10 најважни факти за Храмот на Христос Спасителот во Москва

Сергеј Бобиљев / TASS Храмот на Христос Спасителот
Сергеј Бобиљев / TASS
Требало да биде изграден на Воробјови Гори, но е подигнат во московски Чертољ. Се градел за време на владеењето на четири императори, а под власта на болшевиците е кренат во воздух, за повторно да биде подигнат по распадот на Советскиот Сојуз. Ги наведуваме најважните факти за овој прочуен храм.

1. Спомен-храм во чест на победата во војната од 1812 година

Public domain Разгледница во боја со Храмот на Христос Спасителот
Public domain

Идејата за изградба на спомен-храм ја изнел генерал-мајор Пјотр Кикин, учесник во Бородинската битка. Императорот Александар Први ја поддржал оваа иницијатива и на 25 декември 1812 година издал указ за подигање на Храмот на Христос Спасителот. Пред Револуцијата во Русија на овој ден се славел Божиќ, и воедно се одбележувал „споменот на ослободувањето на Црквата и на Државата Руска од Наездата на Галите и со нив дванаесет други народи“.

Во Русија одамна постоела традиција за изградба на заветни храмови (во сеќавање на победа, како благодарност на Бога за победата, или во знак на сеќавање на загинатите борци. Иван Грозни во чест на освојувањето на Казањ ја изградил црквата Покров на Пресвета Богородица на Ров (позната како Храмот на Василиј Блажени). Казањската црква на Црвениот плоштад е подигната во чест на ослободувањето на Москва од полско-литванската агресија во 1612 година. Царицата Елизавета Петровна наредила во Санкт Петербург да се изгради храм зашто благодарение на Преображенскиот полк стапила на престолот, додека Поморската црква на свети Николај во Кронштадт е посветена на сеќавањето на морнарите коишто загинале во битките.

2. Требало да биде изградена на Воробјови гори

Public domain Проектот на Карл Витберг, 1817 година.
Public domain

На конкурсот за проектот на храмот учествувале најпознатите архитекти од тоа време, вклучувајќи ги и Андреја Воронихин, Алексеј Мељников и Василиј Стасов. Александар I, меѓутоа го, избрал проектот на сликарот Александар Витберг за кој рекол: „Вие направивте камењата да проговорат“.

Public domain Поставување темел на Храмот на Христос Спасителот на Воробјови гори, 1817 година.
Public domain

Било планирано на Воробјови гори да биде изграден огромен храм висок 240 метри, со пантеон на загинатите борци, колонада од запленето оружје и со бројни воени споменици. Местото не е избрано случајно – на овој начин храмот би се нашол помеѓу Смоленскиот и Калушкиот пат.  Изградбата започнала во 1817 година, но потоа нешто се искомплицирало и работата запрела по седум години.

3. За време на неговата изградба на престолот се смениле четири императори

Public domain Внатрешноста на храмот, 1883 година.
Public domain

Николај I, наследникот на Александар I, во 1831 година распишал нов конкурс на коj победил проект во руско-византиски стил на архитектот Константин Тон, којшто го проектирал и Големиот кремаљски дворец. Одлучено било Храмот на Христос Спасителот да се изгради близу Кремљ во Чертољ. Затоа е урнат Алексеевскиот женски манастир, а исто така и црквата на Сите Свети. Храмот се градел 44 години. Прилози се собирале од народот. Изградбата била завршена за време на владеењето на Александар II, а дури во 1883 година, по крунисувањето на Александар III, храмот бил осветен.

4. Урнат е во 1931 година

Public domain Минирање на храмот.
Public domain

По Револуцијата во храмот уште извесно време се вршела богослужба. Летото 1931 година било одлучено на негово место да се подигне џиновски Дворец на Советите. Замислено е новата градба да биде висока 415 метри и на врвот да биде крунисана со огромна статуа на Ленин. Планот бил во неа да се одржуваат седници на Врховниот Совет на СССР, партиски конгреси и јавни манифестации. Во декември 1931 година околината на Остоженка, Волхонка и Перечистенка ја потресоа страшни експлозии кои го уништија храмот. Урнатините се демонтираа една и пол година. Од урнатините, сепак, се спасени некои црковни скапоцености и определени уметнички дела. Но, проектот за Дворец на Советите никогаш не е реализиран зашто во меѓувреме започна Втората светска војна. Локацијата покрај Кремљ, сепак, беше привлечна. На местото на урнатиот храм во 1960 година беше подигнат отворениот базен „Москва“ кој работеше до 1994 година.

5. На Гагарин му било жал поради уривањето на храмот

Иван Денисенко / Sputnik Отворениот базен „Москва“. Работеше од 1960 до 1994 година.
Иван Денисенко / Sputnik

Кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век започна да се зборува за обновување на храмот. Еден од првите којшто јавно зборуваше за тоа беше познатиот космонаут Јуриј Гагарин. Тој во 1965 година на седница на Централниот комитет на Комсомолот потсети дека Русија засекогаш изгубила важни споменици: „Во Москва во 1812 година урната е Триумфалната порта и не е обновена, урнат е и Храмот на Христос Спасителот, кој е изграден од пари собрани ширум земјата во чест на победата над Наполеон. Би можел да продолжам со набројувањето на сите објекти коишто станаа жртва на варварскиот однос кон сеќавањето на минатото. За жал, вакви примери има многу“.

6. Ентериерот е реставриран според старите скици

Игор Зотин / TASS Храмот на Христос Спасителот, 15 јануари 1996 година
Игор Зотин / TASS

Обновениот Храм на Христос Спасителот е отворен за верниците на 31 декември 1999 година. Во текот на пет години архитектите и сликарите внимателно го реставрираа неговиот стар изглед и внатрешните декориации.

Валериј Шустов / Sputnik Донски манастир. По чудо зачуван длабок (висок) релјеф од мермер од урнатиот Храм на Христос Спасителот.
Валериј Шустов / Sputnik

Фасадата, како и претходно, е украсена со 48 сцени во длабок релјеф на теми од библиската и руската историја, како и прикази на светители чиј спомен паѓал во деновите на битките во текот на Татковинската војна од 1812 година. А, во долната галерија на храмот, како што било и во оригиналниот храм, се наоѓаат спомен-плочи со имињата на хероите од војната од 1812 година. Во главниот олтар се наоѓа зачуваниот трон на патријархот Тихон.

Legion Media Ентериер на Храмот на Христос Спасителот.
Legion Media

На изработката на нови скулптури работеа Јулијан Рукавишников, Владимир Цигал и Дмитриј Тугаринов. Зураб Церетели ги реконструираше крстовите, дверите и големите лустери на храмот, а на реставрацијата на фреските и сликањето работеа Евгениј Максимов, Василиј Нестеренко, Сергеј Осовски, Николај Мухин и Владимир Ананев.

7. Најзначаен и најголем храм во Русија

Григориј Сисоев / Sputnik Патријархот московски и на цела Русија Кирил во тек на богослужба во Храмот на Христос на Спасителот.
Григориј Сисоев / Sputnik

Во соборниот Храм на Христос Спасителот богослужби вршел Патријархот Московски и на цела Русија. Ова е воедно и највисокиот храм во Русија. Може да прими 10.000 верници, а висок е 103 метри.

Сергеј Пјатаков / Sputnik Патријархот московски и на цела Русија Кирил за време на богослужба на Храмот на Христос Спасителот.
Сергеј Пјатаков / Sputnik

Во состав на комплексот на храмот се наоѓа горната црква на Христос Спасителот, долната Црква на Преображението Господово (изградена во знак на сеќавање на урнатиот Алексеевски манастир) и стилобат (рамно подножје на храмот) во кој има музеј и сала за црковни собори.

8. Тука се чуваат мошти и христијански светињи

Legion Media Ентериер на Храмот на Христос Спасителот
Legion Media

Во храмот се зачувани моштите на свети Јован Крстител и на светиот кнез Александар Невски, како и клинец од Чесниот Крст Господов и честица од Христовата риза, а исто така и честица од ризата на Пресвета Богородица.

9. Она што е зачувано од стариот храм

Олег Ласточкин / Sputnik Една од најголемите светињи на храмот иконата „Спас Нерукотворни“ на иконописецот Евграф Сорокин.
Олег Ласточкин / Sputnik

Во Спасо-Преображенската црква во долното ниво се наоѓа единствената зачувана икона од урнатиот храм. Тоа е Спас Нерукотворен, дело на иконописецот Евграф Сорокин. Во олтарскиот дел се наоѓаат и платната на Василиј Верешчагин „Еве го човекот“, „Носење на крстот“, „Молитва за Чашата“, „Симнувањето од Крстот“, „Распетие“ и „Полагање во гроб“, кои во 1930 година се спасени од уништување.

10. Во храмот има видиковец

A.Savin (CC BY-SA 3.0) Поглед од видиковецот на храмот на улицата Волхонка и на московскиот Кремљ.
A.Savin (CC BY-SA 3.0)

Храмот на Христос Спасителот всушност има четири места од кои се подава панорамски поглед на градот. Тие се наоѓаат меѓу камбаната на височина од 40 метри. Од покриените галерии се дава фантастичен поглед на Москва. На видиковецот може да се дојде во времето кога храмот во текот на денот е отворен и само треба да се купи билет на касата.

<