Дали сонцето во Русија навистина не заоѓа?

Кирил Брага / Sputnik Споменикот „Мајката Татковина повикува“ на Мамаев курган во Волгоград.
Кирил Брага / Sputnik
Да, навистина не заоѓа!

Од 23 март до 18 септември сонцето воопшто не заоѓа над Русија. Еве како го утврдивме тоа.

Да тргнеме од оние места во земјата каде што поларниот ден трае со месеци. Таквите територии се наоѓаат над Северниот поларен круг, односно над 66,56 степени северна географска ширина. Колку едно место е поблиску до Северниот пол, толку е подолг поларниот ден.

Кога е поларен ден, сонцето воопшто не заоѓа, туку кружи по линијата на хоризонтот.

Најсеверната населба во Русија е селото Диксон во Краснојарскиот крај. Се наоѓа посеверно од 73-та паралела.

Robert Prascenis / Sputnik Диксон
Robert Prascenis / Sputnik

Поларниот ден во Диксон започнува на 3-ти мај и завршува на 10-ти август, што значи дека сонцето не заоѓа таму 100 дена по ред.

Покрај тоа, територијата на Русија опфаќа 11 временски зони. Тоа значи дека има денови во годината кога на едниот крај на Русија сонцето заоѓа, а на другиот крај веднаш изгрева.

Најзападното населено место во Русија е градот Балтијск во Калининградската област. Се наоѓа во временската зона UTC+2. Најисточното место во Русија е селото Улен во Чукотскиот автономен округ и е во временската зона UTC+12. Временската разлика меѓу овие две населени места е 10 часа. Кога во Балтијск е 7 часот наутро, во Улен е 5 часот навечер.

Wolfgang Kaehler/LightRocket / Getty Images Уелен
Wolfgang Kaehler/LightRocket / Getty Images

Жителите на Русија не ги поместуваат часовниците во текот на годината и кај нив нема зимско или летно сметање на времето.

Периодот кога сонцето не заоѓа над Русија започнува на 23/24 март.

Во Балтијск сонцето ќе зајде на 23 март во 19:00 часот (по Гринич тоа е 23 март, 17:00 часот). Речиси во исто време тоа ќе излезе во Уелен, иако таму е веќе 24 март и 05:02 наутро (но по Гринич тоа е сè уште 23 март, а времето е 17:02).

„Светлиот“ период завршува на 18/19 септември.

Во Балтијск сонцето ќе зајде на 18 септември во 18:52 часот (18 септември, 16:52 часот по Гринич). А во Уелен ќе излезе на 19 септември во 04:52 (тоа е по Гринич 18 септември 16:52).

И ете така сонцето не заоѓа над Русија точно 180 календарски денови. Во преостанатиот период поминува одредено време помеѓу зајдисонцето на запад на Русија и изгрејсонцето на нејзиниот исток.

<