GW2RU
GW2RU

14 најнеобични слободни работни места во Русија

alexsl, Anna Frank / Getty Images
Работа од соништата постои! Треба само да ја пронајдете меѓу големиот број слободни работни места. Можеби позицијата на инструкторка за фрлање секира или дадилка за мошусна патка е токму она што одамна сте го посакувале :)

Актер-пациент

photographer / Getty Images

Се бара актер-пациент кој совршено го проучил атласот на човечките болести и може убедливо да ги демонстрира. И во исто време да утврди дали докторот поставил правилна дијагноза и препишал третман, дали коректно комуницирал со пациентот или „си играл доктор Хаус“. Задачата не е лесна, но е одлична можност да ги испробате вашите актерски способности и да учествувате на испити во улога на пациент.

Мајстор на игра

maksim kulikov / Getty Images

Гуру на друштвените игри, мајстор за шаховски задачи со повеќе потези и волшебник од бајките - ништо не е невозможно за мајсторот на играта. Барем кога станува збор за светот на друштвените игри. Идеално работно место за оние кои сакаат игротеки (и знаат како да ги организираат), се подготвени да им објаснуваат различни игри на луѓето и да ги играат на неочекувани локации.

Одговорно лице за позитивни емоции

Anna Frank / Getty Images

Ова е дури и поинтересно од работното место на „лице одговорно за романтика“. Човек кој зрачи со радост и шири позитивно расположение, неговата задача е да ги расположи сите оние кои ќе доживеат неуспех и да ги потсети дека после пораз следува победа. Треба да биде подготвен за вечерни забави и во секој момент да учествува во муабети на пријатни теми.

Тестер на перници 

C.J. Burton / Getty Images

Работа од класата „кога спиењето на работно место уште и добро се плаќа“. Се разбира, активниот човек тешко ќе се избори со таквите обврски: брзо ќе заспие, ќе потоне во длабок сон и ќе ја тестира тврдоста на перницата на најбрутални начини - може дури и да ја гризне, ако тоа му помогне. Најважно е потоа да напише извештај и по потреба да ги изнесе своите впечатоци на прес-конференција. Освен тоа, кандидатот треба да има стабилни нерви, а пожелно е работно искуство како каскадер. Можеби за да се одбрани чудовиштата под креветот - кој знае?

Дегустатор на кучешка храна

vossphotography / Getty Images

Не е шега: некој мора да го процени квалитетот на она што го јадат нашите миленици. Таквото лице треба да ги провери сите параметри: од пакувањето и обликот на гранулите или галетите, нивната боја, мирисот и вкусот. И, исто така, да ги споредува производите од различни производители и да прави видеокоментари.

Дадилка за животни во „кафуле со јазовци“

Photodisc / Getty Images

На честите херои на видеата на YouTube - симпатичните јазовци, им треба грижа од одговорна личност. Таа треба да ги чисти и нахрани овие животни со меко крзно, да организира тури за посетителите на кафулето и да се грижи за благосостојбата на животните. Потребно е само да ги сакате јазовците, но изгледа дека речиси сите го задоволуваат овој критериум.

Инструктор за фрлање секира

FOTOGRAFIA INC. / Getty Images

Работа за вистински викинзи. На крајот на краиштата, не е потребно искуство во фрлање ладно оружје, доволна е желбата да ја научите оваа вештина и потоа да одржувате обуки, па дури и турнири за други заинтересирани. Всушност, работата не подразбира многу одговорности, освен повремено острење на секирчињата и менување на метите. А и работното време не претставува товар: по 6-8 часа. Се плаќа на час: 250 рубли. И не мора да имате своја секира.

Тапкач на патеки  

borchee / Getty Images

За оние кои сонуваат да побегнат од загушливата канцеларија, работата за тапкање патеки е вистински погодок. Можете дури и да одите со целото друштво од градот до еко-паркот и да одите во колона за да ги тапкате патеките кои ќе изгледаат што поприродно. А ако ви здодее друштвото, изберете некое катче во паркот и тргнете да ја тапкате  патеката сами. Се работи во смени и не е потребно никакво посебно искуство.

Дегустатор на коктели

Tara Moore / Getty Images

И од љубовта кон алкохолните пијалоци исто така може да се направат пари. За ова, потребно е да дегустирате најмалку десетина коктели во една вечер, да учествувате во експерименти поврзани со комбинирање на различни вкусови и да ги изнесете вашите впечатоци (што не е лесно, но е неопходно). И - што е исто така важно - треба да умеете брзо да се отрезните.

Чувар на богатство

JeremyTolbert / Getty Images

На одговорното лице за чување богатство во подрум и потпишување волшебни ракописи работодавците се подготвени да му обезбедат превоз со службено возило до работа, специјална облека и бесплатна храна, па дури и попусти на зеленчук. Иако зад називот од бајките  веројатно се крие прозаичната должност на магационер, секој понекогаш би посакал да чита магични ракописи во работното време.

Дадилка на мошусни патки

RyanJLane / Getty Images

Барањето работа надвор од големиот град може да ве доведе до туристички центар каде живеат секакви животни на кои им е потребна грижа. Дадилката на мошусните патки и другите жители на овој зелен рај има задача да ги храни и пои своите штитеници. А за тоа работодавците ѝ ветуваат стан, бањски лекување и фитнес-тренинзи.

Чувар на мравки

Vladimir Dyavhkov / Getty Images

Не само јазовците и мошусните патки имаат потреба од грижа, туку и мравките. Ова е работа за оние кои ги сакаат инсектите и знаат како да им ги обезбедат потребните услови за живот, а исто така знаат и да им кажат на другите луѓе за нив.

Фалбаџија

FabioFilzi / Getty Images

Дури и мачката сака да слушне убав збор, а камоли муштериите во продавница. Работата е идеална за оние кои сакаат да го споделат својот позитивен став кон животот со другите: треба да ги фалите клиентите и да им давате комплименти. Насмевката е задолжителен дел од работата. За да можете со леснотија да кажувате пријатни работи, работодавците ќе ви платат сесии со психолог.

Пријател

SDI Productionsi / Getty Images

И такви работи се случуваат: луѓето бараат пријатели и разговори од срце. А тоа чини само 400 рубли на час. Зошто да не? Зашто дури и вашата мачка може да се вработи – како крзнен тестер за кутии.