Сибирски хаски: Пет факти за „најруското“ куче (ФОТОГРАФИИ)

Светлана Шевченко / Sputnik
Светлана Шевченко / Sputnik
Овие убавци со сини очи се претставници на една од најстарите раса кучиња на планетата. Постојат цела низа неверојатно добри особини, вклучително и исклучителна отпорност на мраз и издржливост.

1. Древно запрежно куче на автохтоните народи на Северот

Иљја Најмушин / Sputnik Запрега хаски од екипата на Краснојарскиот парк на флората и фауната „Ројев ручеј“.
Иљја Најмушин / Sputnik

Хаски е заеднички назив за неколку раси кучиња за влечење кои живееле во арктичкиот регион. Сибирските хаски се раса што ги одгледале Чукчите на североистокот од Сибир – на Чукотка и на бреговите на Охотското море. (Овие „приморски“ Чукчи дури и се третирале како одгледувачи на кучиња, за разлика од Чукчите одгледувачи на ирваси кои живееле малку подалеку од морските брегови).

Се смета дека сибирските хаски се една од најстарите раси кучиња, а научниците веруваат дека живееле во првиот милениум пред нашата ера.

Кирил Калиников / Sputnik
Кирил Калиников / Sputnik

Автохтоните народи на Чукотка кои се занимавале со лов и со риболов со векови користеле запрега со хаски за превоз. И не само чукчите, ами и Јукагирите, Кереците и Ескимите. Се верува дека зборот „хаски“ всушност е изместено „ески“, што значи Ескими.

Русите ги освоиле Чукотка и Далечниот Исток во 17 и во 18 век, и веќе тогаш ги ценеле можностите на овие сибирски кучиња. Ги користеле хаските како свој главен транспорт (коњите не биле прилагодени за живот во толку студени услови) и ангажирале локални „кајури“, искусни гоничи на кучешки запреги.

2. Минуваат големи растојание и не се плашат од ниски температури

Александар Патрин / Sputnik Учесници на скијоринг
Александар Патрин / Sputnik

Густо влакно, компактна телесна градба, силни и јаки плеќи и одлично здравје – тоа е сѐ што им е потребно на овие кучиња за живот во тешките климатски услови на крајниот Север. Тие не само што успешно преживуваат, ами имаат и уникатни физички способности кои им овозможуваат без замрзнување да преминат огромни растојанија, и по кратка пауза да го продолжат патот.

Овие кучиња не се грижат за ниските температураи и можат да спијат на снег, а им е потребно многу малку храна. Чукчите ги хранеле хаските со замрзната или со сушена риба.

Иљја Најмушин / Sputnik На финишот
Иљја Најмушин / Sputnik

Оние што сакаат да чуваат вакво куче во стан, во затворен простор, треба да бидат свесни за овие нивни особини. Мораат долго време да минуваат со нив во прошетка зашто тие во гените имаат потреба да трчаат. Покрај тоа, современите одгледувачи предупредуваат дека хаските толку многу ја сакаат слободата што се склони кон бегство. Од друга страна, послушни се и лесни за дресура.

Со оглед на тоа што овие кучиња отсекогаш биле во друштво на човекот, речиси како членови на семејството, тие се мошне друштвени и имаат ведар карактер.

Иљја Најмушин / Sputnik На финишот
Иљја Најмушин / Sputnik

Сибирските хаски речиси никогаш не лаат, но можат да завиваат, особено ако се тажни. Одгледувачите им советуваат на сопствениците да не чуваат само едно куче. Ако се две, ќе им биде многу поинтересни (и помала е веројатноста дека ќе го демолираат станот и дека ќе го изгризат каучот).

3. Американците ги признаа како раса

Александар Патрин / Sputnik Учесници на скијоринг
Александар Патрин / Sputnik

За време на американската „Златна треска“ хаските од Сибир се доведени на Алјаска, чие локално население било во сродство со староседелските народи на рускиот Далечен Исток. Подоцна започнаа често да се користат и за трки. Се верува дека современата одгледувачка раса сибирски хаски е добиена на почетокот на 20, и од запрежни кучиња се создадени тркачки кучиња, способни да развијат големи брзини, а притоа не ги имаат изгубено своите стари добри особини.

Американскиот кинолошки клуб „сибирскиот хаски“ го регистрираше во САД како раса во 1930 година, а во 1960 година под бројот 270 сибирскиот хаски се појави и во класификацијата на Меѓународната кинолошка федерација.

Александар Патрин / Sputnik Учесници на скијоринг
Александар Патрин / Sputnik

Патем, бојата на хаски може да биде различна, а најраспространета е црно-белата и сиво-белата. Женките се тешки до 23 килограми, а мажјаците до 28 килограми. Нивниот животен век е од 12 до 15 години.

4. Имаат спасено илјадници луѓе

Carrie McLain Museum/AlaskaStock/Public Domain Гоничот Леонард Сепала со кучињата (кучето Того е одлево)
Carrie McLain Museum/AlaskaStock/Public Domain

Во историјата на расата сибирски хаски постои необичен случај кога физичките способности на овие кучиња помогнале да се спасат голем број луѓе од епидемија на дифтерија. Градот Ноум, кој се наоѓа далеку на Алјаска е изолиран од надворешниот свет, зимата 1925 година пријави избивање дифтерија меѓу индијанските деца.

Потребно било во градот да се испорача серум против дифтерија, но силните мразови и снежната бура ги блокираа железничкиот и секој друг сообраќај. Тогаш норвешкиот гонич Леонард Сепала организираше штафетна експедиција до овој град. Требаше што поскоро да се совладаат 1.085 километри низ страшната бура и низ мразот, и да се достави спасувачкиот серум.

Brown Brothers/Public Domain Гоничот Гунар Касен и кучето Балто.
Brown Brothers/Public Domain

Запрегата на Сепала јуреше дење и ноќе, еднаш дури се најде и на санта мраз која се одвои од останатата маса мраз и слободно пловеше. Запрегата без престан мина 418 километри, по што кучињата буквално паднаа од замор. Во штафетата која влезе во историјата како „големата трка на милосрдието“, учествуваа вкупно 20 гоничи и 150 кучиња. По оваа трка особено се прославија Того и Балто, две кучиња предводници на запрегата. На крајот вакцината беше испорачана за само пет дена и епидемијата беше успешно запрена.

5. Извонредни спортски особини

Виталиј Белоусов / Sputnik Каникрос, учесници на трките со кучиња „Брзо куќе“, Битцевска шума, Москва.
Виталиј Белоусов / Sputnik

Зимското возење со санка што ја влечат хаски стана популарна атракција во Русија. На некои им е жал што кучињата се принудени долго да ја влечат запрегата, но самите хаски поради тоа воопшто не се несреќни. Тоа од дамнина е нивната намена и нивен начин на живот. Запрега од девет или повеќе хаски влечела санка со сопствениците, со товарот и со уловот.

Токму со помош на хаски норвешкиот патешественик и истражувач Роалд Амундсен стаса до Северниот магнетен пол и го освои таканаречениот Северозападен премин. За 30 дена со кучешка запрега мина повеќе од 1.300 километри (еден ден рекордот му беше 65 километри за 10 часа).

Покрај забавното возење со кучешка запрега постојат и спортски трки со кучешки запреги, познати уште од 19 век. Спортистите учествуваат во повеќедневни трки со запреги.

Николај Хижњак / Sputnik Скијоринг, резерват на биосферата на висорамнината Лаго Наки.
Николај Хижњак / Sputnik

Во последно време во Русија станаа популарни спортовите како што се скијоринг (кога неколку кучиња влечат скијач), картинг (кога кучиња за картинг влечат мали кочии), бајкјоринг (трка на велосипедисти со кучиња) и каникорс (кога куче со јаже влече заврзан тркач).

<