
„Кинеска повелба“: Необични околности за настанување на фразеологизмот

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Прва верзија, историска
Постои мислење дека изразот „кинеска повелба“ потекнува од историски дококумент што во 1619 година од Кина го донел томскиот козак Иван Петлин.

Петлин бил на чело на мисијата којашто во 1618 година заминала во Кина. На козаците не им бил приреден прием на највисоко ниво зашто немале подароци за Ванли, императорот од династијата Минг. Но, затоа добиле од кинескиот император повелба за царот Михаил. Со неа на Русите им е дозволено да ја посетуваат земјата и да тргуваат на нејзината територија, а воедно им е предложено да се воспостави преписка помеѓу двата двора.
Повелбата била донесена во Москва, каде што собирала прав цели 56 години зашто никој не можел да ја прочита. На крајот, како што се смета, тоа го направил дипломатот на царот Алексеј Михаилович Николај Гаврилович Спафариј. Но, во тој момент документот на императорот од династијата Минг повеќе не бил актуелен, зашто на чело на Кина веќе биле претставници од династијата Ѓинг.
Како тоа никој не можел да ја прочита „кинеската повелба“ половина век?

Во 17 век и во првата половина на 18 век никој во Русија не знаел ниту кинески ниту манџурски јазик, и никој во Кина не знаел руски. На средбите за разбирање се користеле посредници – западни мисионери кои што се појавиле во Кина уште во 16 век и кои знаеле латински, или Монголци кои што знаеле кинески, односно руски. Во двојниот превод смислата често се изместувала, а преведувачите понекогаш намерно нешто додавале или премолчувале. Меѓу другото, и нивното знаење на јазикот не било идеално. Разговорот преку „трети јазик“ се водел сѐ до втората половина на 18 век кога со превод започнале да се занимаваат ученици на Руската духовна мисија во Кина што е основана на почетокот на 18 век во Пекинг.
Користењето јазик-посредник било непожелно од политички аспект, зашто на тој начин претставници на трети земји биле упатени во односите помеѓу Русија и Кина. А, третите земји не биле секогаш наклонети кон Русија или не биле заинтересирани за развојот на нејзините односи со Кина.
Според сѐ, властите не сакале повелбата да ја преведат странци, а со оглед на тоа што работата не била итна, ниту важна, била ставена „под тепих“.
Втора верзија, лингвистичка

Во руската публицистика изразот „кинеска повелба“ за првпат се сретнува во 1829 година во романот на Фадеј Булгарин „Иван Вижигин“.
„Вижигин! Дојдов да ти предложам место на правник во мојата канцеларија. – Та, ве молам, грофе! Јас немам никакво искуство во тоа, од мене може да имате повеќе штета од корист. <...> Мене тие работи ми се туѓи, како кинеска повелба“.
Секако, можело да се случи документот на императорот Ванли да е споменат во публицистиката дури два века по експедицијата на Петлин. Меѓутоа, експертите со коишто се консултиравме (историчари на рускиот јазик и синолози) се сомневаат во верзијата според која фразеологизмот потекнал од повелбата на императорот од династијата Минг.
Според нивното мислење, попрво „кинеската повелба“ во рускиот јазик се појавила со комбинирање идиом позајмен од странски јазик и фразеологизмот „тарабарска повелба“ (рус. „тарабарская грамота“) кој во рускиот веќе постоел. Ваквата јазичка појава се нарекува „контаминација“.
Француски траги на „кинеска повелба“
Атрибутот „кинески“ користен е во различни јазици во значење „нешто несфатливо“:
- грчки (Αυτά μου φαίνονται κινέζικα // „ми делуваат кинески“),
- иврит (זה סינית בשבילי // „тоа за мене е кинески“),
- унгарски (Ez nekem kínai // „тоа за мене е кинески“),
- јапонски (ちんぷんかんぷん // имитација на звучење на кинески говор),
- холандски (Dat is Chinees voor mij // „за мене тоа е кинески“),
- латвиски (Tā man ir ķīniešu ābece // „тоа за мене е кинеска азбука“),
- литвански (Tai man kaip kinų kalba // „за мене тоа е како кинески“),
- македонски (Како кинески да ми зборуваш),
- бугарски (Все едно ми говориш на китайски // „како да разговараш со мене на кинески“),
- полски (To dla mnie chińszczyzna // „тоа за мене е кинески“).
Благодарение на Фадеј Булгарин „кинескиот“ идиом веројатно дошол во рускиот јазик од францускиот. Во францускиот постои изразот c'est du chinois („тоа е кинески“), кој се споменува во речниците од 1790 година и во текот на целиот 19 век често се користел во значење на нешто неразбирливо. А, на почетокот на 19 век во Русија цутела галоманија, благородништвото во секојдневната комуникација и преписка користела француски јазик и француски фразеологизми.
Нешто повеќе за галоманијата во Русија
Ако ја погледнеме биографијата на Булгарин, ќе видиме дека тој е роден во тогашното Велико кнежевство Литванија, кое во рускиот историографски царски период се третира како полска територија. Булгарин не знаел добро руски кога во својата десетта година бил испратен на школување во Санкт Петербург. Кога имал нешто повеќе од дваесет години заминал во Полска и стапил во служба на војската на Варшавското војводство што го формирал Наполеон, и учествувал во Татковинската војна од 1812 година, но на страната на Французите. Според тоа, фразеологизмот „кинеска повелба“ можел да го користи, потпирајќи се на француски или на полски израз.
Кинески = тарабарски
Во рускиот јазик веќе постоел изразот „тарабарска повелба“ („тарабарская грамота“) кој се користи за нешто неразбирливо или шифрирано.
Според енциклопедискиот речник на Брокгауз и Ефрон од 1914 година, „тарабарска повелба“ имала значење на обична или словна „литореја“. Станува збор за систем на шифрирање кој е преземен од Византија и на Словените им бил познат веќе во 13 век. Кириличните согласки се ределе во два реда, во секој ред по 10 букви, со тоа што во долниот ред буквите имале обратен редослед. Писмото е шифрирано така што наместо буквите за согласки во текстот се ставени нивните „соседи“ од горниот/долниот ред. В фразеолошкиот речник со објаснувања на Мориц Михељсон од 1902 година, наведено е дека „тарабарската повелба уште пред 15 век служела за пишување дипломатски писма, а сега ја користат старообредниците во своите тајни преписки“.
Кога станува збор за рускиот збор „грамота“ (кој на македонски најчесто се преведува како „повелба“), тој во Речникот на Академијата руска од 1790 година (инаку прв речник на руски јазик со објаснувања), имал неколку значења, меѓу кои и „владарски указ“, „испратница, писмо“, „спогодба, мировна одлука на двајца владетели за време на склопување мир и сојуз“, а исто така и „умешност за читање и за пишување“.
Во значењето што Фадеј Булгарин го употребил во репликата на својот јунак овој израз означува „несфатлива писменост“, а не некаков документ. Исто такво значење е наведено и во фразеолошкиот речник со објаснувања на Мориц Михељсон од 1902 година: кинеска повелба – пишување кое не може да се разбере, да се сфати“.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа