Четири филма од Јакутија кои веднаш можете да ги погледнете на интернет

Феноменот на регионалната кинематографија во подем привлекува внимание ширум светот. Филмовите од Јакутија освојуваат награди на престижни странски фестивали. Меѓутоа, не секој можеше да ги види. Тоа веќе не е проблем!

Синеастите од Јакутија, најстудениот и најфилмски регион во Русија, постигнаа голем успех. Во локалната дистрибуција нивните филмови се погледани од холивудските, додека на престижните фестивали ширум светот ги крунисуваат со признанија.

На тоа треба да се додадат стотиците илјади, а понекогаш и милионите прегледи на интернет, како што е, на пример, случајот со воената драма „Војникот Черин“ (2021). Сепак, јакутскиот филм има и еден голем недостаток, бидејќи дури и хитовите на „Јутјуб“ често немаат англиски превод. Секако дека има исклучоци. Четирите филма кои ви ги претставуваме можете веднаш да ги погледнете на интернет. Сеништа, панорамско тркало, моржови... Еден од овие филмови е номиниран за „Оскар“.

„Ферум“

Феррум ---- реж. Прокопий Бурцев, 2015
Феррум ---- реж. Прокопий Бурцев, 2015

Јакутската кинематографија со разбирлива иронија се нарекува Сахавуд (кованица формирана од зборовите Саха (република Јакутија) и Холивуд). Жанровската разновидност овде е навистина холивудска.

Локалниот гледач сака најразлични филмови, како комедии и хорори, така и историски драми. Меѓутоа, на локалната индустрија ништо помалку од Холивуд не влијаеше ни азискиот филм. Така, на пример, мистичната драма „Ферум“ на почетокот наликува на корејски трилер. Елегантно, морничаво, смешно.

Млад убиец во скап костум испрашува поранешен колега каде го сокрил заедничкиот црн фонд. Самиот не си ги валка рацете. По неговата наредба, двајца грдотии со уживање го потопуваат несреќникот во када. И така случајно го убиваат. Пред да дознаат каде се парите. Немајќи каде, главниот лик оди во шумата за да го закопа трупот. Таму наидува на разни ѓаволштини, чудни визии и сопатници. Корејскиот трилер се претвора во роуд муви во стилот на „Мртов човек“ на Џим Џармуш,

Јакутите се пагани, па затоа во нивните приказни има мистична димензија. И додека во градските сцени во „Ферум“ се зборува на руски, односно на јазикот на урбаната цивилизација, во кадрите сместени надвор од градот каде што се живее според паганските закони, јунаците се префрлаат на јакутски. Дури ни најобичните работи овде не се онакви какви што се чинат. Евтините пастили кои убиецот ги грицка во момент на стрес навестуваат средба со оној свет, а железницата (ферум на латински значи железо) станува метафора за предодредената судбина.

Првиот игран филм на младиот режисер Прокопиј Бурцев, кој е истовремено и сценарист, монтажер и продуцент, како и повеќето јакутски филмови, е снимен со минимален буџет кој овојпат изнесуваше околу десет илјади долари.

„Оган на ветрот“

реж. Дмитрий Давыдов, 2016
реж. Дмитрий Давыдов, 2016

Дмитриј Давидов е веројатно најпознатиот јакутски режисер надвор од границите на републиката. До неодамна беше само наставник и директор на селско училиште, а со филм се занимаваше само за време на распустот. Својот дебитантски филм, драмата „Оган на ветрот“, го сними во родното село. Сите актери се од селото, вклучувајќи ги и членовите на Народниот театар во Амга. Токму споменатото остварување, снимена од режисерот-аматер, го пласираше јакутскиот филм на меѓународната сцена. Награден е на канадскиот фестивал ImagineNATIVE, прикажан во натпреварувачката програма на фестивалот во Бусан во Јужна Кореја и номиниран за „азискиот Оскар“, наградата на Азиско-тихоокеанската филмска академија.

Млад човек во пијана состојба со трактор го прегазува другарот во пиење и поради тоа се беси. Зад себе го остава својот татко, мрзливиот старец Игнатиј, посрамен до гроб. Селото е мало, сите се познаваат. Игнат никому не му нанел зло, никогаш не земал ништо туѓо, никогаш не постапувал подло, меѓутоа староста ја дочекува сам против сите. За повторно да ја пронајде смислата на животот, ќе му помогне едно бездомно момче кое тој ќе го донесе дома и ќе му ги пренесе неговите вештини за обработка на дрво. И тогаш Игнат ќе сретне нова љубов. На негови години! И како тивкиот оган на животот да го разгорува силен ветер. Меѓутоа, не се радуваат сите на среќата на Игнат.

Суровата природа и грубите луѓе неминовно наметнуваат споредба со филмовите на Ингмар Бергман, а темата на заразното зло со Мартин Мекдона.

„Нема друг бог освен мене“

реж. Дмитрий Давыдов, 2019
реж. Дмитрий Давыдов, 2019

По „Оган на ветрот“, Давидов снима уште една потресна драма, но овојпат речиси целото дејство се одвива во градот. Дрвосечачот Руслан селаните го принудуваат да си оди од родното село. Сите го ценеле Руслан, но на неговата мајка ѝ е многу лошо. Алцхајмеровата болест прави таа повеќе да не ги препознава своите најблиски, ги плаши децата во селото, па дури и се случило со пушка да влета во куќа. Нејзе ѝ треба лекување во мегалополисот, па Руслан оди со неа. Изнајмува стан, наоѓа нова работа, но ја одложува клиниката до последен час, не сакајќи да ја препушти мајка си во туѓи раце. Болеста напредува. Руслан го убедуваат дека на сите ќе им биде подобро ако се согласи на лекување.

Дејвид е јакутскиот Асгар Фархади. Како и познатиот ирански режисер, двократниот добитник на „Оскар“ за филмовите „Развод“ и „Трговскиот патник“, тој е преокупиран со нерешливи морални дилеми кои полека, но сигурно, одвнатре ги разјадуваат дури и најсилните. Најблиску до Фархади е токму драмата „Нема друг бог освен мене“, филм кој не помина толку добро во однос на наградите како дебитантското дело на Давидов, иако се работи за несомнено сведоштво на сé поголемото режисерско мајсторство.

Концизноста на изразните средства и едноставните метафори (како панорамското тркало - овде симбол на невозможна иднина) само го зголемуваат чувството на документарност.

„Излез“ (2022)

реж. Максим Арбугаев, Евгения Арбугаева, 2022/Albireo Films
реж. Максим Арбугаев, Евгения Арбугаева, 2022/Albireo Films

Оваа година првпат за наградата на Американската академија за филмска уметност и наука и тоа во категоријата „најдобар краткометражен документарен филм“ е номинирано остварување од Јакутија кое го потпишуваат Максим и Евгенија Арбугаеви, брат и сестра родум од јакутската населба Тикси.

Станува збор за дваесет и пет минутен филм, еден вид портрет на морскиот биолог Максим Чакилев, кој го следи животот на моржовите на брегот на Охотското море, одлично снимено и во исто време морничаво сведоштво за влијанието на глобалното затоплување врз природата.

‘Ртот Срце-Камен се соочува со вистинска наезда на моржови. Бидејќи не успеале да пронајдат глечери во морето, илјадници од овие животни стигнуваат до брегот и буквално страдаат во стампедо. Во текот на трите месеци од снимањето Чакилев и Арбугаев, кои истовремено се и сниматели, три пати останале затворени во колиба чија врата не можеле да ја отворат поради моржовите што биле наоколу.

Евгенија Арбугаева е фотограф чии работи се објавувани во водечки западни гласила како Time, National Geographic и други. Максим Арбугаев е снимател, лауреат на фестивалот „Санденс“ за неговата работа на филмот на Кристијан Фрај за ловците на мамути. Премиерата на дебитантскиот игран филм на Арбугаев во корежија со Владимир Мункуев „Летото ќе помине“ и со Јуриј Борисов во главната улога се очекува годинава.

 

<