Како живее амурскиот леопард, најреткиот вид на оваа дива мачка на светот?

Legion Media
Legion Media
Тој си ја сака мајка си, доволна му е само една срна неделно, а зиме има подолго крзно.

Амурскиот или далекоисточниот леопард е најсеверниот претставник на овој вид диви мачки. Ги има околу 130 во светот и практично сите живеат во руското Приморје. Ајде да ги запознаеме подобро!

Шумата му е помила од џунглата

Tom Brakefield / Getty Images
Tom Brakefield / Getty Images

Леопардите лесно можат да се замислат во џунгла или тропска шума, тие обично сакаат топла и влажна клима. Но, живеалиштето на амурскиот леопард се наоѓа над 45-та паралела, а климата таму е сосема поинаква: владеат долги снежни и студени зими. А наместо тропски шуми и савана, тука се протега непроодна тајга со мноштво карпести планини.

Всушност, леопардите некогаш живееле уште посеверно. Тие биле вообичаена појава на целиот евроазиски континент, но изумреле пред повеќе од 10 илјади години. Додека леопардите на Далечниот Исток успеале да преживеат благодарение на нивната оддалеченост од цивилизацијата.

Legion Media
Legion Media

Нивната популација во последно време дури и расте благодарение на забраната за лов (од 1956 година) и основањето на националниот парк „Земјата на леопардот“ во 2012 година.

Под заштита 

Некои леопарди се дури и под заштита на познати личности: Памела Андерсон (нејзиниот леопард се вика Памела), папата Францеск (тој го нарече леопардот Мартин Фјеро, по фолклорниот јунак од неговата татковина - Аргентина), рускиот музичар Дима Билан (неговото „кумашинче“ се вика Виктор), главниот природонаучник на руската телевизија Николај Дроздов (неговиот штитеник се вика Бајкал).

Иљја Најмушин / Sputnik
Иљја Најмушин / Sputnik

А покрај тоа, одделни леопарди се заштитени од цели организации: весникот „Комсомолскаја правда“ (нивната женка-леопард се вика Сочи и веќе има единаесет години, таа е еден од најстарите жители на паркот), синџирот кина „Илузион “ (тие ја нарекоа младата женка Илузиочка) и многу други.

Зимска камуфлажа 

Sputnik
Sputnik

Амурскиот леопард е еден и пол пати помал од неговите африкански братучеди (тежи над 50 килограми), но не е ништо помалку елегантен и исто толку дамчест. Научниците го разликуваат секој леопард токму по неговите индивидуални шари.

И иако на прв поглед се чини дека шарите на леопардот се соодветни само во тропска средина, природата мислела на сè. Светлите бои не го спречуваат да лови, бидејќи неговиот плен - срната и другите копитари – гледаат црно-бело.

Michael Semenov/500px / Getty Images
Michael Semenov/500px / Getty Images

Но, во исто време има и „зимска камуфлажа“: за да биде помалку забележлив на снегот, неговите црни дамки стануваат посветли. А освен тоа, му расте подолго крзно. Исто така, за зимата се подготвува со таложење на маснотии на боковите. Додека напролет повторно добива елегантна фигура.

Очи како сокол 

Денес ова е единствениот вид леопард што умее да лови на снег. А неговите способности се импресивни. Може да забележи жртва на оддалеченост од над еден километар, да нападне од 5-10 метри и да скока до 3 метри во висина.

Владимир Астапкович / Sputnik
Владимир Астапкович / Sputnik

Колку често мора да лови? Всушност, и не толку често. Доволна му е една срна неделно, а можеби и за две недели. Без проблем издржува глад и неколку недели (или ќе улови, на пример, некој зајак).

Знаат дека е тешко да се биде возрасен

Виталиј Ањков / Sputnik
Виталиј Ањков / Sputnik

Амурскиот леопард е слабо проучен бидејќи е многу редок. Долго време се сметаше дека се самотници и дека младенчињата почнуваат самостоен живот веќе неколку месеци по раѓањето. Но понекогаш вработените во националниот парк „Земјата на леопардот“ забележуваат сосем необични моменти во нивниот живот. Во ова видео, на пример, мајка го храни својот возрасен син со млеко, а исто така го лиже околу вратот. Тој веќе има повеќе од шест месеци, но сé уште не брза да почне да лови.  

Се шетаат по должината на границата 

Поголемиот дел од амурските леопард живеат во Русија (на крајот на 2022 година беа 125 на број), но одреден број (8-12) беа регистрирани и во Кина. Притоа има и леопарди кои без проблем преминуваат од една во друга земја. Патем, да напоменеме дека една од женките во пограничниот појас така и се вика: Граница.

 

<