Зошто матурската прослава во Санкт Петербург ја нарекуваат „Алови едра“?

Александар Демјанчук / TASS
Александар Демјанчук / TASS
Кон крајот на јуни во Санкт Петербург се одржува атрактивна матурска прослава наречена „Алови едра“. Од коментарите видовме дека не секој знае зошто празникот се нарекува така и како воопшто настанал. Сега ќе ви ја откриеме оваа тајна.

Крај на јуни е. Во Петербург се бели ноќи. Во доцните вечерни часови, кога на градот се спушта самракот, на Нева испловува елегантен едреник со црвени едра. Тој плови по должината на Дворскиот кеј под кренатите мостови додека околу него светка огномет, а сето тоа од брегот го следат илјадници возбудени матуранти.

Токму така изгледа најатрактивниот настан на годината во Санкт Петербург – матурската прослава „Алови едра“... Но, како настанала и зошто го носи тоа име?

Расказ и филм „Алови едра“

Бајковитиот расказ на советскиот писател Александар е објавен во 1923 година. Според заплетот на книгата, девојче кое сака да сонува по име Асољ живее со својот татко морнар покрај морето во измислена земја. Еднаш запознава скитник-раскажувач кој ѝ кажува дека еден ден од брегот ќе здогледа прекрасен едреник со алови едра. Со него ќе доплови преубав принц и ќе ја однесе во чудесните земји преку морето.

Мосфильм, 1961 / Sputnik Кадар од филмот „Алови едра“
Мосфильм, 1961 / Sputnik

Оттогаш, девојчето цврсто верува во таа бајка. Таа и нејзиниот татко живеат во немаштија и сите ѝ се потсмеваат нејзе и на нејзината верба. Но, таа не се сомнева.

Многу години подоцна, богатиот младич Греј, кој побегнал од дома и станал капетан, здогледува девојка со неверојатна убавина и се вљубува во неа на прв поглед. А во една локална гостилница слуша потсмешлива приказна за алови едра. Тогаш купува две илјади квадратни метри светлоцрвена ткаенина и наредува од неа да се направат едра за неговиот брод.

Рано наутро Асољ здогледува во морето брод со алови едра. Од бродот до брегот во чамец допловува младич, кој ќе ја земе Асољ со себе.

Оваа приказна зборува за тоа дека животниот сон задолжително се остварува ако човек длабоко верува во него. Како и за тоа дека срцето што сака заради драга личност е способно за големи подвизи.

Мосфильм, 1961. Кадар од филмот „Алови едра“
Мосфильм, 1961.

Екранизацијата на „Алови едра“ е снимена во 1961 година. Филмот ја освои советската публика и постигна голема гледаност. Улогата на Асољ ја толкуваше убавицата Анастасија Вертинскаја, а улогата на Греј Василиј Лановој. Филмот беше толку популарен што некои советски родители ги крстеа своите девојчиња Асољ.

Прослава „Алови едра“

Советските деца, кои и претходно беа маѓепсани од бајковитите приказни и сакаа да читаат романи за далечни патувања, едноставно ја обожаваа бајката за „Аловите едра“.

Во 1968 година остроумните ученици од завршните класови на средните училишта во Ленинград предложија да се одржи прослава „Алови едра“. На 28 јуни над 25000 матуранти се собраа на широката Нева на која исплови прекрасниот едреник „Надеж“ (извесно време го носеше името „Ленинград“). Во подоцнежните години беше заменет со едреникот „Кодор“.

Рудолф Кучеров / Sputnik „Алови едра“ во Ленинград, 1971.
Рудолф Кучеров / Sputnik

Тоа беше почеток на една традиција. Празникот секоја година се прославуваше со многу помпа. Неговото значење беше дека кога матурантите ќе завршат гимназија стапуваат во нов живот, каде што сите нивни соништа можат да се остварат и каде што ги чека светла иднина. Слоганот на празникот е: „На младите им се отворени сите патишта“.

Но, во 1979 година, во екот на епохата на „стагнација“, градските власти ги укинаа масовните собири на младите како што е овој празник. Прославата беше преместена на стадионот. По распадот на СССР, на матурската вечер на Нева почнаа да се појавуваат приватни бродови со црвени едра, во знак на сеќавање на празникот.

Петар Коваљов / TASS
Петар Коваљов / TASS

Обновата на празникот беше иницирана од Владимир Путин во 2005 година. Тој самиот има завршено школо во Ленинград во 1970 година, кога празникот се славеше со големо воодушевување. Од 2005 година оваа голема прослава се одржува редовно со концерт, величествен огномет и милиони гледачи. Симбол на празникот е едриличарот „Русија“, специјално купен и реставриран за „Аловите едра“.

 

<