Сарма – бајкалскиот ветер што убива!
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Каков е тој застрашувачки ветер и од каде доаѓа?
„Не можеш да излезеш надвор, затоа што ако ти налета трупец, готов си“, вели Екатерина од Улан Уде, опишувајќи го овој разорен ветер со необичното име „сарма“. И таа воопшто не претерува, бидејќи налетите на ветерот можат да достигнат и 60 m/s, а тоа е максималната брзина што ја развива возот „Сапсан“ (215-230 km/h). Таквите бурни ветришта лесно откорнуваат дрвја, ги носат покривите како да се направени од хартија и потопуваат големи бродови.
„Сарма“ се создава кога воздушните струи ќе се судрат со Приморскиот гребен и потоа, откако ќе го совладаат планинскиот венец, со голема брзина се спуштаат кон Бајкалот. Најчесто таков ветер беснее во есен и зима. Тогаш жителите на истоименото село ги врзуваат покривите на своите куќи за земја за да не ги однесе ветерот, бидејќи селото е точно на патот на разорната стихија.
Бурјатите имаат легенда за потеклото на овој ветер. Имено, Сарма била дух и поседувала ковчеже. Штом ќе го отворела, Бајкалот почнувал да се буди. Ветровите Баргузин и Култук се фатиле во костец, сметајќи дека Сарма ќе стане сопруга на оној што ќе излезе како победник од таа борба. Меѓутоа, Сарма ги одбила и двајцата, па несреќните ергени решиле да ѝ се одмаздат со кражба на ковчежето. Подоцна тоа ковчеже ќе го најде рибарот Ољхон и ќе ѝ го врати на Сарма, за потоа да ѝ стане маж. Баргузин и Култук не можеле да се помират со тоа и им објавиле војна на Сарма и Олхон. Но, наместо да поттикнува омраза и непријателство, Сарма им предлага спорот да се реши на друг начин - кој ќе успее да ја стигне, нему ќе му биде жена. После тоа Сарма се претворила во ветер и никој не успеал да ја фати!
Бурјаните веруваат дека „Сарма“ почнува да беснее кога на Бајкалот ќе му се земе нешто многу вредно или кога луѓето го загадуваат. И тоа не е чудно, бидејќи сите народи што живеат во близина на езерото го почитуваат ова место и го третираат како нешто живо.
Што укажува на тоа дека „Сарма“ се приближува?
Од првите навестувања до првите налети на ветрот обично се потребни околу 2-3 часа. Ако над Приморскиот венец видите облаци во облик на печурка со јасни рабови, тоа значи дека треба да организирате подготовки за дочек на бурата.
Последниот и највпечатлив знак е отворањето на таканаречените „порти“ - процепи меѓу планинските врвови и облаците. „Сарма“ обично наидува 15-30 минути после тоа. Ако одлучите да го посетите Бајкалот, запомнете ги овие предвесници на бурата и бидете многу внимателни. Бајкалот е најдобро да се посети во текот на летото, кога времето им е наклонето на патниците.
Колку е опасна „Сарма“?
Накратко - многу е опасна! Локалните жители се навикнати на такви каприци на природата, а за неинформираните патници, средбата со моќниот ветер може да заврши трагично, како што повеќе пати се има случено на бреговите на Бајкалот.
Најголемата трагедија се случила ноќта меѓу 14 и 15 октомври 1901 година, кога „Сарма“ го потопила паробродот „Јаков“, кој влечел уште три брода. Ветерот ги однел бродовите, а сите 178 патници ги загубиле животите: некои од силината на ударот на ветрот во бродот, а некои од хипотермија во ледената есенска вода на Бајкалското езеро.
После тоа, во следните неколку години, овој ветер потопил уште неколку бродови. И уште порано, во XVII и XVIII век, многу несреќни рибари на мали чамци честопати не успевале да се вратат на брегот навреме и исчезнале засекогаш во турбулентните длабочини на Бајкалот.
Денес вакви несреќи не се случуваат многу често. „Луѓето сега можат да препознаат кога се приближува „Сарма“ и знаат дека е подобро да бидат подалеку од Бајкалот“, додава Екатерина, зборувајќи за своето искуство за време на бурата. „Но, тогаш, немавме среќа, нé закачи „Сарма“.