Како најлукавиот крадец во СССР доби 93 години робија, 9 пати избега од затвор и доживеа 100 години

Russia Beyond (Photo: Archive photo; Сергей Пятаков, Денис Абрамов/Sputnik)
Russia Beyond (Photo: Archive photo; Сергей Пятаков, Денис Абрамов/Sputnik)
Крадел од Херој на Советскиот Сојуз и заработувал на карти. Живеел во луксуз и добил стан во центарот на Москва од највлијателните советски државници. Ова е приказна за Лукавиот Вањка, највиртуозниот руски манипулатор на сите времиња.

На 29 септември 1971 година во станицата на милицијата во Сочи се појавил легендарниот воен пилот Григориј Козлов, херој на Советскиот Сојуз. Напишал изјава за кражба. Од неговата соба во одморалиштето „Златен клас“ исчезнале пенкало, сако, пасош, авионска карта, уверение на звање Херој и медал „Златна ѕвезда“. Навистина, додал дека ѕвездата не била златна, но бронзена. Имено, претпазливиот ветеран со себе носел копија за случајно да не изгуби толку вредно одликување. Но, документите биле оригинални!

Денис Абрамов / Sputnik Златна ѕвезда на херој на Советскиот Сојуз
Денис Абрамов / Sputnik

Милицијата веднаш заклучила дека станува збор за дилетант којшто не може дури ни да разликува копија од оригинал. Интересно било тоа што крадецот од собата на Козлев не зел ниту една рубља, само медалот. Тоа било случај кој во Советскиот Сојуз привлекол внимание, зашто ретко кој се дрзнувал да краде од хероите, најценети луѓе во земјата. Но, никакви траги не беа пронајдени. Случајот не напредуваше сѐ дури крадецот не го навести своето присуство.

Еден месец подоцна во милициската станица во Сочи се појави уште еден ветеран. Херојот на Советскиот Сојуз Пјотр Рогозин извести дека во лекувалиштето „Кавкаска ривиера“ некој манипулатор ја заменил неговата Златна ѕвезда со бронзена копија. Задолжениот за овој случај инспектор Малаев ги прераскажа зборовите на Рогозин вака: „Се симнувал по скалите, а Ѕвездата му паднала. Погледнал на медалот и забележал дека на него нема број. Тогаш сфатил дека е копија и повикал милиција“.

Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru Плажа покрај одморалиштето „Кавкаска ривиера“ во Сочи
Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru

Крадецот на медалот е уапсен дури една година подоцна во Москва. Тоа бил постар човек Иван Петров, познат како Лукавиот Вањка (рус. Ванька Хитрый), односно познатиот крадец со прекар „Ѕвездословец“. Но, не го интересирале само Златните ѕвезди. Кај Лукавиот Вањка пронајдени се и документи на полковникот на КГБ и пратеник на Врховниот Совет, диплома за правник и сведоштво за борец во Втората светска војна. Во својата колекција имал не само украдени, но и фалсификувани документи. На прашањето зошто крадел одликување Петров признал:

„Мислите дека тие нешта ми беа потребни само поради злато? Или за да се преправи и полесно да дрпа по џебови? Не, овие ѕвездички имаат поинаква вредност. Сите ние се делиме на понижени и оние што понижуваат, навредени и оние што навредуваат... А, јас страшно не сакав да се најдам во првата категории. А со ѕвезда човек не се турка во редици, не доживува грубости, службениците не омаловажуваат. Ако сакаш луѓето кон тебе да се однесуваат човечки – претстави се како Херој!“

Страв и омраза во Сочи

Лукавиот Вањка е роден во 1900 година во селото Пасинково во Тверската област. Живеел во голема сиромаштија и на крајот се решил за крадечкиот занает. На десет години ја извршил првата кражба, а на 16 за првпат е уапсен, додека првата казна ја отслужил на 25 години. Од 1925 до 1972 година 13 пати се нашол во затвор, бегал 9 пати, а осуден е на вкупно 93 години. Досега не се знае како секој пат му поаѓало од рака да му се мушне на чуварот на законот. Лукавиот Вањка дури успеал и да избега од познатиот Соловецки логор!

Иван Петров бил мошне шармантен и талентиран човек. Што е разбирливо, зашто инаку не би постигнал никаков успех во криминалниот свет. Притоа неговата надворешност оддишувала со елеганција. Имал малку груби, но правилни црти на лицето и проседа коса којашто влева почит. Манипулантот знаел да остави впечаток на дамите и да стекне доверба кај богатите и влијателни господа. На своите жртви им се претставувал под различни имиња: Авин, Гусков, Абдершин, Кокора, Дјачков, Серебрјаков. Познати се 14 негови псевдоними.

Ова е единствената позната фотографија на Лукавиот Вањка. Не сме сигурни дека тоа е навистина тој, но токму оваа фотографија беше прикажана во телевизиската емисија „Водена е истрага...“

Лукавиот Вањка сакал раскош. Постојано патувал по земјата и престојувал по хотели, се одморал во елитни одморалишта, вечерал во најскапи ресторани и одел на најпознатите театарски премиери. Летото секогаш го минувал на море – во Јалта, Батимија, Гагра. Но, најмногу го сакал Сочи.

Иван Панов/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru Сочи – главното летувалиште на Советскиот Сојуз
Иван Панов/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru

Од белешките на полицијата на управата на градот Сочи:

„Бран тужби од лица кои се изманипулирани ја преплави милициската станица во Сочи. Затоа во 1969 година задачата за борба против карташите при Управата за внатрешни работи му е доверена на постариот поручник Лукашов, кој на работата ѝ пристапи совесно и ги собра не само сите изјави од жртвите, но и фотографии од сите професионални карташи. Така во видното поле на милицијата се појави извесен Бабларјан со прекар Пиндос, Петров (Лукавиот Вањка), Кирни, Даржанија, Бирјуков и други. Тие, водејќи асоцијален, паразитски начин на живот, живееја од картање“.

Николай Адамович / TASS
Николай Адамович / TASS

Да ја погледнал оваа белешка, Лукавиот Вањка можел да се навреди што милицијата го споменала само како „еден од“. Зашто во криминалните кругови имал репутација на најугледен и на највиртуозен манипулант со карти. Дневниот „приход“ на овој искусен карташ понекогаш надминувал илјада рубли. За време на тогашниот СССР тоа биле баснословни пари коишто на Лукавиот Вањка му овозможувале раскошен живот за кој тој сонувал од детството.

За татковите гревови

Во паузите помеѓу кражбите, картањата и бегањата од затвор Лукавиот Вањка стасал двапати да се ожени. Евгениј Петров, едно од неговите три деца, заземаше престижна положба на коментатор во главната редакција за пропаганда на Сесојузното радио. Поради успешната кариера мораше да премолчи кој му е татко зашто во СССР на децата на долгогодишните криминалци им беше затворен патот кон високото општество.

„Вистината ја дознав во десетто одделение. Татко ми ме стави пред себе уште во неопремената кујна на московскиот стан. И, гледајќи ме право во очи, почна да ми раскажува за својата вештина на манипулирање и кражби. Тоа беше страшно. Татко ми ми рече дека е мафијаш. И дека ќе си го упропастам животот ако некому некогаш кажам нешто за тоа“, изјави Евгениј Петров на сослушувањето.

Лукавиот Вањја продолжи да живее од криминал и не се интересираше многу за Евгениј. Меѓутоа, години подоцна крадецот, откако дозна за високата положба на својот син, се врати во неговиот живот.

„Еднаш се појави татко ми, како и секогаш неочекувано, и по повод свадбата ми подари 16 илјади за кола. А, потоа дојде со формулари за некој документ. Сакав да го избркам. Но, повторно извади пари. И напомена дека луѓето на работа можат да дознаат чиј сим сум јас. Почнав да правам што бараше. Се плашев дека ќе изгубам сѐ што имам. Го чекав татко ми со нови подароци и го мразев поради стравот што ми го влеа“.

Марк Захаров/ Творческое объединение «Экран», 1976 Понекогаш може да ви се стори како Лукавиот Вањка да се огледал на Остап Бендера, јунак од романот на Иљф и Петров. Кадар од филмот „Дванаесет столчиња“.
Марк Захаров/ Творческое объединение «Экран», 1976

Евгениј му помагал на татка си да фалсификува докоменти. Исто така му асистирал на Лукавиот Вањка во една од своите главни авантури: му помогнал да напише молба на генералниот секретар на СССР Леонид Брежнев. Манипулантот се претстави како поранешниот борец Александар Денисов, кој војуваше заедно со Брежнев во 18 армија во текот на Втората светска војна, и бараше стан и право на постојан престој во Москва.

Лукавиот Вањка толку вешто лажеше што на неговата молба одговорија моќниот секретар на ЦК на КПСС Суслов и претседателот на Президиумот на Врховниот Совет на СССР Подгорин. Тие наложија на „борецот“ и „трудбеник“ Денисов да му се даде двособен стан во престижна зграда во самиот центар на Москва.

По извесно време манипулацијата е откриена. Инспекторите го анализираа ракописот и утврдија дека автор на писмото не е никаков Денисов, но коментаторот на главната редакција за пропаганда на Сесојузното радио Петров. Така Евгениј се најде на обвинителна клупа заедно со татка си. На едно сослушување тој призна: „Сега сфаќам дека најстрашно нѐ излажа мене и мајка ми. И тоа нема никогаш да му го простам“.

Последниот случај

Криминалната биографија на Лукавиот Вањка е завршена пролетта 1972 година. Тогаш се обиде да опљачка купувач во продавницата „Берјозка“ во Москва. Му го извлече на познатиот стоматолог Кушнер паричникот, со тоа што му го одзеде вниманието со ѕвездата што му виси на сакото и со приказните за италијанската мода. Но, Кушнер бргу се свести и лично го фати Вањка кога тој се обиде да се скрие во уличниот метеж“.

Всеволод Тарасевич/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru Во милициска станица
Всеволод Тарасевич/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru

Во милициската станица кај криминалецот е пронајдено уверение за звање Херој на Советскиот Сојуз на име Григориј Козлов. На сослушувањето Вањка вешто зборувал и ги убедил инспекторите дека неговата лична карта е во станот на неговиот воен другар во Крјуково, кај кого допатувал на гости од Ленинград. Додека милиционерите го проверувале овој исказ, Лукавиот Вањка го извел својот омилен трик: се правел дека се онесвестил, а потоа избегал од болницата.

Но, милицијата веќе имаше собрано многу факти, а што е најважно, сега имаа и фотографија од криминалецот. Наскоро искусните инспектори во него го препознаа прочуениот манипулант Иван Петров. Лукавиот Вањка е уапсен неколку дена подоцна во омилената Сандуновска бања. Не давал отпор. Очигледно дека остарел и се изморил од бегање. Во џебот му беше пронајден документ на име на мајор Авин, поранешен соработник на СМЕРШ.

Константин Кримски / TASS Сандуновската бања – омиленото место на советската елита
Константин Кримски / TASS

Лукавиот Вањка е осуден на 10 години затвор. Откако ја отслужи својата последна казна излезе на слобода во 1982 година и повеќе никогаш не беше уапсен. Овој легендарен манипулант, врсник на 20 век, почина во 2000 година со навршени 100 години живот.

<