GW2RU
GW2RU

30 руски градови кои вреди да се посетат

Russia Beyond (Photo: ShotPrime, Dmitry Potashkin, Andrey Danilovich, saiko3p, benedek, bbsferrari, Westend61, Mordolff/Getty Images)
Што да се посети? Старите градови на „Златниот прстен“, уралските театри и музеи, но да не се заборави ни Крајниот Север. Ова е субјективен избор на руски градови врз основа на искуствата на нашите новинари. Може да ви послужи како инспирација!

30. Сочи

Сочи
saiko3p / Getty Images

Сочи дефинитивно ќе се најде на секоја листа на најатрактивните руски градови. И за летен, и за зимски туризам. Тука е навистина убаво во секое време од годината. Блага клима, море, наоколу планини и многу активности за сечиј вкус: од дискотеки за млади до санаториуми за лекување и закрепнување.

29. Јарослав

Јарослав
JackF / Getty Images

Срцето на „Златниот прстен“ на Русија, град стар над илјада години! Стариот центар на Јарослав е на списокот на Светското културно наследство на УНЕСКО.

28. Самара

Самара
iunewind / Getty Images

Кејот на брегот на реката Волга во Самара е долг преку 4 километри и е пријатно место за пешачење и рекреација. Покрај тоа, Самара има метро, ​​таен бункер и најстарата пивница во Русија.

27. Јошкар Ола

Јошкар Ола
JackF / Getty Images

Градот е делумно инспириран од европската архитектура. Станбени згради во холандски стил, плоштад во венецијански. А Спаската кула како во Москва.

26. Нижни Новгород

Нижни Новгород
Evgeniy Romanov / Getty Images

Како прво, ова е стар руски град со тврдина. Второ, ова е родното место на автомобилите ГАЗ. И трето, тој е главен град на зајдисонцата. Ако тоа не е доволно, тука се и Чкаловските скалила, меѓу најдолгите во Русија, со 560 скали

25. Велики Новгород

Велики Новгород
Vladislav Zolotov / Getty Images

Велики Новгород во Средниот век поседувал големи територии на север и бил ривал на Москва за позицијата главен град. Пресудните настани од историјата на земјата нашле свој одраз на споменикот Милениум на Русија, подигнат во 1862 година.

24. Перм

Перм
Донат Сорокин / TASS

Културна престолнина на Урал. Тука е куќата-музеј на Сергеј Дјагилев, кој на светот му го откри рускиот балет. Како и театарот за опера и балет „Петар Чајковски“. Тоа е единствениот театар во Русија каде се изведени сите негови десет опери и три балети. А тука е и кејот на реката Кама со познатата порака „Среќата не е преку ридот“.

23. Екатеринбург

Екатеринбург
Dmitry Potashkin / Getty Images

Уралските облакодери и советскиот конструктивизам во едно пакување. Екатеринбург го има и единственото метро на Урал.

22. Дербент

Дербент
Валерий Шарифулин / TASS

Еден од најстарите градови во Русија и светот, Дербент, постои од VI  век п.н.е. Во тоа време биле удрени темелите на дербентската тврдина Нарин-кала. Џума-џамијата, изградена во 734 година, е најстарата во Русија.

21. Салехард

Салехард
Павел Кузьмичев

Крајниот Север: згради со светли бои, поларна светлина, топли автобуски станици. Салехард е единствениот град во светот кој се наоѓа токму на Арктичкиот круг. А ако сакате уште посеверен колорит, посетете го на Денот на гоничите на ирвасите, кога на ова место се  собираат од цел Јамал.

20. Улан Уде

Иволгинскиот дацан во близина на Улан Уде
saiko3p / Getty Images

Улан Уде не е само главен град на Бурјатија, туку и центар на рускиот будизам. Овде треба да дојдете за да видите прекрасни дацани, да ја запознаете бурјатската кујна (со познатото јадење „бузи“) и обичаите.

19. Јакутск

Исиах
Андрей Сорокин

Најголемиот град на светот сместен во областа на вечниот снег и мраз. Во зима температурите достигнуваат и до -50, а во лето овде со стил се слави Новата година – Исиах. Тоа е фестивал на традиционална музика, танци и разновидна забава.

18. Тула

Тула
Leonid Andronov / Getty Images

Самоварите, медените колачиња, старата тврдина и оклопот ќе им ги оставиме на љубителите на историјата. Покрај сето тоа, овде може да се видат јавни простори создадени со преуредување на стари фабрики, фотогеничниот казански кеј и пешачката „Улица на металците“, каде животот не запира ниту дење ниту ноќе.

17. Владикавказ

Владикавказ
Эрик Романенко / TASS

Осетински пити, и со тоа е кажано сé. Владикавказ е градот во кој ќе научите да разликувате фидџин од уалибах. А каков само поглед се протега на планината Столоваја од центарот на градот!

16. Кисловодск

Кисловодск
Алексей Даничев / Sputnik

Омилената бања на класиците на руската литература е позната по своите извори кои не ги изгубиле своите лековити својства. Најголемата гордост на Кисловодск е огромниот градски парк.

15. Калининград

Калининград
Andrey Danilovich / Getty Images

Катче на стара Европа во Русија, татковината на филозофот Имануел Кант. Автентичниот германски стил сè уште може да се види овде-онде, заобиколувајќи ја сета стилизирана новоградба, додека на некои места Калининград наликува на типичен советски град.

14. Владивосток

Владивосток
saiko3p / Getty Images

Град на мостови, светилници и ридови со видиковци. Крајна станица на Транссибирската железничка магистрала. Препознатлива карактеристика на овој град се епските мостови над заливот Златен Рог и до островот Руски. Затоа странците го споредуваат со Сан Франциско.

13. Ростов на Дон

Ростов на Дон
Эрик Романенко / TASS

Голем и убав јужен град на Русија, каде што можете да прошетате по бреговите на Дон, да дознаете за историјата на Козаците и за ручек да се почестите со рибја чорба и донски ракови.

12. Казан

Казан
benedek / Getty Images

Тврдината од бел камен, кривата кула Сјујумбике, мотиви на источните бајки во метрото. И запомнете: никој сè уште не си отишол од Казан без да проба чак-чак.

11. Краснојарск

Краснојарск
Vera Tikhonova / Getty Images

И во самиот град можете да ја доживеете величественоста на сибирската природа. Посетете го островот Татишев и запознајте ги слатките арктички верверички, прошетајте по пешачкиот мост преку Енисеј, но најдобро од сè: посетете го националниот парк Краснојарски столбови. Паркот се состои од 48 илјади хектари тајга и стари карпи, но еден негов дел можете да посетите и во градот.

10. Томск

Томск
Кирилл Кухмарь / TASS

Еден од најстарите градови во Сибир, основан во 1604 година. Во градот се зачувани многу дрвени градби од минатиот век. Доколку ве интересираат куќи украсени со „дрвена чипка“, ова е вистинското место за вас.

9. Новосибирск

Новосибирск
Zastavkin / Getty Images

Голем руски град и единствен со метро во Сибир. Го има Академскиот град (Академгородок), советски град на научници скриен во шумата. Тука е единствената зоолошка градина во светот каде одблизу можете да видите голем број Паласови мачки, мистериозни и вечно незадоволни пуфкасти суштества.

8. Мурманск

Мурманск
Лев Федосеев / TASS

Најголемиот арктички град на светот! Во Мурманск живеат околу 270 илјади луѓе. Во центарот на градот долж брегот е вкотвен вистински нуклеарен мразокршач „Ленин“, сега музеј. А на периферијата можете да видите фантастични мурали на фасадите на зградите со приказ на јунаци од лапонските бајки.

7. Тоболск

Тоболск
Tuul & Bruno Morandi / Getty Images

Градот изгледа како бајка: тврдина од бел камен (единствената во Сибир), улици поплочени во европски стил, пријатни кафетерии и неоготска катедрала. И сето тоа среде непрегледни шуми, далеку од големите патишта.

6. Севастопол

Севастопол
Алексей Мальгавко / Sputnik

Тука се наоѓа базата на Црноморската флота и големото пристаниште. На територијата на современиот Севастопол има и остатоци од антички Херсонес, основан во 5 век п.н.е.

5. Суздал

Суздал
Legion Media

Сè што е типично руско може да се најде на едно место во овој град на Златниот прстен. Дрвени куќи, голем број цркви, традиционална руска кујна и продавници со облека и предмети за домаќинството во ретро руски стил.

4. Вологда

Вологда
bbsferrari / Getty Images

Главниот град на рускиот север, Вологда е познат по тврдината од бел камен од XVI век, дрвените куќи со резбани прозорски рамки, икони и чипка. Како и по старите занаети.

3. Архангелск

Архангелск
Павел Львов / Sputnik

Сé до изградбата на Санкт Петербург, Архангелск бил за Русија комерцијален и културен „прозорец кон Европа“. Во централните улици се зачувани стари трговски дрвени куќи. Има и модерни ресторани каде се подготвуваат традиционалните јадења на Поморите во современа интерпретација.

А на брегот на реката Двина можете да го прочитате „одговорот“ за Перм: „Среќата не е преку морето“.

2. Санкт Петербург

Санкт Петербург
Westend61

Повеќе од двесте години Санкт Петербург, основан од Петар I, бил престолнина  на Руската империја. Овде живееле писатели, сликари, композитори од XVIII-XIX век, а градот и ден-денес се нарекува културна престолнина на Русија. Каде на друго место би можеле да најдете толку многу дворци, музеи и архитектонски ремек-дела на едно место?

1. Москва

Москва
Mordolff / Getty Images

Главниот град на Русија е град кој мора да го посетите барем еднаш во животот. Овде можете да видите архитектура од сосема различни епохи, од Стара Русија до современи денови. А тука се најубавото метро, најнеобичните солитери и ресторани со јадења од целиот свет!