GW2RU
GW2RU

Како руските благородници комуницирале со помош на цвеќиња

Кира Лисицка (Photo: Roger Viollet Collection/Getty Image; Библиотека руске поезије И.Н. Розанова)
Секое лице од високото општество во Русија пред Револуцијата знаело многу за видовите цвеќе и за нивното значење. Во врска со ова мажите не заостанувале зад жените, а сето то било потребно за шифрирана комуникација.

„Ме сака – не ме сака, бакни ме- плукни ме, ќе ме гушне – ќе ме отера по ѓаволите“. Речиси сите овие зборови се кажувале додека се кинеле листовите камилица.

Ритуалите со камилица биле познати уште во стар Египет, каде што се сметало дека тоа е божествен цвет. Камилицата е прикажана на сандалите на Тутанкамон, а со масло од камилица е намачкано телото на фараонот пред погребот,

Во Средна Азија и на Блискиот Исток цвеќето отсекогаш играло голема улога во верските ритуали и во секојдневните прослави. Оттаму оваа мода во 18 век стасала и во Европа.

Леди Мери и играта „селам“ или „јазикот на цвеќето“

Мери Вортли Монтегју, Чарлс Џервас по 1716 година.
National Gallery of Ireland

Леди Мери Вортли Монтегју, англиска аристократка и поетеса, живеела во 1716-1718 во Истанбул со својот сопруг кој бил британски пратеник во Османлиското Царство. Писмата што таа ги испраќала во татковината се објавени во Лондон во 1763 година и веднаш потоа станале мошне популарни. Европското општество од тоа време било фасцинирано од Османлиското Царство. Таа мода се нарекувала „туркери“. Благодарение на неа настанал и „јазикот на цвеќето“ опишан во писмата на леди Монтегју.

„Не постои боја, ниту цвет, ниту коров, нити овошје, ниту трева, камче или птичји пердув за кој не би се нашол соодветен стих. И вие на тој начин можете да се карате, да се навредувате или да испратите писма полни со страст, пријателство и љубезност, или да напишете што има ново, а притоа да не ги извалкате рацете“, напишала леди Монтегју, зборувајќи за турската женска игра „селам“ во која отмените дами една на друга си испраќале некакви дреболии чиишто називи се римуваат. Тоа бил еден вид бавна книжевна игра „бу-рима“ (однапред напишана рима за која подоцна се пишуваат стихови).

„Селам, или Јазикот на цвеќето“, Санкт Петербург, 1830 година.
Фондови ГМП. „Библиотека на руската поезија И.Н. Розанов“

Цвеќето во оваа игра имало мноштво симболички значења. Британците, конкретно, ги привлекла можноста да испраќаат шифрирани пораки. Затвореното и вкочането англиско општество обожавало тајни кодови и шифри со чија помош можеле да комуницираат на скриени теми, а да не привлекуваат внимание, или да флертуваат без ништо да кажат.

Дмитриј Ознобишин
Public domain

Веднаш по објавувањето на писмата на леди Монтегју во Европа започнале да се појавуваат „речници на цвеќето“ во кои се објаснувале метафоричките значења на различни видови. Во Русија овие речници најпрво се преведувале од странски јазици, а значењата на рака се препишувале во албуми.

Познатиот поет Дмитриј Ознобишин во 1830 година ја објавил книгата „Селам, или јазикот на цвеќето“. Во предговорот пишува дека основа за нејзиното објавување бил преводот на германската книга „Јазикот на цвеќето“ од 1823 година. И оттогаш руските дами и кавалери имале свој речник и можеле да составуваат „букет-пораки“

Како се разговарало на „јазикот на цвеќето“

Од книгата „Селам, или јазикот на цвеќето“, Санкт Петербург, 1830 година.
Public domain

Ознобишин во својата книга има опишано многу значења на цветови. За вас ги подготвивме најразбирливите и најинтересните од нив.

Гранка од кајсија – Ме маѓепсуваш со својата прекрасна душа

Багрем – Пријателството ги лечи љубовните рани

Алое – Огорчен сум од твојата постапка

Астериум – Дали можеш да сакаш непрекинато?

Босилек – Само одблизу можеш подобро да ме запознаеш

Не допирај ме – Блескаш пред сите како царица

Гранка од бреза – Дојди со мене и ќе бидеме среќни

Лист од бреза – Потпри се на мене

Бршлен – Засекогаш и цврсто сум врзан за она што еднаш сум го избрал

Кукута (болеглав) – Божествена сила не се плаши од смртта

Глог – Воодушевен сум кога пееш

Бозел – Не ме препознаваш

Црн бозел – Твоја сум

Метличина – Биди едноставен, како тој

Скабиоза – Тажна сум

Калуна – Ќе се видиме

Лист од грозје – Сакај и уживај во тоа

Цвет од вишна – Моите намери се искрени

Стричак – Ме навреди

Брест (лист) – Не паѓај со духот

Гарденија – Кога минуваш покрај мене, срцето ми се радува

Каранфил (бел) – Препушти ги сите грижи на мене

Див каранфил – Ме заморува љубовта кон тебе

Далија (георгина) – Може ли да ѝ се приближам на гордата?

Игличка (моминско око) – Морам да те видам тајно и да разговарам со тебе

Украсен грашок – Живеам за тебе

Хортензија – Зарем си толку лоша?! Како можеше толку бргу да ме заборавиш?

Оригано – Сѐ се радува на мојата благосостојба

Кантарион – Верувај во мојата љубов

Перуника – Зошто го вознемири мирот во моето срце?

Кактус – Кратко бев среќен со тебе

Калина – Зошто си толку ладна и бесчувствителна

Чемпрес – Кога смртта ќе ја прекине мојата безнадежна љубов, пушти солза на мојот гроб

Ѕвончиња – Кога ќе имаме време за разговор денес?

Клас од пченица – Ќе се погрижам наскоро да бидеш моја

Клас од ‘рж – Среќни се оние што сакаат и што се сакани

Коприва – внимавај, уште сум девојка

Лаванда – Не те разбирам

Ѓурѓевденче – Долго те сакав тајно

Крин – Срцето нека ти биде чисто и чедно!

Кромид – Зошто плачеш кога сум толку близу?

Питом мак – И во добро и во зло, сеќавањето на тебе засекогаш ќе биде дел од мене

Малина – Прими го овој знак на почит

Подбел – Што да очекувам, љубов или рамнодушност?

Мов – Ќе тагувам на урнатините на минатото, чувајќи ја вечната постојаност без оглед на времето што изминува

Нарцис (жолт) – Со завист ги гледам оние што те опкружуваат

Драгољуб – Биди активен

Не заборавај ме (споменак) – Овој цвет ќе ти каже сѐ наместо мене

Глуварче – Каде и да сум, тука е мојот дом

Папрат – Само спој на две срца може да даде долготрајно задоволство

Магдонос – Биди скромен

Раскошен божур – Како воопшто не ти текнува?

Сончоглед – Зарем ни љубовта не може да ја победи твојата гордост?

Чичак (репух) – Животна бура нѐ заобиколи!

Ружа (бела) – Ти ја презираш мојата љубов; јас умирам

Ружа (жолта) – Дали е искрена твојата љубов?

Јапонска ружа (хибискус) – Се преправаш

Ружа (црвена) – Го освои моето срце!

Гранка од ружа – Не!

Лист од ружа – Да!

Рузмарин – Наскоро со мене ќе застанеш пред олтар

Камилица – Еден твој сладок поглед ќе ме утеши во страдањата