Што сакаат луѓето во Русија да јадат во воз?
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Патувањето со воз во Русија може да трае од неколку часа до неколку дена. На пример, од Москва до Санкт Петербург со брз воз се стигнува до четири часа, а со Трансибирската железница од Москва до Владивосток за седум дена.
Без оглед на тоа што некои патници купуваат билети со топол оброк или ги користат вагон-рестораните, повеќето по традиција на далечен пат си носат домашна храна.
Најпопуларната храна во воз
„Татко ми често одеше на далечни службени патувања, а мама му подготвуваше полна торба храна. Секој пат пакуваше чаден сиров колбас, кој уште дополнително се сушеше, солена или чадена сланина и конзервирана храна. За првите неколку дена му подготвуваше домашна храна која, како што го предупредуваше, требаше да ја изеде прво“. Вака железничката гастроромантика ја опишува корисникот по име Ферија на руски интернет форум.
Рака на срце, омилената храна на патувањето со воз во последниве децении не се смени многу. Патниците најмногу сакаат да понесат да јадат во воз сендвичи со сувомеснати производи или кашкавал и слатки со чај. Впрочем, какво е тоа патување без чај во чаши со преубави метални држачи кој го послужува стјуардот.
За солиден оброк изборот по правило паѓа на варен компир (со лушпа или без) и печено пиле или шницла. Место компир може да дојде варен ориз или хелда. Со класичната комбинација како додаток одат и варени јајца и свеж зеленчук, домати и краставици.
Во советскиот сатиричен роман „Дванаесет столчиња“ авторите Иљф и Петров пишуваа во шеговит тон: „Патникот навистина јаде многу. Обичните смртници ноќе не јадат, меѓутоа патникот јаде и ноќе. Јаде печено пиле кое за него е скапо, тврдо варени јајца кои не се добри за желудникот и маслинки“.
Покрај пилето и јајцата, во последно време многу популарни се јадењата што се подготвуваат брзо, како што се пастата, пирето и супите кои пред употреба треба само да се прелијат со врела вода и да се измешаат.
И, се разбира, никој ги нема укинато најразновидните грицки како што се чипсот, двопекот, кексот, зрнестите плодови и сушеното овошје.
Купување на перон
Додека возот стои во станицата, патниците ја купуваат храната директно од локалното население, и покрај тоа што тоа не е секогаш законски. Пржени пирошки, пиле и шницли, сезонско овошје и зеленчук, медени колачиња, мед и слатко и џем. Понудата не зависи само од годишното време, туку и од правецот во кој патува возот.
На патниците на возот кој патува на југ локалното население им нуди домати, диња, лубеница, кајсии, јаболка и круши. Сé што успева во нивната градина во одредено годишно време. Ќе се најде и локално вино. Најчесто пред купувањето ќе ви понудат првин да пробате. Пред пристигнувањето на утринскиот воз се донесуваат свежо кравјо или козјо млеко, кашкавал и павлака.
За патниците во возовите во правец на Санкт Петербург или Карелија, во сезона во понудата се печурки, брусница, кљуква и боровница, како и локални видови риба (на пример деверика или јагула).
Понудата со риби е богата и во правец на Бајкалското езеро. Овде се купува маринирана младица и чаден липен.
И речиси во сите правци се сретнуваат бабички кои продаваат пирошки со солен или благ фил.
„Најчеста и најомилена храна на патување со воз се пирошките“, тврди Елена, која често го користи железничкиот транспорт. „Било да се домашни или купечки. Луѓето кои често патуваат службено на истата рута, веќе знаат и можат да кажат од кои бабички е најдобро да се купуваат пирошки на одделни станици“.
Не морате дури ни да излегувате од возот за да купите нешто. Трговијата се врши преку полуотворен прозор. Вистина, одговорност за квалитетот на производите не носи никој. А прирачната аптека со препарати за желудник нема да му штети на ниту еден патник.
Најнесоодветната и често многу иритирачка храна
Се разбира, никој не може да им забрани на патниците да јадат во возот свое пиле, кисели краставички или боршч.
Ние сепак составиме список на намирници кои можеби е подобро да ги оставите дома. Или барем да ги јадете во ресторан:
- Лук поради силниот мирис.
- Мандарини, чиј мирис не иритира толку многу колку што предизвикува желба веднаш да се послужите со истото.
- Грав од конзерва поради подоцнежни пречки во варењето и гасовите кај љубителите на грав.
- Чадена риба и харинга поради интензивниот мирис кој многу брзо се шири низ целиот вагон.
- Млечните производи како кефир или јогурт многу брзо се расипуваат надвор од фрижидерот, па доколку цврсто сте решиле да ги понесете со себе, најдобро е да ги консумирате првиот час од вашето патување.
- Колачи со крем. Овие колачи на топло можат многу брзо да се расипат и да предизвикаат труење.