GW2RU
GW2RU

Зошто оваа планина во Русија се третира како најстара на светот?

Валентина Плотникова (CC BY-SA 4.0)
На јужен Урал, во Чељабинската област, се наоѓа планината Карандаш. Воопшто не е висока - само 610 метри, но жителите на Урал сметаат дека е најстарата на планетата. Но, не е баш така.

Староста на планината своевремено била проценета според израндитот, карпа која се наоѓа на нејзините падини. Израндитот е откриен во 1958 година од советскиот геолог Лав Овчиников и именуван по реката Изранда, која извира на местото каде што е пронајдена карпата. Подоцна, беше утврдена приближната старост на израндитот. Излегува дека е стар отприлика 3,512 милијарди години, додека нашата планета, според процените на научниците, е стара 4,5 милијарди години (според други извори 4,75).

Во 2016 година геолозите зедоа примерок од израндит од врвот на планината Карандаш и проценија дека е стар 2,375 милијарди години. Според нивното мислење, израндитите се остатоци  од суперконтинент кој постоел во архајската (прекамбриската ера) пред 2 милијарди години. Меѓутоа, првите откритија во областа на геохронологијата веќе го сторија своето, така што Карандаш во народната свест остана запаметен како најстарата планина на светот.

Во Гинисовата книга на рекорди, сепак, таа титула е доделена на јужноафриканските планини Махонџва (Појасот Барбертон Гринстоун). Нивната старост се проценува на 3,6 милијарди години.

Уралските планини, на кои припаѓа планината Карандаш, навистина се помлади од Махонџва. Нивното формирање започнало пред 350 милиони години и завршило пред 200 милиони години. Тоа што во нивниот состав се наоѓа прастариот израндит се објаснува со процесот на орогенеза. Тој суперконтинент прво се раздвоил, формирајќи депресија, а потоа неговите остатоци силно се судриле, создавајќи наборани подрачја. Така, расскршените карпи од архајскиот период ја формирале основата на Уралските планини, а со текот на времето на некои места почнале да излегуваат на површина.

Според тоа, Карандаш не е најстарата планина на светот. Но, никој повеќе не може да ги разубеди Уралците!