Што се случило со потомците на Гагарин?

Александар Моклецов / Sputnik
Александар Моклецов / Sputnik
Јуриј Гагарин стана олицетворение на соништата за освојување на космосот, но живееше обичен земски живот со саканата сопруга и со двете ќерки. Што прават денес тие и со што се занимаваат?

Сопругата на Јуриј Гагарин, Валентина Ивановна, му беше верна на својот сопруг и по неговата смрт. Целиот живот го мина во Ѕвездениот град во Московската област, онаму каде што ги мина најубавите години со саканиот сопруг. Не се премажи. Според нејзините ќерки Елена и Галина, смртта на сопругот за неа била толку болна што не сакала да зборува за тоа.

Вдовицата на првиот космонаут водеше повлечен и тивок живот, и не даваше интервјуа. Меѓутоа, подоцна, за зачувување на сеќавањето на Јуриј Гагарин, ја напиша книгата „108 минути и целиот живот“. Валентина

Ивановна почина на 17 март 2020 година во својата 85 година.

Децата на Јуриј Гагарин

Елена Гагарина

Александар Моклецов / Sputnik Гагарин во својот стан со сопругата Валентина и со ќерките Елена и Галина, 1967 година
Александар Моклецов / Sputnik

Постарата ќерка имаше само 11 години кога загина Гагарин. Таа со топлина се сеќава на својот татко и вели дека тој ѝ ја всадил љубовта кон уметноста. „Ѝ припаѓаше на генерацијата којашто имаше многу малку можности [Гагарин и семејството на неговите родители биле под германска окупација], и затоа сите тие по војната со голем жар се интересираа за сѐ“, вели Елена во интервју посветено на својот татко кој покрај космосот бил фасциниран од историјата и од уметноста. „Еден негов пријател ми рече дека тато, кога бил во Москва, одел во Пушкинскиот музеј на предавања за уметноста“.

Тоа веројатно и влијаело на изборот на идната професија на Елена. Таа одлучила да стане стручњак во областа на ликовните уметности.

По завршувањето на факултетот се вработила во Пушкинскиот музеј каде што на почетокот се грижела за англиската графика. И следните дваесет години ги посветила на англиската уметност од 18 век.

Артјом Геодакјан / TASS Генералниот директор на Музејот на московскиот Кремљ Елена Гагарина во Оружејната палата.
Артјом Геодакјан / TASS

Нејзината кариера и денес е поврзана со уметноста, со историјата и со менаџментот на уметноста. Елена повеќе од дваесет години е генерален директот на Музејот на московскиот Кремљ. Освен тоа, таа е член на Комисијата за соработка со УНЕСКО и е член на Патријаршскиот совет за култура.

Од првиот брак со филмскиот снимател Елизбар Караваев ја има ќерката Екатерина.

Галина Гагарина

Јуриј Стрелец / Sputnik Космонаутот и херој на Русија Олег Кононенко и ќерката на првиот космонаут Галина Гагарина (во прв план одлева надесно) во Музејот и изложбен центар „Самара космичка“, 2011 година.
Јуриј Стрелец / Sputnik

Галина имала само 7 години кога останала без татка си. Зборувајќи за него, таа се сеќава на заедничките излети во природа, како и татковата љубов кон животните. „Ако имаше неработна недела, одевме во шумата, беревме печурки и шетавме. Сакавме да се возиме со чамец (тато го доби на подарок во Шведска) по Химкинското акумулациско езеро, кога организиравме излет“ се сеќава Галина.

Галина се стекнала со економско образование, а потоа станала доктор на економски науки. Сега работи како шеф на катедрата за економија на Рускиот економски универзитет „Г.В. Плеханов“ и е почесен просветен работник во високото образование на Руската Федерација.

Во 2011 година Галија поднела пријава за регистрација на заштитен знак со името на својот татко – „Јуриј Алексеевич Гагарин“. „Зошто тоа би било за осуда во услови кога сите заработуваат на името на Гагарин? Зошто некој тоа да не го направи за своето семејство?“, изјави таа. Експертите тогаш проценија дека брендот „Гагарин“ вреди една милијарда рубли.

Сопругот на Галина е Константин Кондратчик, доктор на онкологија и хематологија. Го имаат синот Јуриј.

Внуците на Јуриј Гагарин

Екатерина Караваева

Вјачеслав Прокофјев / TASS Директорката на Одделот за меѓународна и изложбена дејност на Музејот на московскиот Кремљ Екатерина Каравајова.
Вјачеслав Прокофјев / TASS

Внуката на првиот човек во космосот решила да тргне по мајчините стапки и дипломирала на Историскиот факултет на Московскиот државен универзитет. Потоа долго, како и мајка си, работела во Музеите на московскиот Кремљ. Денес е омажена за дипломатот Павел Внуков и живее во Лондон.

Јуриј Кондратчик

Јуриј Смитјук / TASS Хабаровск, Генералниот директор на Меѓународниот аеродром во Хабаровск Јуриј Кондратчик.
Јуриј Смитјук / TASS

Галина на својот син единец му го дала името по дедо си, иако тој не сакал да го земе познатото презиме зашто, како што вели самиот, не сака да ја рекламира својата роднинска врска со првиот космонаут и ја избегнува јавноста.

„Морам да признам дека кога дојде време да добијам пасош, имав таква мисла [да го земам презимето Гагарин]. Но, сепак, се откажав. Помислив дека не би било во ред кога ќе побараат да се претставам, да кажам дека се викам Јуриј Гагарин“, изјави тој во едно од ретките интервјуа.

Јуриј за себе вели дека е „обичен човек“, односно дека не е на дедо си. Уште како дете сакал да стане лекар, но сепак тргнал по мајчините стапки и се стекнал со економско образование. Меѓутоа, на почетокот својата работа сепак ја поврза со небото. Имено, беше раководител на аеродромот во Хабаровск. Јуриј се обиде и да се кандидира за пратеник, но немаше успех.

Моментално е генерален директот на сопствена концесиска компанија којашто се занимава со изградба на патишта.

Неодамна Јуриј и неговата сопруга добија син, така што големиот космонаут Јуриј Гагарин има и правнук!

<