Како Владимир Мајаковски направи револуција во руската поезија

Russia Beyond (Јевгениј Одиноков/Sputnik; ГБУК г. Москва «Државен музеј В. В. Мајаковски»/Russia in photo)
Russia Beyond (Јевгениј Одиноков/Sputnik; ГБУК г. Москва «Државен музеј В. В. Мајаковски»/Russia in photo)
Скаклести стихови, дрски синоними и смели рими, нови метафори и пораки – сето тоа беше карактеристично за поетот-авангардист кој ја „крена во воздух“ класичната поезија и на нејзините урнатини изгради друга – сосема нова и по форма и по содржина.

„Светот го заглушив со силата на својот глас,
дваесетидвегодишник – идам,
убавец, свој“.

Вака во 1914 година во поемата „Облак во панталони“ самиот себеси се опишал Владимир Мајаковски (1893-1930), еден од најнеобичните, најсамобитните и најпознати руски поети.

Беше висок и широк во рамениците, така што се издвојуваше од другите. „Чекореше меѓу луѓето како Гуливер“, пишува за него Корнеј Чуковски. Громогласно ги читаше своите стихови со својот искинат и остар ритам. Делуваше грубо, но беше сентиментален и ранлив.

Стиховите како оружје на револуцијата

ГБУК г. Москва „Државен музеј В. В. Мајаковски“/Russia in photo Мајаковски во свечено елече од плиш, 1914.
ГБУК г. Москва „Државен музеј В. В. Мајаковски“/Russia in photo

Се смета дека Мајаковски бил главен пролетерски поет. Револуцијата ја дочекал со воодушевување. Уште во 1908 година се придружил на болшевиците и се задоил со идеите на комунизмот.

„Јас сум ѓубреџија
и водоносец,
револуција
ме мобилизираше...“ („На сиот глас“, 1930)

Во печатот дебитираше во 1912 година. Неговите стихови беа објавени во состав на футуристичкиот зборник со звучен назив „Шлаканица на општествениот вкус“. Во манифестот во состав на зборникот младите поети-новатори предлагаа Пушкин, Достоевски, Толстој и другите класици да се фрлат во вода „од парабродот на современоста“.

Мајаковски предлага да се заборави и „стариот“ јазик и неговите уметнички средства, а своите стихови ги спротивставува на лакираната салонска поезија. Не избирајќи изрази тој им се потсмева на другите поети. И навистина, веројатно нема донецките рудари да читаат на Пушкиновите „разочарани монокли“ и на демонстрациите да викаат: „Мојот вујко начело на возвипените...“ [почеток на „Евгениј Онегин“]?

Наместо „напевот“ на старата поезија, тој нуди „повик“, наместо „приспивни“ „татнеж на тапанот“. Тој вреска и вика на читателот. Своите зборови ги споредува со оружје. Тие му служеле како средство за агитација, како „војска“, како „искинати рими со заострени врвови“.

Нов јазик

ГБУК г. Москва „Државен музеј В. В. Мајаковски“/Russia in photo Мајаковски со пријателите во работилницата на Николај Кулибин, 1915.
ГБУК г. Москва „Државен музеј В. В. Мајаковски“/Russia in photo

Мајаковски ги чита своите стихови пред публика, но не во камерни салони за високото општество, но пред големи аудиториуми кои често биле составени од студенти и од обични работници.

„Говорот на Мајаковски е гласен, устен, јавен говор. Негово природно поприште се трибината, естрадата, плоштадот... Но, во исто време неговиот говор е и фамилијарен, и токму овој спој на фамилијарност и на јавно обраќање му дава на јазикот на Мајаковски оригиналност и самобитност“, има напишано еден од првите сериозни истражувачи на Мајаковски, Григориј Винокур, во својата книга „Мајаковски како новатор во јазикот“.

Една од најпознатите песни „Би можеле ли?“ (1913) е предизвик. Нејзиниот лирски јунак дрско се претставува и ја предизвикува публиката, поставувајќи намерно хиперболизирано прашање:

„А, вие
би можеле ли да свирите
нукторно
на олук?“

„Револуцијата го изнесе на улица разговорниот јазик на милионите, и жаргонот од предградијата потече од централните авении“, пишува Мајаковски во статијата „Како се пишуваат стихови?“ (1926). Со тие милиони треба да се разговара на нивниот јазик: „Поезијата е незгодна гадотија“ („Јубилејна“, 1924). Покрај жаргонот, тој воведува и сосема нови зборови коишто „без пардон“ самиот ги измислува.

Револуционерна форма

ГБУК г. Москва „Државен музеј В. В. Мајаковски“/Russia in photo Мајаковски, 1924.
ГБУК г. Москва „Државен музеј В. В. Мајаковски“/Russia in photo

Новата поезија не можеше да се „смести“ во старата лексика, но ни во претходниот метар на стихот. Од најраните стихови Мајаковски ги сакал кусите редови кои како да се расфрлани, и тоа со времето стана еден од облиците на неговата изразност и негов „заштитен знак“.

Погазувајќи ги сите канони на поезијата тој речиси непристојно формираше ретчиња во песните. Во текот на дваесеттите години од минатиот век се појавуваат неговите графички „скалести“ стихови.

„Кога се составува стих наменет за печат, треба да се има предвид како тој ќе биде доживеан токму како печатено дело“, објасни поетот. Секој ред како да му ја сугерира на читателот интонацијата на авторот, т.е. каде да направи пауза и што да издвои.

Мајаковски ја „надминува“ и синтаксата. „Нашата обична пунктуација со точки, со запирки, со прашалници и со извичници е премногу сиромашна и неизразна“, изјавува тој.

Понекогаш излегува дека вообичаената граматичка врска меѓу расфрлените исечоци на неговите стихови едноставно не постои, и дека тие се поврзани само по смислам, по семантика, пишува Винокур.

Мајаковски студирал уметност, така што визуелниот сегмент на уметничкото доживување за него секогаш имал значење. Големо влијание на него извршил Давид Бурљук, поет и сликар, еден од основачите на рускиот футуризам и кубофутуризам во сликарството.

Сосема нови теми

Јуриј Левјант / Sputnik Одлевo надесно: Борис Пастернак, Сергеј Ејзенштејн, О. Третјакова, Љиља Брик, Владимир Мајаковски (Москва, мај 1924).
Јуриј Левјант / Sputnik

Теми на неговите стихови биле револуцијата, граѓанската војна и комунизмот. За првпат поезијата во толкава мера се ставила во служба на агитацијата. Мајаковски составува сатирични пароли за агитациските плакати „Прозорци на РАСТОТ“, а по повод годишнината од револуцијата ја пишува и една од првите агитациски пиеси „Мистеријата Буф“ што ќе ја постави режисерот Всеволод Мејерхољд, а сценографијата за претставата ја осмислува Казимир Малевич.

Новиот човек исто така требаше и да се образува, така што Мајаковски не се гнасел од „ниските“ теми коишто претходно биле речиси незамисливи во поезијата. Една од таквите е, на пример, одржувањето хигиена.

„Другари,
со сапун и со вода
мијте ги рацете
пред да јадете“.

Мајаковски пишувал и стихови за деца. Една од најпознатите детски стихотворби е „Што е добро, а што лошо?“. Станува збор за своевиден манифест на однесувањето на децата на комунизмиот.

Николај Петров / Sputnik Мајаковски, 1924.
Николај Петров / Sputnik

„Граѓанската лирика“ и патриотските стихови за љубовта кон татковината се подигнуваат на ново смисловно и естетско ниво. Во „Стихови за советскиот пасош“ (1929), едно од најпознатите дела, Мајаковски пишува:

„Вадам
од широките панталони
дупликат на
непроценлив багаж.
Читајте
и завидувајте ми,
зашто јас сум
граѓанин на
Советскиот Сојуз“.

<