Како тригодишно девојче помина 12 дена во тајгата и преживеа!
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Олом е мало јакутско село. Во него живеат само неколку семејства и сите се стари луѓе. Околу нив се протега тајга и мочуришта. Најблискиот град се наоѓа на 70 километри од Олом. Нема телефонски врски, а ни директен сообраќај.
Во ова село кон крајот на јули 2014 година на гости кај роднините дојдоа Карина Чикитова и нејзината 21-годишна мајка. Карина имаше 3 години и 8 месеци. На 29 јули девојчето се разбуди, појадуваше пржени лепчиња и отиде да си игра надвор со кученцето по име Кирачан, што на јакутски значи „бебе“. И исчезна.
Првиот ден
Тој ден мајката на девојчето работеше во амбарот и детето требаше да го чува баба ѝ. Но, старицата после појадокот заспа, а кога се разбуди помисли дека детето е со мајка си.
Вечерта жените се сретнаа, не ја видоа Карина и заклучија дека е кај татко ѝ. Имено, тој долго време живеел со ново семејство и планирал тој ден да дојде во Олом и да ја земе ќерка си да остане неколку дена кај него.
Меѓутоа, три дена подоцна таткото на Карина се појави сам во Олом. „Не ја зедов ќерка ми со мене“, рече тој, објаснувајќи дека дента кога таа исчезна бил итно испратен на службено патување.
Тогаш во селото забележаа дека заедно со девојчето исчезна и нејзиното омилено кученце.
Дури и добро облечените мажи ѕемнеа
Потрагата започна третиот ден по исчезнувањето. Полицијата веднаш покрена кривична постапка врз основа на членот „убиство“. Во потрага по детето тргнаа околу стотина спасувачи и доброволци. Дивиот терен во радиус од 30 километри го пребаруваа водичи со кучиња и дронови.
„Со секој ден од потрагата губевме надеж, особено кога видовме мечка во близина“, изјави еден од учесниците во потрагата.
Дивите животни навистина беа во движење, обидувајќи се да се оддалечат што е можно подалеку од шумските пожари. Покрај тоа, поради пожарот во тајгата, видливоста беше слаба, воздухот беше полн со смог. Имаше мала надеж и затоа што ноќе во тој крај и дури и лете температурата се спушта до минус еден. „Беше исклучително студено ноќе: се будев треперејќи иако спиев во вреќа за спиење“, рече еден спасувач.
Се сметаше дека е невозможно во такви услови да се најде детето. Особено откако во мочуриштето беа пронајдени нејзините потонати чизми и јакна. Тоа значеше дека Карина останала само во чорапи и маичка, а дури и топло облечените мажи притоа ѕемнеа во вреќите за спиење.
Пресвртот се случи на деветтиот ден по исчезнувањето: неочекувано во селото дојде кучето на Карина. Гладно, валкано и преплашено. Кучето одбиваше да го напушти дворот и да ги одведе луѓето таму од каде што дојде. Но, кучињата трагачи почнаа да ја следат трагата. Тоа помогна. Сепак, не успеаја веднаш да ја најдат Карина, туку дури три дена подоцна.
„Берела трева за легло, јадела бобинки“
„Таа седеше во густиот шевар и молчеше. Не ја ни забележав. Таа самата ме виде и ги подаде рацете. Ја зедов, беше толку ситна, лесна како пердув. Нозете, рацете и лицето целосно изедени од комарците до крв. Исплашена до смрт, без чевли. Веднаш побара вода, рече дека е гладна. И заплака“, раскажа волонтерот Артјом Борисов, кој го најде девојчето.
Пронајдена е на 6 километри од Олом на дванаесеттиот ден од потрагата. Се изгубила во шумата кога си играла со кученцето. „Таа едноставно не можеше физички да преживее речиси две недели во такви екстремни услови“, се чудеа спасувачите. За 12 дена детето изгуби третина од својата тежина. Сето тоа време се хранела со бобинки, пиела вода од потокот и ноќе се греела до кученцето.
„Ме изненади тоа што детенцето знаело како да се подготви за спиење: го бирала местото, берела трева за леглото. Преживела во голема мера благодарение на кучето. Важно е во таква ситуација до човекот да има жива душа“, се присетува новинарката Викторија Габишева, која напиша книга за тоа.
Карина помина повеќе од 20 дена во болница. Можеше да јаде само добро иситнета храна и не стануваше од кревет: не можеше поради изранетите и искасани нозе.
Овој настан целосно ѝ го промени животот. По овој случај девојчето доби огромно внимание. Година дена подоцна на аеродромот во Јакутск ѝ беше подигнат споменик на неа и нејзиното куче.
Се запиша во балетско училиште во Јакутск. Денес се занимава со балет и сонува да игра во „Лебедово езеро“.