Велесовата книга – како лажното учење во деведесеттите стекна илјадници следбеници
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Во тоа време беше отецот словенски Богумир и имаше три ќерки и два сина. И така тогаш нивната мајка која Славуни се викаше, му рече на Богумир на седмиот ден: Ќерките наши треба да ги омажиме и потоа внуци да видиме. Ја запрегна Богумир запрегата и замина со коњите. И стаса до дабот што беше во полето и запре кај огнот. И виде тројца мажи на коњи како му се приближуваат... Се врати Богумир во својата степа и ги доведе мажите на ќерките. Оттогаш настанаа три рода соединети и славни. Оттука излегоа Древјани, Кривичи и Пољани, зашто првата Богумирова ќерка се викаше Дрва, втората Скрева, а третата Полева. Синовите пак Богумирови се викаа Сева и младичот Рус. Од нив произлегоа Северјани и Руси. Тројцата мажи беа тројца весници: Утре, Пладне и Вечер“.
Вака гласи легендата за потеклото на Словените по Велесовата книга – наводно древна хроника којашто зборува за историјата на народите од Евроазија од 9 век пред нашата ера. Оригиналот на овој документ никој никогаш го нема видено. Но, тоа не претставуваше пречка Велесовата книга да добие неверојатна популарност (објавени се повеќе од 10 преводи!) и да стане едно од главните „учења“ на неопаганите.
Историјатот на книгата
Автор на мистификацијата е рускиот емигрант Јуриј Мирољубов. Тој во 1952 година напиша писмо до редакцијата на списанието „Жар-птица“ коешто на руски јазик излегуваше во Сан Фрнациско, тврдејќи дека тој, Мирољубов, наводно има откриено некои древни штици од 5 век на кои е забележана историјата на Древна Русија. Списанието во 1955 година објави една слика – фотографија на текст препишан од штицата. А, од 1957 до 1959 година е објавен „преводот“ на комплетниот „текст од штицата“. Според Мирољубов во „преводот“ учествувал и Александар Куренков со кој Мирољубов бил во преписка – исто така емигрант и исто така љубител на антички споменици.
Мирољубов на артефактот му го даде називот „Изенбекови штици“. Според неговата верзија, штиците му припаѓале на уметникот Фјодор Изенбек кој во времето на Граѓанската војна ги нашол на опљачкан имот, а кога емигрирал ги носел со себе ширум Европа. Во Брисел во 1925 година се запознал со Мирољубов и му дозволил да ги проучува штиците 15 години.
„Тој беше мошне сомничав кон какви било скриени намери кога станува збор за штиците. Не ми дозволуваше да ги земам дома! Морав да седам во неговото ателје во улицата Бесм, во Укела, и таму ме заклучуваше. Еднаш седев во таков притвор два дена! А, кога дојде повторно, беше мошне изненаден зашто заборавил дека ме оставил во ателјето“, му напишал Мирољубов на Сергеј Лесној кој исто така беше „истражувач на штиците“.
За време на нацистичката окупација на Белгија во 1941 година уметникот починал, а на „артефактот“, наводно, му се губи трагата.
Називот „Велесова книга“ датира од 1966 година кога започнува да го користи Лесној, кој во странство го објавува делото „Велесова книга“ каде што самиот ги дешифрира штиците и наведува одломки од преписките со Мирољубов.
Мислењето на научниците
Многумина влијателни советски палеографи, историчари, археолози, археографи, лингвисти и историчари на литературата се сложија дека „Изенбековите штици“ се мистификација. Во приказната за „артефактот сѐ е сомнително – од отсуството на податоци за првите сопственици до писмото, жанрот и лингвистичките карактеристики на преводот.
Во текстот е присутно несоодветство во датумите, времето се смета на начин кој не е типичен за хроники, не се наведуваат топоними, ниту имиња на кралеви и војсководци, не се споменуваат ниту важни настани и има анахрони јазични конструкции. Имаше многу несоодветства и меѓу текстовите што се печатеа во „Жар-птица“ и архивите на Мирољубов, кои подоцна им беа на располагање на научниците.
Научниците посебно го анализираа писмото и граматичката структура на јазикот. За таква анализа им беше доволна репродукција на текстот од штицата, Излезе дека станува збор за мешавина на облик од современите словенски јазици, разнолико пишување исти зборови и незамисливи творечки модели. Самото писмо, таканаречена „велесовица“ беше слична на кирилицата, но со горна хоризонтална црта како во индиската деванагарија.
„Анализата на Велесовата книга покажува дека јазикот на којшто е таа напишана не можел да постои. Не постои јазик кој нема стабилен фонетски систем, единствени правила на граматиката и кои толку би ги нарушувал добропроучените закономерности на развојот на сите словенски јазици“, има напишано советскиот историчар на книжевноста и медијавелист Олег Творогов.
Тој исто така обрнува внимание на содржината и на графичката сличност на Велесовата книга со делата на Александар Сулакаѕев, познат мистификатор на преминот од 18 во 19 век. Покрај „авторски“ мистификации, тој се занимавал и со допишување непостоечки фрагменти во оригиналните ракописи за да изгледаат како да се стари.
И покрај некомпетентноста на Велесовата книга како историски документ, интересот за неа излезе надвор од рамките на академските кругови. Текстот особено им го привлече вниманието на приврзаниците на рускиот паганизам.
Во популарниот неделник „Недела“ од 1976 година излезе напис за Велесовата книга која авторите ја претставија како „таинствена хроника којашто ни нуди нов поглед на времето на настанокот на словенското писмо, и можностите да ги преиспитаме научните претстави за настанот во митологијата на Словените“. Оваа публикација не ја доведуваше во прашање сигурноста на сомнителниот текст и така придонесе за неговата популаризација.
Во што се состои тајната на популарноста на Велесовата книга?
„Најголемиот проблем поврзан со Велесовата книга не се однесува на лингвистиката, ниту на историјата, туку на областа на социјалната психологија. Тој се состои во фактот што само на професионалните лингвисти и историчари им е јасно дека книгата е лажна, додека неупатениот читател лесно наседнува на примитивни, иако мошне привлечни измислици за тоа дека древните Руси успешно се бореле со непријателите уште пред неколку илјади години. И сите научни тврдења, за жал, во очите на читателот имаат помала тежина од привлечните измислици на аматерот“, има напишано советскиот и руски лингвист академик Андреј Зализњак.
Во Русија преводот од штицата е отпечатен дури во 1992 година, а потоа доживеа уште неколку десетици изданија. Оттогаш по националистичките и по општествено-политичките весници и списанија („Московский комсомолец“) многу се пишуваше за Велесовата книга, но така што нејзината автентичност не се доведуваше во прашање. Слични текстови се објавуваа дури и во научно-популарните списанија („Наука и религия“ и „Чудеса и приключения“). Згора на тоа, во средината на деведесеттите години од минатиот век оваа книга се споменува и во експерименталниот учебник по историја за постарите одделенија. Повикувања на неа можат да се сретнат и во професионални изданија за историчари.
Интересот за неопаганизмот во текот на деведесеттите години од минатиот век никна на „плодно тло“, со оглед на тоа дека постоел и во царска Русија во круговите на словенофилите, и во СССР. Во советско време занимавањето со архаичната словенска култура се одобруваше „озгора“ со цел на тој начин да се намали значењето на православието коешто Комунистичката партија го претставуваше како „инструмент за поробување на Словените“. На тој начин паганизмот го оправдуваше комунистичкиот пристап и им помагаше на властите да се борат против христијанството.
Освен тоа, по распадот на Советскиот Сојуз општеството беше зафатено со криза на идентитетот, така што многумина во паганизмот ги бараа одговорите на насушните прашања.
„Постоеше и таква психолошка потреба. Луѓето се оддалечуваа од една идеологија и им беше потребна друга. Еден дел од општеството се сврти кон религијата, друг почна да бара вонземјани, а некои побараа излез во неопаганизмот“, истакнува за Russia Beyond Сергеј Егоров, историчар-антрополог и предавач на Санктпетербурскиот државен универзитет (СПбГУ).
„Побарувачката“ за нова идеологија интензивно ја подгреваа „луѓето од перо“. Руските писатели се задлабочуваа во содржината на Велесовата книга и „креативно ја осмислуваа“ во своите делови посветени за замислената величественост на претхристијанска Русија.
„Заедно со крахот на комунистичката идеологија се крена и црниот столб на разни мистични лудории, а со него се покрена и цела армија авантуристи кои заработуваа убави пари благодарение на будалите, глупаците и занесениците“, призна подоцна писателот Сергеј Алексеев, чии дела имаа големо внимание на развојот на словенскиот неопаганизам.
Материјалот изложен во Велесовата книга идеално одговараше на потребите за конструирање нова привлечна идеологија. Во таа книга, меѓу другото, се тврди дека словенскиот паганизам бил мирољубива религија во која немало човечки жртви. А, официјалната наука го има докажано спротивното.
„Неопаганските идеолози подобро од сите останати сфатија колку се нестабилни нивните конструкции, засновани на мошне застарени податоци и денес веќе неупотребливи методолошки принципи. Ним како воздух им е потребен веродостоен оригинален извор за да се повикаат на него како на последен несоборлив доказ. Не случајно ентузијасти-дилетанти со децении истрајно, иако неуспешно, трагаа по споменици на древната словенска писменост. Поради сето тоа Велесовата книга за нив беше како дар Божји“, нагласува историчарот Виктор Шнирељман.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа