10 најинтересни места во Јарославската област (ФОТО)

Sergey_Sizov / Getty Images
Sergey_Sizov / Getty Images
Јарославската област е една од најубавите во Русија. Низ самиот Јарослављ и низ останатите градови од областа минува туристичката маршрута „Златен прстен“. Тука е концентриран неверојатен број древни градови, цркви и знаменитости.

1. Историскиот центар на Јарослављ

JackF / Getty Images
JackF / Getty Images

Јарослављ лежи на устието на реката Которосљ во Волга. Тој е престолнина на регионот (и неофицијална престолнина на „Златниот прстен“ на Русија). Тоа е град со илјадагодишна историја, а неговите знаменитости се прикажани на банкнотата од 1.000 рубли. Градот од една страна е современ и нуди барови и ресторани за сечиј вкус, а од друга е преполн со историја и со богато културно наследство. Така тука можете да минете многу време во разгледување на знаменитостите и во посета на старите храмови... (не пропуштајте го Јарославскиот локален музеј и црквата на Пророк Илија од 17 век).

Дури и ако не сакате музеи, ви препорачуваме да ја посетите макетата „Златен прстен“ каде во една просторија можете да ги видите главните знаменитости на сите градови од Златниот прстен во минијатура. Притоа не станува збор за статична минијатурна архитектура, туку за цел подвижен свет. Тука се движат возови и автомобили, работат електрани, се слушаат ѕвона од цркви. Секои 10 минути се стемнува и во градовите се палат светлата.

Шоу-макет «Золотое кольцо»
Шоу-макет «Золотое кольцо»

2. Переслављ-Залески

Ова е првиот град во областа кој се наоѓа патот од Москва за Јарослављ и исто така е дел од „Златниот прстен“. Во Переслављ се наоѓа една од најстарите зачувани цркви во Русији – Спасо-Преображенската црква од 1152. година.

saiko3p / Getty Images
saiko3p / Getty Images

Инаку, тука речиси секоја куќа има некаков музеј со своја тематика, од пегли до грамофонски плочи. Една од најнеобичните се крие во шумата недалеку од градот. Тоа е Преславскиот железнички музеј под отворено небо.

Legion Media
Legion Media

Тука се собрани модели на различни парни локомотиви и вагони од почетокот на 20 век. А, можете да се повозите на вистинска дресина.

3. Плешчеево езеро

Legion Media
Legion Media

Переслављ лежи на брегот на големо езеро. Тоа е познато по тоа што Петар Велики тука ја тренирал својата момчешка флота „за игра и забава“. На брегот се наоѓа музеј во кој е изложена малата едрилица „Фортуна“ која според легендата ја направил самиот Петар.

Belliy/Wikipedia
Belliy/Wikipedia

Кај Плешчеевото езеро се наоѓа древниот артефакт на паганска Русија – свети Син камен. Тоа е карпа (се претпоставува дека е тешка 12 тони), која по дожд добива модра боја. Каменот го обожавале луѓето од претхристијанската доба, а по примањето на православието се верувало дека има мистични својства и дека тука се собираат нечистите сили.

Mara Fribus / Getty Images
Mara Fribus / Getty Images

Плешчеево е рај за љубителите на недопрената природа, тука живеат многу ретки видови птици и цицачи, а во околината на езерото има шуми и живописни предели. Можете да се сместите во еден од бунгаловите во туристичкиот центар или да земете шатор. Ќе уживате во убавината на природата, ќе возите чамец или штица за веслање. Има и школа за кајтинг, а налето тука се одржува фестивал на балоните.

4. Ростовска тврдина

can400 / Getty Images
can400 / Getty Images

Следен град на патот е Ростов Велики (кој не треба да се меша со јужниот Ростов на Дон). Негова главна знаменитост е тврдината од бел камен со неверојатна убавина. Таа нашла свое место и во популарната култура. На ова место, имено, се снимени многу сцени од култната комедија „Иван Василевич ја менува професијата“.

Леонид Гајдај, 1973/Мосфильм Кадар од филмот „Иван Василевич ја менува професијата“
Леонид Гајдај, 1973/Мосфильм

Тврдината тука нема одбранбена улога како во другите градови. Подигната е како резиденција за ростовскиот митрополит Јона III 1650-80 година. А високите ѕидини со пушкарници и набљудувачници ја претставуваат стилизацијата и модата од тој период.

Задолжително посетете ја древната Успенска црква, погледнете ги иконостасите и фреските, а исто така прошетајте по живописниот парк. Во локалната црковна трпезарија пробајте печиво со квас, медовина или збитењ (древен напиток од мед, зачини и ароматични билки).

Како сувенир можете да купите украс во техниката ростовски финифт. Станува збор за стар локален занает кој подразбира сликање предмети со тенок слој емајл.

5. Углич – место на пресуден историски настан

Andrey Nikitin / Getty Images
Andrey Nikitin / Getty Images

Малиот град на живописниот брег на Волга е познат во цела Русија. Но, не благодарение на древните цркви или на природата, туку како место каде што е убиен принцот Дмитриј, што значело крај на династијата Рјурикович, со што започнала Смутната доба.

Најзначајната знаменитост на градот е внатре во тврдината, а околу неа можат да се најдат бројни сувенирници и новиот кеј со современи кафулиња и ресторани.

Посетете го Дворецот на угличките кнезови од 15 век, како и црквата Дмитриј на Крв со неверојатни фрески, подигната на местото на убиството на принцот.

6. Град на глувци

JackF
JackF

Бродовите што крстосуваат по Волга задолжително запираат на ова место. Мишкин е највпечатливото и најсимпатично гратче во целата област, чиј мал центар го има зачувано духот на руската старина. Благодарение на својот назив градот од глувците направил своја знаменитост. И сега глувците се насекаде. Има музеј на глувци, а на секој чекор се продаваат сувенири: глувци во разни варијанти.

Andrey Nikitin / Getty Images
Andrey Nikitin / Getty Images

Особено популарен сувенир е малото глинено глувче што се става во паричникот за да имате среќа со парите. Исто така, на плоштадот каде што запираат крузерите од Волга се продава свежо чадена риба од различни сорти. А, од камбанаријата на црквата Николај Чудотворец има волшебен поглед на реката.

7. Рибинск — град во ретростил

Squirrel82v (CC BY-SA 4.0)
Squirrel82v (CC BY-SA 4.0)

Уште еден град што лежи на Волга е Рибинск. Тука можете да ја почувствувате атмосферата на богат трговски град. Порано ова бил трговски центар, меѓу другото, и со риба. Тука се наоѓа Музејот на браќата Нобел, коишто ја развивале нафтената индустрија во градот и на Волга.

Прошетката по Рибинск е чисто задоволство. Денес препознатлива карактеристика на овој град е тоа што сите натписи на продавниците се направени во ретростил од времето пред Револуцијата. Дури и современите банки, продавници и салони за мобилна телефонија ги привлекуваат посетителите со старинските натписи. Освен тоа, Рибинск има убаво уреден и долг кеј и дури и сопствен Црвен плоштад којшто изгледа како типичен средновековен (и покрај споменикот на Ленин).

8. Најубавото село во Русија

Анастасија Степанова / Museumfest.ru
Анастасија Степанова / Museumfest.ru

Селото Вјатское на 40 километри од Јарослављ се смета за најубаво во Русија (барем според мислењето на Асоцијацијата „Најубави села на Русија“). Во последниве години тоа е вистинска мека за туристите. Центарот е реставриран во стилот на сецесијата од почетокот на 20 век со калдрма и со стари зданија.

Има и музеи за сечиј вкус (вклучувајќи го и Музејот на руското претприемаштво), сувенирници и продавници со локални деликатеси, слатки и алкохолни пијалаци, како и бројни кафе-ресторани.


9. Борисоглебски манастир

Ludvig14 (CC BY-SA 4.0)
Ludvig14 (CC BY-SA 4.0)

Меѓу Ростов и Углич се наоѓа древен манастир од големо значење. Во 1363 година го основале монасите Фјодор и Павел по благослов на Сергиј Радонешки, кој според преданието го избрал и местото за манастирот (роден е недалеку оттука). Манастирот отсекогаш бил центар на овој крај, го посетувале царевите, околу него постепено се формирало село каде што се одржувале панаѓури.

Во советско време во него не се одржувале служби и бил отворен музеј, но денес е повторно активен машки манастир. За неговото некогашно значење зборуваат манастирските ѕидини и импресивната црква над портата.

10. Тутаев

Legion Media
Legion Media

Градот го добил ова име по Револуцијата, а претходно се викал Романов-Борисоглебск. Бил познат по фабриката за минерални масла, како и по ленената и крзнената мануфактура (во 18 век тука со селекција е добиена романовската овца).

До денес од еден дел на градот во друг се стасува само со траект, така што подгответе се за пловидба или, пак, решете се да посетите само еден брег на реката. На пример, тука се наоѓа Воскресенската црква со исклучителна убавина. Обрнете внимание на фризот од декоративни плочки и слики на фасадата, а внатре задолжително пријдете до реликвијата на храмот: станува збор за чудотворната икона Спас Борисоглебски висока три метри.

<