
Зошто советските граѓани не одеа во ресторани?

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Ресторан „Жална верба“. Криумчарите со помош на лукавство во овој ресторан го намамија најугледниот советски граѓанин Семјон Горбунков. Целта им беше да го напијат и да го препуштат на заводничка којашто во виното ќе му стави средство за пиење. И потоа ќе му ги украдат дијамантите скриени во гипсот...
Ова е свена од култниот советски филм „Дијамантска рака“ (1969), и таа во целост го одразува односот на поголемиот број советски граѓани (и на официјалната пропаганда) кон посетувањето ресторани – тоа е легло на разврат каде што се собираат исклучиво криминалци со цел да ги извршат своите валкани работи. Впрочем од каде им се парите за ресторан? Сигурно се заработени на нечесен начин!

Многу подоцна во филмот „Интердевојка“ („Интердевочка“, 1989), во рестораните одеа „девизни проститутки“ коишто работеа со странци. И тука е одразен односот кон „контингентот“ којшто се собира на вакви места – штом некој посетува ресторан, значи дека е или бандит, или проститутка.
Рестораните беа скапи
Обичен советски граѓанин за вечера во ресторан мораше да плати четвртина, а можеби и половина од својата плата. На пример, на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век одењето во ресторан чинеше 25 рубли. За споредба, толку отприлика беше месечната стипендија на московските студенти. А, просечната плата на лекар изнесуваше околу 120 рубли.

Поради тоа со право се сметаше дека ресторанот е разонода за елитата и за богатите. Обичен советски граѓанин едноставно не можеше себеси да си дозволи таков раскош.
„Мојот иден маж ме освои со тоа што ме покани во ресторан кон средината на осумдесеттите години од минатиот век“, се сеќава Ољга од Москва. „Тој како научник и постдипломец одеше во Хакасија на градилиште да работи, и се врати со голема сума, па неколку пати отидовме на ручек во еден модерен ресторан на Калининската авенија (денес тоа е улицата Нови Арбат)“.
Ручекот во ресторан не беше многу поевтин од вечерата. Најчесто тоа беше веќе готов ограничен список јадења, нешто како современиот „бизнис ланч“. Но, ретко кој доаѓаше во ресторан на ручек.
Тешко беше да се дојде до ресторан

Имаше многу малку ресторани. Во Москва и во Ленинград имаше повеќе, а во провинциските градови како што е да кажеме Таганрог (во советско време имаше околу 300.000 жители) значително помалку – само неколку. Во помалите градови, дури и во близина на Москва, воопшто немаше. Кој сакаше гала-вечера мораше да патува некаде.
Поради тоа беше тешко и да се дојде до овие малобројни ресторани. А, не можеше ни да влезе кој сака. Ако некој сакаше дури и да ѕирне, често мораше на шефот на салата да му тутне определена сума, зашто тој строго ги набљудуваше гостите и извршуваше своевиден „фејс контрол“ (на секој непожелен гостин му велеше дека нема место).
Треба да се истакне дека рестораните често изгледаа мошне луксузно, особено по мерата на советските граѓани кои беа навикнати на едноставност. На пример, во ресторанот „Прага“ во Москва имаше огромен аквариум, на кој се восхитуваа луѓето од „хрушчовките“ (типски бетонски станбени згради од периодот на Хрушчов).
Секогаш имаше жива музика и многумина доаѓаа да танцуваат. Исто така беше вообичаено луѓето да се дотераат за одење во ресторан. Неуредните или премногу едноставно облечените луѓе немаа шанса да влезат.

Ако некому му се посреќи да го пуштат, тогаш мораше да му „доплати“ и на келнерот за да добие маса на добро место, да биде добро услужен и јадењата да бидат свежи, а пиајалаците квалитетни. Во филмот „12 столчиња“ (1971) комично се прикажани надмените келнери кој најпрво ги игнорираат граѓаните доколку нивната платежна моќ не е на соодветно ниво, потоа нерадо примаат нарачки, постојано одговарајќи „почитувани, тоа не држиме“.
Келнерите во рестораните беа како „жители на Олимп“, како луѓе кои на лотарија добиле главна награда. Покрај платите добиваа високи напојници и имаа пристап до кујната. Обично тие си ја земаа храната која ќе остане недопрена по големите банкети. Таков е случајот во филмот „Станица за двајца“ (1982) каде што келнерката сака да го нагости познаникот, а тој гадливо прашува „Дали се ова огризоци?“. На тоа таа навредено и гордо ќе му одговори: „Тоа се остатоци“.
Во СССР не постоеше култура за посетување ресторани

„На прсти можам да набројам колку пати сум била во ресторан. Неколку пати кај некој на свадба. Не ми паѓаше на ум да одам таму. По работно време ручавме дома, за викендите одевме на ручек кај родителите. Потоа дојдоа децата, немавме каде да ги оставиме навечер за да одиме во ресторан“, вели Елена, сметководителка од Подмосковје. Патем, на децата помлади од 16 години навечер не им беше дозволен влез во ресторан.
Родендените, журките, прославите, а често и свадбите – сето тоа во советско време се организираше дома. Постоеше цела култура на гозба. Се правеа салати од достапни намирници и од конзервиран зеленчук направен налето.
Многумина советски граѓани израснаа на село или во мали работнички населби, па се селеа во градовите и штедеа на сѐ со цел да го прехранат и да го облечат семејството. Одењето во ресторан се третираше како нешто излишно, како непотребен луксуз, па дури и како нешто неморално. Во споменатиот филм „Дијамантска рака“ постои фраза „Нашите луѓе не одат во пекарница со такси“. Рестораните беа во истата категорија.
Па, каде одеа луѓето на ручек?

Можеше да се руча во мензите, тие работеа дење. Мензите со готови јадења по избор имаше при универзитетите, производните претпријатија, библиотеките итн. Комплетен ручек чинеше од 50 копејки до една рубља (споредете со 25 рубли во ресторан).
Покрај тоа, постеа и помали кафе-барови, слаткарници со маси, пивници и барови со шанк. Веќе во подоцнежниот советски период се појавија барови со коктели, и во нив се организираа дискотеки. Бифеа имаше и во театрите, или, да кажеме, во салите за билјард. Таму, да кажеме, можеше да се нарача коњак, јатки, сендвич или десерт.
Кој одеше во рестораните?

Обичните советски граѓани одеа само по некој мошне важен повод, и најчесто однапред штедеа пари за тој настан. Но, постоеше и клиентела која често наминуваше. Покрај луѓето од светот на криминалот, рестораните ги посетуваше „елитата“, односно функционерите, офицерите од повисок ранг и професорите, а исто така и нивните деца, таканаречената „златна младина“.
„Се сеќавам како еден професор од катедрата нѐ покани во ресторанот Пекинг. Тоа за нас беше вистински настан. А, тој често одеше таму“, се сеќава Ољга. Вообичаено беше човек да „чести“ во ресторан за добивање научно звање или нов офицерски чин.

„Мојот дедо во педесеттите и во шеесеттите години од минатиот век служеше во елитна воена единица и мошне често одеше во ресторан. Имаше голема плата и одеше со колегите. Тие се гоштеваа незауздано, ги познаваа сите келнери и тие им носеа алкохол дури и кога во ресторанот ќе снемаше, а потоа внимателно им помагаа да седнат во такси или во личен превоз“, се сеќава Марија, предавач на Московскиот државен универзитет (МГУ).
И на крај, во ресторани одеа и странците. „Една од моите ретки посети на ресторан беше кога во студентско време ни дојдоа Унгарци на факултет, па ги носевме во ресторанот Будимпешта“, раскажува московјанинот Сергеј.

Културното минување време во ресторани беше својствено и за писателите, за новинарите и за познатите глумци, кои во советско време убаво заработуваа, а понекогаш премногу добро. „Одевме на театар и во ресторани“, пишува Сергеј Довлатов во зборникот новели „Компромис“. „Накусо, водевме живот вообичаен за креативната интелигенција“.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа