Со што се занимава Хабиб Нурмагомедов по повлекувањето од УФЦ?

Chris Unger/Zuffa LLC / Getty Images
Chris Unger/Zuffa LLC / Getty Images
Излезе дека поранешниот неприкосновен шампион на борбите без правила во лесна категорија има многу други вештини покрај својата разбивачка моќ.

Промотор

Chris Unger/Zuffa LLC / Getty Images
Chris Unger/Zuffa LLC / Getty Images

По повлекувањето од УФЦ Хабиб Нурмагомедов ја купи руската ММА промоција „Gorilla Fighting Championship“ за 1 милион долари. Ја преименуваше во Eagle Fighting Championship (ЕФЦ) и продолжи да ја развива компанијата.

Нурмагомедов ја промовира ЕФЦ како билет за УФЦ за борци кои сакаат да потпишат договори со најголемата светска промоција ММА.

„Би сакал да склучам договор што ќе им овозможи на борците на ЕФЦ да преминат во УФЦ. Да преговараме за условите. На пример, нашиот борец победува во шест борби и ја одбранува титулата, а ние гарантираме дека ќе премине во УФЦ. И таму ќе се занимаваме со неговата кариера. Многу организации велат дека се натпреваруваат со американската промоција. Но, ние разбираме дека сите борци се стремат да се борат во УФЦ и сакаме ЕФЦ да биде влезница за тоа“, рече Хабиб во едно од неговите интервјуа.

Во јануари 2022 година ЕФЦ промоцијата го одржа својот прв настан во Мајами, Флорида.   

Бизнисмен 

Покрај тоа, Хабиб се здоби со удел во повеќе претпријатија низ Русија. Неговите деловни интереси ги вклучуваат индустријата за фитнес, исхрана, па дури и мобилни оператори.

На пример, Хабиб го најави лансирањето на мобилната апликација за обука и вежбање „OctaZone“ во декември 2020 година. Апликацијата нуди персонализиран фитнес-план дизајниран од Хабиб и содржи видео упатства од овој светски шампион.

OctaZone
OctaZone

Во 2020 година Хабиб лансираше нов мобилен оператор кој стана познат како „Eagle Mobile by Khabib“, станувајќи еден од косопствениците на новата компанија.

Eagle Mobile by Khabib
Eagle Mobile by Khabib

Покрај тоа, Хабиб поседува и нутриционистичка компанија наречена „Fitroo“ која произведува и дистрибуира протеински плочки и други нутриционистички производи.

FITROO
FITROO

Згора на тоа, се наведува дека Хабиб планира да основа синџир на фитнес-клубови наречени „Khabib Gym“. Наводно, првите клубови ќе бидат отворени во Москва некаде во блиска иднина.

Тренер 

Иако Хабиб се повлече од УФЦ, поранешниот борец продолжува да присуствува на настаните на оваа промоција, сега во својство на тренер. На пример, тој го тренира новиот шампион на УФЦ во лесна категорија Ислам Махачев, кој го победи Бразилецот Чарлс Оливеира за време на УФЦ 280 во Абу Даби.

Што се однесува до тоа дали еден од најпознатите борци на УФЦ некогаш ќе се врати во октагонот, Хабиб вели дека големите пари се единствениот поттик што може да го оствари тоа. „Престанав да уживам во победите [во УФЦ]. Не сум заинтересиран да се борам повторно. Но, ако подобро размислам, ако ви понудат 100 милиони долари... Е,  тоа веќе станува проблем“, призна тој во едно од своите интервјуа.

Само времето ќе покаже дали некогаш ќе се појави доволно добра понуда која ќе го привлече Хабиб назад во октагонот.

<