Како да направите руски сируп од смрека полн со витамин Ц (РЕЦЕПТ)
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Употребата на игличките на смреката за медицински цели може да се следи уште од античко време кога луѓето и традиционалните исцелители ги користеле за лекување на разни респираторни заболувања.
Во Русија, сирупот од смрека станал особено популарен во XVII век, бидејќи содржи високо ниво на витамин Ц - дури и повеќе од лимонот.
Сирупот од смрека го користеле и руските војници за време на Втората светска војна. Војниците секојдневно земале мали количини од сирупот за да го одржат нивото на витамин Ц, што помогнало да се спречи да се развие скорбут. Исто така, таквите сирупи и инфузии од гранчиња и иглички подготвувале некои изгладнети жители на Ленинград за да преживеат во текот на нацистичката опсада.
Една од карактеристиките на сирупот од смрека е неговиот вкус. Сирупот има благо горчлив, смолест вкус. Често се користи како засладувач во чај или како прелив за палачинки. Бојата на сирупот може да варира во зависност од видот на смреката што се користи.
Сирупот е популарна состојка на многу руски јадења и често се користи за ароматизирање на јадења од месо или како маринада за риба. Се користи и во производството на пиво и понекогаш се додава во коктели или пијалаци за да им се даде уникатен вкус.
Процесот на правење сируп од смрека е релативно едноставен, но не е брз и лесен. Пред сè, игличките смрека мора да се соберат од дрвото. Погодни се само млади иглички чија должина не треба да надминува 7 сантиметри.
Некои луѓе не ги мијат игличките пред готвењето за да остане нивниот вкус уште повпечатлив; во овој случај треба да се собираат чисти гранки од дрвја кои растат далеку од патиштата. Во спротивно, треба добро да се измијат игличките. Потоа се варат во вода неколку часа додека течноста не се претвори во сирупеста смеса.
Постојат многу варијации на рецептот за сируп од смрека, а некои претпочитаат да додаваат вкусови како што се цимет, каранфилче или ѓумбир. Други може да изберат да користат различни видови засладувачи како мед или шеќер. Денес предлагам да свариме традиционален сируп од смрека со шеќер.
Состојки за тегла од 500 мл:
- Иглички од смрека - 500 г
- Шеќер - 300 г
- Вода - 900 мл
Подготовка:
1. Соберете штотуку никнати гранчиња од смрека. Излупете ги да останат само игличките. Бидете трпеливи, мене ми требаа најмалку пет часа. За побрзо да ми мине времето, гледав филм и се обидов да уживам во здодевниот процес. Измијте ги игличките.
2. Игличките од смрека ставете ги збиено во тенџере од литар, налејте вода, оставете да зоврие, а потоа продолжете со варење на тивок оган околу 30 минути.
3. По 30 минути тргнете го тенџерето од ринглата и оставете да се лади околу 15 минути.
4. Процедете ја течноста низ цедалка со ситни мрежи или газа, притискајќи ги гранчињата за да извлечете што повеќе течност.
5. Сипете ја течноста назад во тенџерето и додајте го шеќерот, мешајќи додека целосно не се раствори.
6. Вратете го тенџерето на шпорет и оставете ја смесата да зоврие, а потоа намалете го огнот и оставете да крчка околу 1,5 час. На крајот од варењето, вашата смеса ќе добие прекрасна розова нијанса. Обрнете внимание: колку подолго се вари сирупот, толку бојата ќе биде побогата.
7. Сипете го сирупот во чисти, стерилизирани тегли и оставете целосно да се олади пред да ги затворите.
Уживајте во својот домашен сируп од смрека!