
5 најважни московски манастири

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Пред болшевичката револуција од 1917 година, на територијата на современа Москва имало околу 30 активни манастири (пет самостојни манастири имало во самиот Кремљ!). Советските власти многу од нив затвориле, па дури и урнале, но многу успеале да опстанат и денес 15 од нив функционираат – во нив живеат монаси и монахињи и вршат редовни богослужби.
Многу московски манастири имаат своја историја уште од средниот век – некои дури датираат од 14 век. Многу од нив имаат статус на „ставропигик“, односно се директно потчинети на патријархот.
Во продолжение истакнуваме само некои од најубавите московски манастири.
1. Новодевичји манастир

Ова е најпознатиот и, можеби, најубав манастир во Москва. Во царска доба, би можело да се каже, дека бил елитен манастир. Во него се прогонувани вдовиците и роднините на многу цареви како монахињи, а на манастирот му донирале огромни суми пари.
Уште кон крајот на 19 век, овој женски манастир стоел осамен среде таканаречените Девојчешки полиња на западната периферија на Москва, а сега е речиси во центарот на градот. Манастирот е основан во мај 1524 година од страна на кнезот Василиј Трети (таткото на Иван Грозни) во чест тоа што руската војска повторно го освоила градот Смоленск од Литванското Кнежевство. Манастирот е посветен на Смоленската икона на Богородица. Најверојатно го граделе италијански архитекти кои биле задолжени и за изградбата на московскиот Кремљ. Обично женските манастири не биле опкружени со големи ѕидови како тврдини како што е кај машките, но Новодевичиот манастир морал да се утврди за да им одолее на нападите на непријателот.

Има неколку цркви од различни векови, вклучувајќи и убави примери со барокен стил. Покрај тоа, главната Смоленска катедрала има дури и зачувани фрески од 16 век!
2. Донски манастир

Манастирот е основан кон крајот на 16 век во чест одбивањето на нападите на кримските Татари. Порано на ова место на јужната периферија на Москва постоел царски воен логор (сега, повторно, речиси во самиот центар), додека самиот манастир со своите моќни ѕидини е замислен како уште една одбранбена градба. Манастирот е посветен на иконата на Богородицата Донска. Според легендата, свети Сергиј Радонешки го благословил принцот Дмитриј Донски со овој свет лик пред Куликовската битка против Татаро-Монголците.

Во манастирот постојат дури два храма посветени на оваа икона. Тоа е „Малата катедрала“ од доцниот 16 век со низови украси во облик на кокошник и камбанарија во облик на шатор и „Големата катедрала“ од доцниот 17 век – сега архитектонски центар на манастирот. Една од главните карактеристики на „Големата катедрала“ е осмостепениот резбарен иконостас кој го изработиле најдобрите иконописци и дрворезци.

Манастирот повеќе пати е пљачкан и уништуван за време на „смутната доба“ на преминот од 16 кон 17 век, како и во 1812 година кога Наполеон влегол во Москва. Во советско време манастирот имал среќа, зашто преминал под управување на Музејот на архитектурата. Значи, таму се пренесени скулптурални фрагменти од многу храмови и манастири кои советските власти ги урнале, на пример од Соборната црква на Христос Спасителот.
3. Покровски манастир

Се чини дека редот за чекање на овој манастир никогаш не завршува. А, сето тоа е зашто верниците доаѓаат да се поклонат на моштите на света Матрона Московска. Пред неа се молат за здравје и бараат помош во тешките животни околности. Таа е почитувана светителка која починала во 1952 година, им помагала на страдалниците во текот на Втората светска војна. Канонизирана е во 1997 година. Толку има желни што сакаат да ги допрат нејзините мошти, што во манастирот се појави дури и хотел.

Манастирот првобитно е граден како машки манастир. Царот Михаил, првиот од династијата Романови, го основал во 1635 година во знак на сеќавање на својот татко патријархот Филарет кој починал на Покров на Богородица. Дел од манастирот, кој бил затворен во текот на советската ера, е доделен на Таганскиот парк, а ѕидот е делумно урнат. Манастирот е вратен на црквата во деведесеттите години од минатиот век, но како женски.
4. Марфо-Мариински манастир

Ова е еден од најмладите манастири во Москва. Во 1909 година го основала великата кнегиња Елизавета Фјодоровна, сестрата на последната царица Александра. Елизавета преминала во монашки живот и во основање на манастирот по смртта на својот сопруг, губернаторот на Москва и велики кнез Сергеј Александрович кого го убиле терористи.
Главниот храм на манастирот го изградил познатиот архитект Алексеј Шчусев во стилот на сецесијата. Го насликал познатиот уметник Михаил Нестеров.

Елизавета активно се занимавала со хуманитарна работа: монахињите од нејзиниот манастир се грижеле за децата-бездомници, предавале во верските училишта и работеле како болничарки во болниците. Во текот на Првата светска војна токму во манастирот била организирана болница за ранети.
Во советско време игуменијата со царска крв е прогонета со останатите Романови, а потоа е убиена така што е фрлена во окно на рудник и е оставена да скапува, додека многу нејзини монахињи биле прогонувани. Манастирот е затворен и долго време работел како амбуланта, а потоа како кино и дом на култура.
Денес манастирот е повторно вратен во функција и, според старата традиција, има сиропатилиште за девојчиња и учествува во разни хуманитарни иницијативи.
5. Спасо-Андроников манастир

Единствениот неактивен манастир на нашата листа. Во советско време е затворен и претворен во музеј. Но, едноставно не можевме да не го споменеме зашто токму тука се наоѓа најстариот зачуван московски храм Соборната црква на Спасот (изградена во 1420-тите години). Во овој храм се зачуван фрагменти на слики од големиот иконописец Андреј Рубљов. Самиот Рубљов таму бил монах и во него се наоѓа и неговиот гроб, но сега е изгубен. Првиот игумен на манастирот Андроник (чие име сега го носи манастирот) бил близок следбеник на Сергиј Радонешки.

Во советско време манастирот е затворен, а неговата територија ја заземале заеднички станови на работниците од блиската фабрика „Серп и Молот“. Меѓутоа, името на Рубљов е толку значајно за историјата, што во 1961 година, на 600-годишнината од раѓањето на иконописецот, овој манастир е обновен.
Поставен е споменик на иконописецот и отворен е Музејот на староруската култура и уметност „Андреј Рубљов“ во кој се донесени уникатните дрвени икони и други предмети од верската уметност од затворените цркви од целиот СССР.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа