20 најинтересни места во Подмосковје

Ludvig14 (CC BY-SA 4.0); Mosreg.ru (CC BY 4.0)
Ludvig14 (CC BY-SA 4.0); Mosreg.ru (CC BY 4.0)
Во околината на Москва можат да се видат европски бизони, да се запознаат средновековни тврдини, да се прошета по благороднички имоти во коишто живееле познати писатели и да се пробаат познатите руски калачи.

Ако одите малку подалеку од Москва, нема да се покаете! Подмосковје ви нуди обилни занимливи содржини.

Знаменска црква во Дубровици

Еден од најнеобичните православни храмови на светот се наоѓа во Подољск на благородничкиот имот Дубровици. Целиот имот му припаѓал на соборецот и воспитувачот на Петар Први, кнезот Борис Голицин.

Алексеј Куденко / Sputnik
Алексеј Куденко / Sputnik

Црквата на Знамението на Пресвета Богородица (се градела 1690-1704) е подигната во барокен стил. Историчарите сметаат дека ја имаат проектирано италијански мајстори чии имиња остануваат непознати до денешен ден. Тлото на црквата има облик на рамнокрак крст, скалилата се издигаат на сите четири страни, темелите и ѕидовите се декорирани со орнаменти во облик на винова лоза, школки, ангели. Однатре храмот е уште пораскошно уреден.

Горки Ленинские

Последната сопственичка на имотот Горки била Зинаида Григорјевна, вдовица на крупниот фабрикант на Руската Империја Сава Морозов. Го купила по неговата смрт и тука организирала современ имот. Во 1909 година вилата имала парно греење, водовод, струја, а во стаклената градина се одгледувале разни егзотични билки.

Александар Авилов / Агенција „Москва“
Александар Авилов / Агенција „Москва“

Но имотот се прославил дури по Револуцијата во 1917 година и неговата национализација. Токму на ова место, имено, последните години од животот ги минал лидерот на болшевиците Владимир Ленин. Зачувани се неговиот работен кабинет, автомобил, личните работи.

На ова место се снимени многу серии и филмови. Сценографиите коишто останале од снимањата се претворени во филмски град по кој може да се шета.

Коломна

Legion Media
Legion Media

Трговски град како од разгледница! Во центарот е тврдина од 16 век со тесни улици со калдрма, бројни продавници со прекрасни сувенири и киосци со калачи (бел леб со отвор во средината). Како што стои во менито, постојат калачи со гускино месо и без него. За сите што се заинтересирани да научат како се прават калачи во музејот „Калачнаја“ се одржуваат работилници.

Коломна е позната и по својата пастила од локалните јаболка. Толку разновидни деликатеси тешко ќе најдете на некое друго место!

Зарајск

Алексеј Куденко / Sputnik
Алексеј Куденко / Sputnik

Тврдини се граделе во многу региони во Русија, но најголем број има во Подмосковје. Денес можат да се видат 9 утврдувања, но најдоброзачувани се оние во Коломна и во Зарајск (тврдини има и во Вереја, Волокoламск, Можајск, Звенигород, Дмитров, Серпухов, Руза).

Зарајската тврдина е изградена во 1528-1531 година по указ на Василиј Трети за заштита на јужните граници на Москва. Во Смутната доба војвода на Зарајск бил кнезот Дмитриј Пожарски, благодарение на кој, меѓу другото, градот се одбранил од војската на Лажниот Дмитриј Втори (повеќе за тоа дознајте тука).

Европски бизони во Приокско-Терасниот природен резерват  

Виталиј Белоусов / Sputnik
Виталиј Белоусов / Sputnik

Недалеку од Серпухов можете да се запознаете со ретки животни кои порано биле современици на мамутите. Во Приокско-Терасниот резерват од четириесеттите години се обновува популацијата на бизони и тие се враќаат во својата природна средина.

Нов Ерусалим

Сергеј Бобилев / TASS
Сергеј Бобилев / TASS

Во XVII век во близина на градот Истра патријархот Никон одлучил да подигне свој Ерусалим. Димензиите на Ново-Ерусалимскиот манастир требало да ја покажат сета моќ на православната црква.

Тука се наоѓаат и Храмот на Гробот Господов, и своја Голгота, а дури и на реката Истра на ова место ѝ е сменето името во Јордан.

Во близина се наоѓа и еден од најголемите уметнички музеи во Русија „Нов Ерусалим“ со над 180 илјади експонати.

Имотот Архангељское

Legion Media
Legion Media

Овој раскошен имот често се споредува со Версај. Според богатството не заостанува зад царските резиденции. Архангељское има сменето многу сопственици. Тука биле семејствата Шереметјеви, Голицини, Јусупови. Денес ова е локален музеј со голем парк и театар, кој е отворен за сите заинтересирани.

Звенигород

Ludvig14 (CC BY-SA 4.0)
Ludvig14 (CC BY-SA 4.0)

Еден од најстарите градови во Подмосковје (познат од средината на XII век), Звенигород често се нарекува „подмосковска Швајцарија“. Пејзажот тука е навистина прекрасен: еловите шуми во долината на реката Сторошка како да повикуваат на прошетка.

Називот на градот често се поврзува со неговата одбранбена намена. Се смета дека војниците на кулите од тврдината со ѕвона ги предупредувале жителите на градот дека непријателот се приближува.

Во Звенигород е зачуван Савино-Сторожевскиот манастир од бел камен, кој уште од 1398 година го има основано ученикот на Сергиј Радонешки монахот Сава.

Паркот Малевич

Александр Шчербак / TASS
Александр Шчербак / TASS

Доколку не можете да се решите дали повеќе сакате прошетка по шума или современа уметност, тогаш ова место е за вас. Новиот парк се наоѓа недалеку од железничката станица Раздори (Одинцово), а арт-објектите ве очекуваат онаму каде што најмалку се надевате. Натписи на дрвјата, месечина на полјана, мрежи во шума. Шетајќи по паркот, ќе наидувате на луѓе кои восхитено набљудуваат уште едно уметничко дело.

Ѕвездениот град

Александр Рјумин / TASS
Александр Рјумин / TASS

Во Ѕвездениот град (Шчелковски реон) можете да дознаете како космонаутите се подготвуваат за лет до Меѓународната вселенска станица и со што се занимаваат во вселената. Таму ќе ви покажат симулатори, скафандери, макети на вселенски бродови. Ова е затворен град и во него не може да се влезе туку-така. За разгледување руските државјани треба да се пријават 21 работен ден порано, а странците 45 работни дена претходно.

Музеј на авијацијата во Монино

Legion Media
Legion Media

Во Централниот музеј на Военото воздухопловство на Русија собрани се ретки воени и цивилни авиони од различни години. Меѓу најинтересните експонати се советскиот суперсоничен патнички авион Ту-144, супертешкиот транспоретн хеликоптер В-12, леталото БОР-5 кое се врати од вселената и многу други.

Аџилак до Лаврата

Алексеј Маљгавко / Sputnik
Алексеј Маљгавко / Sputnik

Пешачката патека од Москва до Троица-Сергиевата лавра е една од најнеобичните туристички маршрути во Русија. Таа е наследничка на некогашниот пат на аџиите до преподобниот Сергиј Радонешки.

Патеката е долга 120 километри, доколку сметаме од московскиот Кремљ. Патот води низ музеите Абрамцево и Мураново, селото Радонеж и Хотково. Не мора пеш да го минете целиот пат, туку можете да се одлучите само за помалите делници од по неколку километри (за ова повеќе пишувавме тука).

Секако, до Сергиев Посад каде што се наоѓа Лаврата, може да се стаса и со редовен воз или со автобус. Освен храмот, во градот се наоѓа и познатиот музеј на играчки. Се смета дека тука настанала првата играчка матрјошка.

Гжељската фабрика за порцелан

Сергеј Пјатаков / Sputnik
Сергеј Пјатаков / Sputnik

Во Подмосковје се развиваат голем број руски уметнички занаети кои се познати ширум светот. Еден од нив е гжељската керамика со бело-сини орнаменти (Раменски реон). Во селото Гжељ глината отсекогаш била со висок квалитет и од неа луѓето правеле и тули, и цевки, и украсни керамички плочки, и играчки. Но, најголемо внимание привлекуваат насликаните садови со раскошни птици и цвеќе. Во текот на екскурзијата низ Гжељската фабрика за порцелан ќе имате можност и да пробате изработка на грнчарија.

Жостовски лимени послужавници

Екатерина Чеснокова / Sputnik
Екатерина Чеснокова / Sputnik

Овој уметнички занает настанал во 19 век во селото Жостово (градски округ Митишчи). Послужавниците на кои цутат разнобојни букети се препознатливи насекаде нив светот! Во фабриката можете да го видите целиот процес на производство на најнеобичните примероци насликани послужавници.

Биолошка станица за лосови

Евгениј Бијатов / Sputnik
Евгениј Бијатов / Sputnik

Националниот парк „Лосов остров“ зазема огромна површина на североистокот на Москва и Московската област. Во Биолошката станица во Митишчинскиот градски округ посетителите можат да се запознаат со лосот, господарот на шумата. Тука на слобода живеат лосови, обични елени и сика елени. По националниот парк можете да шетате самостојно или со организирана група со водич.

Областен музеј Мелихово

Stolbovsky (CC BY-SA 3.0)
Stolbovsky (CC BY-SA 3.0)

Овој благороднички имот до денес го чува сеќавањето на рускиот писател Антон Чехов којшто живеел тука од 1892 до 1899 година. Литературниот музеј во близина на градот Чехов е отворен во 1921 година, а роднините на писателот помогнале во собирањето експонати, вклучувајќи и лични предмети.

Во Мелихово се одржуваат театарски и литературни манифестации, изложби, концерти.

Имотот Биково

Евгениј Бијатов / Sputnik
Евгениј Бијатов / Sputnik

Во Раменскиот градски округ скриен е исклучително убав благороднички имот Биково, подигнат во стилот на неоготиката кон крајот на 18 век. На имотот се наоѓа Владимирската црква која потсетува на дворец од сказните. Се смета дека ја проектирал Василиј Баженов кој исто така бил архитект на дворецот во Царицино.

Можајск

Legion Media
Legion Media

Најубавиот поглед на градот се дава од врвот на Можајската тврдина. Центарот на Можајск го задржал распоредот на улиците од 18 век и ќе биде интересен за сите одние кои сакаат поблизу да се запознаат со старите населби на Подмосковје. Недалеку од градот се наоѓа областниот музеј „Бородинско поле“ и старата железничка станица Бородино.

Областниот музеј на Петар Чајковски во Клин

Legion Media
Legion Media

Оваа куќа композиторот ја изнајмувал во текот на последните две години од животот, а веќе една година по неговата смрт во неа е отворен меморијален музеј. Личните предмети на Чајковски, неговите книги, клавирот – сѐ е целосно зачувано.

Сенешкото езеро

 Руски музеј
Руски музеј

Ова езеро настанало пред два века во Солнечногорскиот реон за напојување на каналот помеѓу Истра и Сестра. Ова е мошне живописен предел, кој на своја слика го има овековечено Исак Левитан во 1898 година.

Mosreg.ru (CC BY 4.0)
Mosreg.ru (CC BY 4.0)

Налето тука можете да се капете и да се сончате на плажа, а кога е студено да го посетите центарот „Попатен дворец“ и да се запознаете со животот на московската провинција во 18 век.

Бонус во случај на снег: Јахрома

Сергеј Ведјашкин / Агенција „Москва“
Сергеј Ведјашкин / Агенција „Москва“

Во текот на зимската сезона во Јахрома (Дмитровски реон) функционира скијалиште. Секако, брдата во Подмосковје не се многу високи, но посетата на скијалиштето ќе им годи дури и на оние што не сакаат спорт. Од Савјоловската железничка станица до Јахрома сообраќа тематски ретровоз во стилот на осумдесеттите години со дрвени клупи. Од станицата Јахрома до скијалиштето „Сорочани“, „Волен“ и „Јахроми“ возат ретроавтобусите „Икаруси“.

<