
Оренбуршки кози и марами: 5 факти за специфичната раса кози со долго влакно

- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Оренбуршките фини марами практично немаат тежина, но греат дури и на лут мраз. Тајната лежи во посебната раса кози кои се одгледуваат само на југот на Урал.
1. Тоа се најкрупните кози со долго влакно

Оренбуршките кози, чие подвлакно го користеле локалните жители за правење многу топла облека, ги заинтересирале научниците уште во средината на XVIII век. Првиот истражувач на овој феномен бил Петар Ричков, експерт за Јужен Урал. Тој и неговата сопруга придонеле за ширење на народниот уметнички занает за плетење оренбуршки марами во Русија и во странство.
Потоа на сцена стапиле селекционерите: уралските кози биле вкрстени со други долговлакнести кози, меѓу другите, со кашмирските кози кои пристигнале на Урал од Централна Азија, и донските кози од јужниот дел на Русија.
Токму во XIX век ширум светот се појавил интерес за сè што е руско, а особено за руските уметности и занаети. За да се произведат поголемо количество фини и лесни марами за извоз, биле потребни повеќе суровини, односно козјо подвлакно.
Како резултат на селекцијата, биле добиени кози кои не само што имаат фино меко подвлакно, туку се и покрупни. Женките тежат во просек 55 килограми, а мажјаците 90. Тие се најголемите кози со долго влакно на светот (на второ место е исто така раса од Русија: донската коза, чии женки тежат 45, а мажјаците 75 килограми).
Оренбуршката раса беше официјално внесена во Државниот регистар дури во 1993 година.
2. Можат да живеат само на Јужен Урал

На Јужен Урал владее сурова континентална клима, со температури до -40 во зима и +40 во лето. За зимата во овие краишта се карактеристични и силни ветрови, виулици и влажен снег, додека лете се чести сушни периоди.
Времето се менува неколку пати на ден. Во тие услови, козите станаа многу издржливи. Во текот на денот престојуваат на отворено, на природни пасишта, па дури можат и да спијат надвор. Локалните кози се прилагодиле на овие природни услови со тоа што добиле топло и фино влакно.
Лесните марами од Оренбург повеќе пати учествувале на меѓународни изложби во странство. Освоиле медали во 1862 година во Лондон, 1897 година во Чикаго и 1958 година во Брисел. Уште во XIX век трговците од странство се заинтересирале за оваа раса кози. Тие се обиделе да ги одгледуваат во Франција, Англија, Холандија, Австралија. Но, тоа не успеало, бидејќи по 2-3 години во различни временски услови козите го губеле карактеристичното подвлакно.
Оренбуршката коза толку се навикнала на животот на Јужен Урал што ретко се среќава во другите делови на земјата.
3. Подвлакното се менува во зависност од возраста на козата

Подвлакното се отстранува со чешлање двапати годишно во интервали од 2-3 недели. Првиот пат на крајот на февруари, а потоа во средината на март. На овој начин, од една возрасна коза може да се добијат 400-500 грама подвлакно (од крупните јарци и 600 грама).
Најфино, најтенко влакно имаат младите кози, но тоа истовремено е и најкратко. Како што расте козата, нејзиното влакно станува подебело и подолго.
Во април-мај, козата може да се истриже за да не ѝ биде премногу жешко во лето. Една коза од стрижењето дава 350-400 грама влакно, кое не е толку фино како чешланото подвлакно, но може да се користи за изработка на разна облека.
Иако оренбуршките фини и лесни марами обично се бели, повеќето кози од оваа раса се црни. Се среќаваат и бели, црвени, сиви и шарени кози. Предивото обично се фарба.
Нема смисла да се чуваат оренбуршки кози за млеко. Тие даваат помалку од 100 литри годишно, додека од млечните раси се добиваат околу 1000 литри млеко годишно.
4. Подобро е да не се користи чисто подвлакно

Подвлакното на оренбуршките кози самото лесно се плете во конец. Но, за да се добие марама, неопходно е на предивото да му се додаде вискозна свила или памучен конец. Содржината на подвлакното не треба да биде помала од 60%, но не поголема од 70%.
Во продавниците за материјали за ракотворби се продаваат калеми од чисто козјо подвлакно, но се претпоставува дека при плетењето самиот мајстор ќе додаде други конци во потребниот сооднос.
Ова е неопходно за марамата подобро да ја задржи својата форма и да трае подолго. Покрај тоа, физички е тешко да се исплете марама од чисто подвлакно.
5. Оренбуршките кози се најдоа на работ на исчезнување

Традиционално, овие кози се одгледуваат во Оренбуршката и Чељабинската област, во Башкирија, како и во некои краишта во Казахстан. Во советско време целото одгледување се одвиваше во шест колхози, а марамите ги плетеа мајсторите на оренбуршкиот комбинат. Но, во подоцнежните години на СССР, оренбуршките кози добиваа намалена финансиска поддршка од државата.
Ако на почетокот на деведесеттите имаше 185 илјади кози, денес ги има 50 илјади. Локалните производители го зачуваа уникатниот генетски фонд, како од советските совхози, така и од приватните одгледувачи кои продолжија да одгледуваат кози во текот на целиот тој период.
Денес, уралските фарми за оренбуршки кози добиваат субвенции од државата.