
Како е да се биде муслиман во Москва?

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Исламот е втора по број на верници автохтона религија во Русија, која инаку спаѓа меѓу 20-те земји со најголем процент на муслиманско население (13,6%). Христијаните и муслиманите со векови живееле рамо до рамо во иста земја, што и денес делумно ја објаснува нивната способност да најдат заеднички јазик.

Мнозинството муслимани во Русија сè уште живеат на подрачјата што историски ги населувале, на Северен Кавказ и во републиките Татарстан и Башкирија. Животот таму е главно организиран според муслиманските канони, но многу муслимани се преселуваат во Москва и Санкт Петербург, бидејќи тие нудат повеќе можности. Покрај тоа, во Москва заради работа доаѓаат и жителите на централна Азија (од поранешните советски републики). Во Москва, од 13 милиони жители, секој четврти е муслиман. Ги има вкупно 3,5 милиони или 5,5 милиони ако ги собереме и жителите на Москва и Московската област, кои се околу 20 милиони.

Денес во руската престолнина има вкупно четири џамии и неколку исламски културни центри. За време на петочната молитва, а особено на големите празници, џамиите не можат да ги примат сите верници, така што тие ги исполнуваат околните улици. И покрај ова, муслиманите сметаат дека главниот град на Руската Федерација е многу удобен за живеење.
Ништо лошо, само недоразбирање
Ајша е родена во Ингушетија (Ингушетија е руска република на Северен Кавказ, каде што 98 отсто од населението се муслимани) во муслиманско семејство, а во Москва дошла во 2021 година. Во руската престолнина таа има пријатели и роднини, па затоа повеќе се дружи со муслимани отколку со припадници на другите вери. Во Москва живее голем број муслимани. „Често имам чувство дека никаде не сум ни отишла, каде и да одам, секој ден среќавам најмалку три или четири забулени девојки, а да не зборувам за муслиманите воопшто“, вели Ајша.
И Ајша носи хиџаб. Се случува да слуша чудни шеги или коментари на своја сметка, но тоа не ѝ предизвикува негативни чувства, туку ги третира како недоразбирање кое со текот на времето може да се надмине.

„Кога сестра ми првпат дојде на факултет покриена, се соочи со игнорирање од студентите. Но, таа е многу дружељубива личност и со текот на времето самата воспостави контакт со сите. Нејзините колеги брзо сфатија дека шамијата не ја прави вонземјанка. Сега сé е супер, се дружи со сите“.
Според Ајша, ова „дистанцирање“ на почетокот било фрустрирачко, но во исто време забележала дека кон неа генерално се однесуваат со поголемо внимание и почит отколку спрема нејзините немуслимански познаници: „Луѓето во Русија се многу отворени и брзо преминуваат на поблиска комуникација. Кога си забрадена, тие навистина не знаат што смеат а што не смеат да прават и кажат. И затоа комуницираат со поголема воздржаност и почит“.
„Ми се допаѓа Москва, овде сé е многу удобно. Можете да се молите секаде, да давате годишен добротворен прилог задолжителен за сите муслимани во посебни фондови. Моите пријатели муслимани кои многу патуваат секогаш велат дека меѓу немуслиманските градови Москва е најудобното место за живот на муслиманите. Дури и Лондон е на второ место“.
Прашања за исламот
Камила е родена и израсната во Самара (град во средно Поволжје, на околу илјада километри од Москва) во муслиманско семејство. И покрај тоа што во родниот град имала повеќе познаници муслимани, таа се чувствува удобно во Москва. „Религијата е она што е во човекот. Затоа сеедно ми е дали има муслимани околу мене. Не е важно дали градот е муслимански или не.

Се разбира, убаво е да се патува во градовите каде од минарето пет пати на ден се слуша повикот за молитва, тоа е сосема друга атмосфера. Но, сепак, посветувам повеќе внимание на целокупното ниво на удобност“.
Според Камила, овде никој не зборува ништо лошо за неа лично ниту за нејзината вера. Имало само еден непријатен случај кога девојките на факултетот навредливо зборувале за исламот во нејзино присуство. Но, тоа не ѝ го расипало впечатокот за градот.
Камила смета дека во Москва има толку многу луѓе што е полесно да се сретне со истомисленици, дури и во сферата на исламот.
Зачувување на идентитетот
Чеченецот Магомед го дели мислењето на Камила за пријателскиот однос на жителите на Москва. Тој особено сака да му поставуваат прашања за исламот. Се радува кога луѓето се обидуваат да ја разберат неговата вера.
Магомед е роден во Чеченија, во муслиманско семејство, но таму живеел само 3 години и се преселил во Германија. Поради тоа што детството го поминал во Германија, доцна станал свесен за својата националност и вера, а зборувал само германски и англиски. Дури кога се вратил во Чеченија на 11-годишна возраст ги научил чеченскиот и рускиот јазик и почнал да го проучува исламот.

„Се чувствував непријатно и се однесував многу срамежливо целата прва година од мојот живот во Москва. А потоа се адаптирав. Москва генерално ми помогна да сфатам дека сум многу подруштвен отколку што мислев“. Магомед не се соочил со негативни ставови кон себе, иако повремено слушал шеги за муслиманите засновани на стереотипи. „Би било неприфатливо кога на тој начин би се исмејувала или навредувала мојата вера, што никогаш не се случи“.
Во работата на московските претпријатија и институции нема паузи за молитва, но Магомед сè уште не ги пропушта молитвите. Со себе си носи простирка или едноставно користи јакна кога простирката не е достапна. И другите московски муслимани го прават истото, понекогаш дури и во метрото. „Ме мотивираше една сцена која со свои очи ја видов зимава додека одев на автобуска станица. До автобуската постојка имаше мал простор покриен со снег на чија средина еден човек постави простирка и се молеше“, вели Магомед.

За мажите во исламот, покрај петте дневни намази, во џамија има задолжителен намаз во петок попладне. Ова е еден од ретките проблеми што ги забележал Магомед. „Петок не е слободен ден во Москва, скратено работно време тој ден исто така не е предвидено, а до џамијата треба да патувам час и половина. Затоа понекогаш морам да ја прескокнам петочната молитва“.
Магомед признава дека во Чеченија би му било полесно да се придржува до сите религиозни прописи, но тој гледа повеќе можности во Москва. Малку му недостига и Германија, но кога би требало да бира меѓу Германија и Русија, би ја избрал Русија, бидејќи духовноста и поврзаноста со корените му се многу важни.