Романов, претставник на друго познато благородничко семејство. Тој бил во роднински врски со династијата Рјурикович којаштпо владеела пред Смутната доба. За време на изборите имал само 16 години. Всушност, тој бил компромисно решение коешто им одговарало на сите кланови. Така на власт дошла династијата којашто успеале да ја соборат дури болшевиците во 1917 година.

Последици

Смутната доба завршила со губење огромни руски територии: Смоленск паднал под власт на Полско-литванската државна заедница, а голем дел од Карелија, како и излезот на Балтичкото Море низ Финскиот залив, им припаднал на Швеѓаните. Дури Петар Први, сто години подоцна, успеал да го поврати излезот на море, по што во 1703 година го основал Санкт Петербург на брегот на заливот.

Русија се нашла во длабока економска и прехранбена криза. Површината на обработливото земјиште се намалила за 15 пати, а бројната состојба на селаните за 4 пати. Во многу делови од земјата густината на населението уште долги години била значително пониска одошто во претходниот век.

Закрепнувањето на последиците од Смутната доба било долго и мачно, и во него е вложен голем труд. Новиот цар ја извел земјата од системската криза, постепено воспоставил финансиски систем, меѓународни односи и основен поредок во регионите. По смртта во 1645 година му оставил на својот син Алексеј држава која не само што го надминала хаосот, туку и интензивно се развивала.