10 препознатливи објекти на советската архитектура во Санкт Петербург

Getty Images
Getty Images
Во текот на првите четири години по Октомвриската револуција од 1917 година - времето на воениот комунизам - Петроград преживуваше период на пропаѓање и глад. Во услови на криза дрвените куќи се уриваа за огревно дрво, а нови објекти не се градеа. Дури со почетокот на периодот на Новата економска политика почна обновата на дотраените зданија. Тогаш се појавија и првите нови градежни проекти.

Ленинградска авангарда (1920-тите – средина на 1930-тите)

Духот на времето ѝ диктираше на архитектурата функционалност и аскетизам, рамнотежа на конструкцијата и формата. На периферијата на градот започна изградбата на индустриски капацитети и нови станбени комплекси за работниците, домови на културата, стадиони, училишта, јавни бањи и фабрики-кујни.

1. Погонската станица на фабриката за трикотажа „Красное знамја“ (Црвено знаме) (1926 - 1937)

Пионерска улица 53
Автор на проектот: Ерих Менделсон

Nikolay Bulykin (CC BY-SA 4.0)
Nikolay Bulykin (CC BY-SA 4.0)

Ленинградското здружение на текстилни производители во 1925 година му го довери проектот на новиот фабрички комплекс на германскиот архитект Ерих Менделсон, угледен стручњак за индустриска градба, член на архитектонската секција на Друштвото на пријатели на Нова Русија. Комплексот, за кој беше резервиран цел кварт, вклучуваше погонска станица, управна зграда, три погони и производствени капацитети.

За време на изградбата проектот беше значително променет и поедноставен. Незадоволниот Менделсон одби да изврши авторски надзор над проектот, а потоа се откажа и од авторството. Од целиот проект, само зградата на погонската станица целосно одговараше на замислата на германскиот архитект. Таа брзо се здоби со статус на симбол на советската индустријализација и изврши значително влијание врз ленинградската архитектура на крајот на 1920-тите и почетокот на 1930-тите.

Јулија Хакимова
Јулија Хакимова

Фасадата на оваа зграда е реставрирана, но внатре останаа голи ѕидови. Зградата може да се посети само во рамките на организирани екскурзии.

2. Тркалезната бања (1927 – 1930)

Плоштад на Храброста (Площадь Мужества)
Автор: архитект Александар Никољски

Красни CC BY-SA 4.0)
Красни CC BY-SA 4.0)

Зградата на активната јавна бања изгледа како широк плоснат цилиндар. Архитектот планираше да го покрие внатрешниот кружен двор со висока стаклена купола како меур од сапуница. На покривот на цилиндарот сакаше да направи платформа за сончање. Но, не ја реализираше оваа идеја. Затоа во секое време од годината работи базенот на отворено.  

3. Левашовски комбинат за леб (1931 – 1933)

Барочнаја улица 4
Автор: инженер Георгиј Марсаков

Група RBI
Група RBI

Според замислата на Георгиј Марсаков, структурата на зградата формира целина со технологијата на производството. Инженерот ја разви оригиналната технологија за индустриско производство на леб: вертикално-кружен производствен циклус.

Група RBI
Група RBI

Процесот на производство е организиран по кружна автоматизирана линија одоздола нагоре, со тркалезна печка поставена во центарот. Комбинатот за леб функционираше речиси 80 години, до 2012 година. Денес во оваа зграда се сместени канцеларии и културен центар.

4. Московскиот реонски совет (1931 – 1935)

Московски проспект 129
Архитекти: Игор Фомин, Валентин Даугуљ, Борис Серебровски

Andris Malygin (CC BY 3.0)
Andris Malygin (CC BY 3.0)

Доминантниот дел од зградата архитектите го проектираа во форма на масивен четирикатен цилиндар. Во него се сместени кружни галерии на секое ниво наместо вообичаените ходници.

Јулија Хакимова
Јулија Хакимова

Централниот хол претставува атриум во стилот на арт деко. Денес во зградата се наоѓа филијала на Поштата на Русија.

Сталински неокласицизам (1938 – 1955)

Кон крајот на дваесеттите години во СССР започна индустријализацијата и беше воведен петгодишен план за развој на националната економија. Во таква средина во архитектурата дојде до нагло свртување кон усвојување на класичното наследство. На идеологијата ѝ требаше монументален и репрезентативен стил. Авангардата беше протерана од сцената. На зградите почнаа да се појавуваат плитки релјефи и столбови, пронаоси, декоративни камени фасади и скулптури.

5. Домот на Советите (1936 – 1941)

Московски проспект 212
Архитект: Ној Троцки

Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)
Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)

Во генералниот план на Ленинград во 1935 година беше предвиден нов градски центар. На југот од градот беше проектиран грандиозен плоштад за одржување митинзи и паради, како и зграда за градските и обласните власти на советската и партиската власт – Дом на Советите. За волја на вистината, идејата за преместување на центарот на градот на југ набрзо беше отфрлена, плоштадот беше намален, а грандиозната зграда предадена на затворени организации.

6. Станбената зграда на припадниците на Воената морнарица, вработени во Народниот комесаријат на Воената морнарица (1939-1940)

Петровски кеј 8
Архитекти: Евгениј Левинсон и Игор Фомин

Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)
Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)

Првично, постоеше план на оваа локација да се изгради хотел „Интурист“ во духот на конструктивизмот. Но, потоа проектот беше преработен. Наместо хотел, изградена е станбена зграда во која делумно е зачуван распоредот со ходниците.

Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)
Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)

Фасадата на зградата свртена кон Нева е украсена со столбови, стилизирани релјефи со морска симболика и скулпторска група - фигури на припадници на морнарицата и бродоградители.

7. Станиците на метрото на првата линија (1955)

Изградбата на метрото во Ленинград беше прекината од Втората светска војна и првата линија беше завршена дури во 1955 година. Единствената пруга водеше од центарот, од Невскиот проспект, кон југ и ги поврзуваше станиците:

  • „Плоштад на Востанието“
  • „Владимирскаја“
  • „Технолошки институт“
  • „Балтичка“
  • „Нарвскаја“
  • „Кировски завод“
  • „Автово“
Public domain
Public domain

Архитектурата на станиците беше проектирана во свечено-монументални, класицистички форми. Павилјонот на станицата „Плоштадот на Востанието“, отворен на местото на урнатата Знаменска црква, се издвојува по широката ротонда со столбови и шилецот на врвот.

Никонико962 (CC BY-SA 4.0)
Никонико962 (CC BY-SA 4.0)

Павилјонот на „Кировскиот завод“ е опкружен со 44 столбови. Историчарите на архитектурата го споредуваат со меморијалот на Линколн во Вашингтон.

Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)
Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0)

Салите со пероните - подземни „дворци“ - се обложени со мермер и гранит, украсени со мозаици, столбови, медалјони и лустери. Најимпресивна е салата на станицата „Автово“. Препознатлива е по низите столбови обложени со релјефно стакло.

Петaр Коваљов / TASS
Петaр Коваљов / TASS

Модернизам (1955 – 1991)

Третата фаза во историјата на советската архитектура започна со напуштање на сè што е „излишно“ во архитектурата во 1955 година. На симболички план, тоа беше дел од стратегијата за десталинизација што означи раскинување со претходната епоха. Во СССР де факто пристигна повоениот модернизам. Стручњаците ги праќаа на патувања во странство, вклучувајќи ги и капиталистичките земји, за да ги проучуваат искуствата на другите земји. Во библиотеките почнаа да пристигнуваат странски списанија посветени на архитектурата. Во земјата се објавуваа текстови од истакнати западни архитекти.

8. Зградата на аеродромот „Пулково“ (1966 – 1973)

Пулковски пат 41а
Архитекти: Александар Жук, Жан Вержбицки, Генрих Вланин

Legion Media
Legion Media

Зградата на ленинградскиот аеродром не наликува на московските аеродроми од 1960-тите, а нејзин пандан не може да се најде ниту на Запад. Критичарите во неа видоа алузија на силуетата на градот: ниска, изедначена, со висински акценти. Над покривот се издигаат пет стаклени куполи кои народот ги нарече „пет чаши“. Функционалното уредување на зградата беше многу прогресивно: за прв пат во СССР беше одвоено движењето на патниците кои полетуваат и слетуваат. Зградата на аеродромот има подвижни ленти за патници, што беше голема реткост за тоа време. Денеска зградата функционира како чекална за патници во домашниот сообраќај.

9. Централниот научноистражувачки институт за роботика и техничка кибернетика (1973 – 1987)

Тихорецки проспект 21
Архитекти: Станислав Савин, Борис Артјушин

Красни (CC BY-SA 4.0)
Красни (CC BY-SA 4.0)

Кулата на институтот висока 77 метри е најпопуларната градба на советскиот модернизам во градот. Во печатот не се објавуваа написи за неа, бидејќи беше објект од стратешка важност. Имено, во зградата се наоѓаше конструкторското биро кое дизајнираше системи за меко слетување на вселенски бродови.

10. Морското пристаниште (1977 – 1983)

Плоштад на Морската слава
Архитекти: Виталиј Сохин, Леонид Каљагин

Legion Media
Legion Media

Зградата на Морското пристаниште беше градена на начин да стане доминанта на морската фасада на Ленинград. Нејзината декорација и главната идеја на проектот се алуминиумските панели кои потсетуваат на едра. Малата кула ја краси шилец со топка и брод - алузија на познатиот брод на шилецот на Адмиралитетот.

Professor Caretaker (CC BY-SA 4.0)
Professor Caretaker (CC BY-SA 4.0)
<