
7 најважни светињи на православна Русија

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Троица-Сергиева лавра
Свето-Троицкиот манастир го основал преподобен Сергиј Радонешки, еден од најпочитуваните руски светители. Манастирот е оддалечен 70 километри од Москва.

Свети Сергиј го основал манастирот по правилата на општежитие и неговиот манастир станал духовен центар на Стара Русија. (Подетално прочитајте тука). Една од најважните руски светињи, иконата „Света Троица“ на Андреј Рубљов, насликана е специјално за овој манастир.
Денес Троица-Сергиевата лавра е најголем руски манастир. Тој не беше затвроен дури ни во советско време зашто властите го оставија како своевиден „излог“ на руското православие за странците. Архитектонскиот ансамбл на Троица-Сергиевиот манастир од 1993 година се наоѓа на листата на споменици на Светско културно наследство на УНЕСКО.

Освен тоа, ова е една од најпосетуваните знаменитости во Русија (по Црвениот плоштад, Петергоф и Казањскиот кремљ). Секоја година манастирот го посетуваат околу 2 милиони луѓе„
2. Дивеевски манастир

Кон крајот на 18 век во селото Дивеево (сега Нижегородска област) Пресвета Богородица ѝ се јавила на монахињата Александра и ѝ заповедала на ова место да основа манастир. Така се појавила дувеевската женска монашка заедница чиј покровител станал свети Серафим Саровски, исто така еден од мошне почитуваните светители. По неговата смрт манастирот е наречен Серафимо-Дивеевски.

Во советско време манастирот е затворен, но сестрите продолжиле да водат монашки начин на живот и тајно организирале богослужби. Во 1988 година манастирот почнал да се обновува. Во него се пренесени моштите на свети Серафим Саровски, кои со години се чуваа во Музејот на атеизмот.
Секоја година околу 400.000 луѓе доаѓаат во посета на Дивеевскиот манастир и на поклонение на моштите на свети Серафим Саровски.
3. Кишки погост (погост – оградени гробишта со парохиска црква)

Малиот остров Кижи на Онешкото езеро е познат ширум светот благодарение на комплексот дрвени објекти од 18 и 19 век. Најпозната градба на островот Кижи е црквата на Преображение на Богородица подигната кон крајот на 17 и почетокот на 18 век. Покривот на храмот е изграден на повеќе нивоа и украсен е со 22 куполи. Според легендата, дрводелецот Нестор ја изградил црквата без ниту еден клинец, а од алат имал само секира. Кога ја завршил работата, ја фрлил секирата во езерото за никој да не го повтори неговото ремек-дело. (Денес, меѓутоа, на црквата можат да се најдат клинци, што е последица на реставрацијата од подоцнежниот период). Во внатрешноста на храмот неодамна е реставриран изрезбаниот иконостас со четири нивоа.

Постојат преданија за чудата што во 16 век пред монашењето ги правел митрополитот Филип, идниот игумен на Соловецкиот манастир. Додека како надничар работел кај еден локален селанец ловел есетра во езерото Онега кој не живее тука. Постојат и многу други легенди за тоа како идни светители на патот во Соловецкиот манастир запирале на островот Кижи. Дури ни советските власти не му правеле ништо на Кижи зашто ја сфатиле културно-историската вредност на погостот. Згора на тоа во 1920 година ова место е ставено под заштита на државата како споменик на архитектурата, а во 1990 година Кишкиот погост е внесен во списокот на културно наследство на народите од Руската Федерација.
Во 2022 година островот Кижи го посетиле 360.000 луѓе. Секоја година се зголемува бројот на туристи и аџии на островот, иако тој е мошне непристапен (налето до него се стасува со траект, а назима со ховеркрафт).
4. Кирило-Белозерски манастир

Кон крајот на 14 век монахот Кирил Белозерски, ученик на Сергиј Радонешки, пеш стасал до овие северни земји и на брегот на Сиверското езеро основал манастир кој подоцна го добил неговото име. Според преданието, на Кирил ова место за основање манастир му го покажала самата Пресвета Богородица, а виши сили неколку пати го спасувале од смрт. За подвижништвото и за монашкиот труд е канонизиран како преподобен. Неговите мошти се една од најважните светињи на манастирот.
Кирило-Белозерскиот манастир со своите моќни ѕидини е еден од најголемите во Русија и во Европа. Во него се наоѓаат зачувани храмови од крајот на 15 и од 16 век. Овој манастир претставува најважна знаменитост на Волгодската област.

Од 1997 година комплексот на Кирило-Белозерскиот музеј е вклучен во државната листа на особено вредни објекти на културното наследство на народот на Руската Федерација. А, Ферапонтовиот манастир, огранок на музејот во кој се зачувани уникатните Дионисиеви фрески од почетокот на 16 век во 2000 година влезе во листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Секоја година Кирило-Белозерскиот музеј и манастир го посетуваат 330.000 луѓе.
5. Псковско-Печорски манастир

Историјата на манастирот започнува во 1473 година. Првиот монах се населил во тукашните пештери и подигнал пештерска црква во чест на празникот Успение на Пресвета Богородица. Со текот на времето во манастирот се формирала цела мрежа пештери во кои се погребувале монасите и нивните мошти не се распаѓале.

Ова е еден од ретките манастири кои во советскиот период не е затворен, и затоа во него оделе многумина кои во СССР сакале монашки начин на живот. Меѓу нив имало многу ветерани од Втората светска војна. Околу 40 години тука живеел мошне почитуваниот старец Јован (Крестјанкин). За секојдневниот живот и за чудата од манастирот се зборува во книгата „Несвети, а свети“ на познатиот жител на овој манастир, а сега митрополит псковски Тихон (Шевкунов).
Манастирот кој се наоѓа на самата граница со Естонија во 2022 година го имаат посетено околу 230.000 туристи и аџии.
6. Валаамски манастир

Точниот датум на основање на манастирот на островот Валаам во езерото Ладога не е познат. Најверојатно тука живееле монаси уште во 10 век. Според преданието, ова место го посетил и апостолот Андреј Првозвани.
Манастирот за првпат се споменува во писмени извори од 14 век. Меѓутоа, поради нападот на Швеѓаните тој долго бил фактички напуштен, а обновен е дури по наредба на Петар Први, кога царот започнал да го гради Санкт Петербург и да ги протерува Швеѓаните од окупираните територии.

Манастирот бил оштетен во текот на советско-финската војна. Сите монаси биле евакуирани. Во текот на Втората светска војна во манастирските згради била сместена поморската школа за подофицери и бродски калфи, а потоа и Домот за инвалиди. Богослужбите повторно започнаа во 1989 година.
Валаам отсекогаш бил популарна дестинација за аџилак и за туризам. Валаамскиот архипелаг во 1996 година е внесен во листата на светско наследство на УНЕСКО. И покрај тоа што тука може да се дојде само со чамец или со брзиот брод „Метеор“, секоја година манастирот го посетуваат до 160.000 туристи и аџии.
7. Соловецки манастир

Соловецкиот архипелаг (Соловки) во Бело Море стана озлогласен во 20 век како еден од првите ограноци на ГУЛАГ. Затворениците живееја во манастирските цркви, на кревети поставени на неколку ката. Во него логорските стражари вршеле крвави маскари и егзекуции.
Потоа тука е сместена Поморската школа за подофицери и бродски калфи, а во 1988 година повторно е основана црковна парохија и започнува богослужба. Оттогаш манастирот внимателно и детално се обновува.

Манастирот има долга историја и место е на големи духовни и монашки подвизи. А, сѐ започнало од неколку пустиници кои заталкале на далечните острови. Една од главните светињи на ова место се моштите на Зосима и Саватиј Соловецки кои во 15 век го основала манастирот, а подоцна се прогласени за светители. Во 17 век манастирот бил последно упориште на староверците кои речиси 20 години се спротивставувале на црковната реформа и се бранеле и држеле благодарение на моќните ѕидини.
Соловки во 1992 година се внесени во листата на светско наследство на УНЕСКО и во државната листа на особено вредни културни објекти на Русија. Пред пандемијата оддалечениот архипелаг годишно го посетуваа околу 20.000 туристи и аџии, а во 2022 година оваа цифра достигна 60.000. Поради оддалеченоста на островот пристапот за туристите е отворен само во топлото време од годината.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа